Една година по назначувањето на првата жена на чело на ватиканска дикастерија, растат критиките за нејзиниот мандат

Date:

Share post:

На 6 јануари 2025 година, папата Франциск го изненади католичкиот свет со назначувањето на сестра Симона Брамбила за првата жена префект на ватиканска дикастерија – Дикастеријата за институтите на посветен живот и на апостолски живот. Со тоа таа презеде надлежност над повеќе од 600.000 монаси и монахињи ширум светот, вклучително и над 128.000 свештеници.

Иако назначувањето беше поздравено од голем дел од светските медиуми како „историски чекор“ и знак на отворање кон жените во Црквата, една година подоцна сè погласни се критиките од теолошките и црковнитекругови за насоката и резултатите од нејзиното раководење.

Сестра Брамбила, по професија медицинска сестра и доктор по психологија, доаѓа од мисионерската конгрегација „Консолата“, каде претходно била главна настојателка. Критичарите посочуваат дека за време на нејзиниот мандат бројот на монахињи и заедници во таа конгрегација значително се намалил, што отвора прашања за нејзините управувачки способности. Таа самата повеќепати изјавувала дека „бројките не се најважни, туку срцето“, нагласувајќи квалитативен, а не квантитативен пристап кон религиозниот живот.

Особено полемики предизвикува нејзиниот теолошки и мисиолошки пристап, обликуван под влијание на искуствата во Мозамбик и контактот со матријархалната култура на народот Макуа. Нејзините изјави за „женското и мајчинско лице на Бога“, како и за „учење од народите кои треба да се евангелизираат“, се оценуваат во теолошките кругови како отстапување од традиционалното католичко учење и харизмата на мисионерскиот повик.

Во меѓувреме, во самата дикастерија се споменуваат проблеми со организацијата, одолговлекување на постапките и правна несигурност во односите со поединечни монашки институти. Критиките често ја поврзуваат оваа состојба и со претходното раководство, но укажуваат дека во изминатата година не се забележани значајни подобрувања.

Поддржувачите на сестра Брамбила, пак, истакнуваат дека нејзиниот пристап е дел од пошироката визија на папата Франциск за „пасторална преобразба“ на Црквата и поголема вклученост на жените во управните структури. Според нив, отпорот кон нејзината работа често доаѓа од конзервативни кругови кои тешко прифаќаат промени.

Една година по историското назначување, дебатата околу улогата на сестра Симона Брамбила останува отворена и ги отсликува подлабоките тензии во Католичката црква меѓу традицијата, реформите и идеолошките толкувања.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img