Почетна Коментар Едноставни совети за умно-срдечната молитва
Едноставни совети за умно-срдечната молитва

Едноставни совети за умно-срдечната молитва

645
1

Многупати досега, по повод втората недела од Големиот пост, сум ви говорел за умно-срдечната молитва, пренесувајќи ви го учењето на светиот отец наш Григориј Палама, кој го познавам како мој личен застапник пред Бог, а со тоа и на Струмичката Епархија. Во оваа прилика сакам да нагласам дека посебни застапници на градот Струмица се Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, а на возобновеното монаштво на МПЦ – ОА е свети Наум Охридски. Заштитничка, пак, на Македонија е Пресвета Богородица. Овојпат ќе прочитаме еден прекрасен текст од свети Никифор Исихаст, исто така познат како „Италијанецот“, преку кој, се надевам, ќе ни стане посфатливо и учењето за молитвата на свети Григориј Палама.

Еве што вели свети Никифор Исихаст: „Ако пак, брате, и по многу труд не успееш да навлезеш во пределот на срцето, како што ти кажав, направи вака, како што ќе ти кажам понатаму, и со Божја помош ќе го најдеш бараното. Ти знаеш дека внатрешното слово на секој човек се наоѓа во неговите гради. Зашто внатре во градите, кога молчат нашите усни, ние разговараме со себе и твориме молитва, и псалми пееме или друго кажуваме. Така, со внатрешното слово, изгонувајќи од него секаква помисла (зашто можеш, ако сакаш), кажувај си ја кратката молитва ’Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!‘ – и принуди се, наместо каква и да е помисла, само таа секогаш да плаче внатре. Ако продолжиш да го вршиш ваквото дело непопустливо и со сето внимание, со време ќе ти се отвори преку ова и влегувањето во срцето, за коешто ти пишував, без секакво сомнение, како што и ние самите од опит сме познале“.

Ова е уште еден од оние светоотечки текстови кој не може да помине без многу солзи на покајание и разгорен копнеж по умно-срдечната молитва. Само да гледаме колку што можеме да го задржиме тој копнеж преку континуираното практикување на советите на свети Никифор.

Во напишаното од свети Никифор можеме да подвлечеме неколку битни информации: дека изворот на внатрешното слово е внатре во градите или поточно во срцето, дека со тоа внатрешно слово треба аскетски да се принудиме да ја кажуваме кратката молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“, дека треба да отфрлиме секоја друга помисла, дека треба постојаност и дека треба внимание. Каков заклучок може да извадиме од ова боговдахновено слово на светителот? Или што тој сака да нѐ поучи?

Свети Никифор, заедно со свети Григориј Палама и другите Свети Отци-исихасти нѐ поучуваат дека во подвигот на молитвата треба да ги вклучиме сите три сили на душата – и словесниот ум, и желбата, и волјата, од него командувани. Тоа дека и телото дава значаен придонес при молитвата се подразбира. Прво, ја вклучуваме примарната функција на умот и ја насочуваме неговата енергија кон Бог преку кратката молитва изговорена со внатрешното слово; второ, ја исклучуваме секундарната функција на умот – разумот, преку кој умот може да се расее поради дразбите од сетилата и демонските помисли; трето, постојаноста ја остваруваме преку правилно насочената волја; и четврто, вниманието го задржуваме преку правилно насочената желба, копнеж по Бог, но во дух на плач и покајание.

Ако вака човек постапува, најпрво ќе му се појави некакво чувство во околината на срцето; потоа тоа чувство ќе се претвори во топлина на срцето, а штом се појави топлината, таа самата ќе го привлекува нашето внимание кон срцето. Сѐ друго понатаму сум ви опишал во една постара беседа (види: „Демистификација на умно-срдечната молитва“, Школа за исихазам: основна, Велјуса, 2011, стр. 85–95). Она што е најбитно во цитатот на свети Никифор е дека внатрешното слово со кое ја кажуваме кратката молитва извира од срцето и дека нашето внимание треба да го насочиме кон изворот на внатрешното слово. Што, всушност, се случува во меѓувреме? Престојувајќи во овој подвиг, ние прво ја чистиме и преобразуваме енергијата на умот од сите демонски помисли и лаги, а притоа незабележливо се чисти и преобразува суштината на умот во срцето. Кога, еден ден, суштината на умот и духовното срце доволно ќе се очистат и преобразат, тогаш самата благодат на Крштението ќе се пројави од срцето и подвижникот сам ќе го познае местото на срцето, а енергијата на умот со многу мал напор ќе ја задржи во својата суштина и во Бог, затоа што енергијата природно си тежнее кон својата суштина и кон Бог.

naum-malaПресвета Богородице, Ти Која прва го пронајде и ни го подари овој сигурен пат до Бог, Ти Самата води нѐ по него и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *