
ДНЕВНИК: Мајка Тереза нема да биде единствена светителка од Скопје и скопскиот бискуп Иван Фрањо Гнидовец во ред да стане Светец
Поранешниот скопски бискуп Иван Фрањо Гнидовец, најверојатно, ќе биде новиот католички светец чие дејствување е поврзано со Скопје, со што македонска престолнина ќе стане феномен кога е во прашање Kатоличката црква, пишува денеска дневниот весник „Дневник“
Иницијативата за канонизација на овој скопски бискуп од времето на духовното созревање на Мајка Тереза и кој имал големо влијание таа да реши да стане мисионерка е поведена уште во 1977 година и се уште е во процедура. Меѓутоа, аргументите за неговото прогласување за светец не се поврзани со најпознатата светска хуманитарка која потекнува од Скопје, туку за она што бискупот Гнидовец го правел на овие простори за Kатоличката црква.
Предлагачите од Љубљанската надбискупија сметаат дека овој бискуп, по потекло Словенец, кој на чело на Скопската бискупија доаѓа во 1924 година и останува до својата смрт во 1939 година, со својот живот и делата што ги направил секако заслужил да биде светец.
Монсињор Анте Циримотиќ од Kатоличката црква во Скопје неодамна за „Дневник“ изјави дека бискупот Гнидовец и отецот Фрањо Јамброковиќ биле двете личности што најсилно влијаеле врз одлуката на младата Гонџа Бојаџиу да почне да се грижи за сиромашните, болните и немоќните.
– Бискупот Гнидовец беше жив светител чии проповеди ги слушаше Гонџа одејќи редовно во катедралата. Тој беше како жив светител кој уживаше голема почит меѓу верниците во тоа време. Тој самиот живееше мошне скромно, сиот свој имот го подарил на луѓето. Тој сигурно ќе биде канонизиран и прогласен за светец со текот на времето, вели монсињор Анте Циримотиќ, за „Дневник“
Ватиканската Kонгрегација за кауза на светите кон крајот на 1977 година му дозволила на љубљанскиот надбискуп д-р Јоспи Погачник да ја започне постапката која официјално била поведе во февруари следната година. Сите документи што сведочат за неговиот доблестен живот биле испратени во Рим, а тој веќе тогаш ја доби титулата слугата на Господ.
Од 2006 година сите документи за него се наоѓаат во ватиканската Kонгрегација, која решава за прогласувањето светци. Во времето на папата Бенедикт XVI, во 2010 година тој доби и статус преподобен, што е сигурен знак дека постапката за него оди кон крајот, кој може да се очекува во следните години. Сега се прибираат и неопходните докази за случаите на излекување одредени лица на кои тој им помогнал.
Гнидовец е роден 1873 година во селото Велики Липовец, во словенечката бискупија Ново Место. По повеќегодишни службувања во Словенија, како припадник на Редот на лазаристи, тој во 1924 година е именуван за скопско-призренски бискуп. Во 1934 година седиштето на бискупијата го преместува од Призрен во Скопје. За време на своето управување на подрачјето на Македонија, Kосово и дел до Црна Гора, тој успеал да изгради дури 13 католички цркви. Неговото мото било „На сите треба да им припадне се“.
ЈА БЛАГОСЛОВИЛ МЛАДАТА ГОНЏА КОГА ТРГНАЛА ЗА KАЛКУТА
И Мајка Тереза за него имала само пофални зборови. Во 1974 година таа на две свои мисионерки им напиша писмо во кое за овој бискуп вели дека е вистински светител.
– Нашиот бискуп Гнидовец беше светец. Сите го нарекувавме со тоа име. Беше вистински свештеник со благо и понизно срце. Kога заминував на мисија, ме причести, ме благослови и рече: „Во мисија одите. Дајте му на Исус се,само за него живејте, бидете само негова, само него љубете го, само за него жртвувајте се. Убедена сум дека се моли за мене и дека во него имам заштитник кај Исус“ – напиша таа.
/ДНЕВНИК