Почетна Анализа Да продолжиме да ги градиме добрите мостови на соработката со Вселенската Патријаршија
Да продолжиме да ги градиме добрите мостови на соработката со Вселенската Патријаршија

Да продолжиме да ги градиме добрите мостови на соработката со Вселенската Патријаршија

421
1

На 25.8.2022 година беше објавена веста дека синодот на РПЦ ја признава афтокефалноста на МПЦ-ОА. Овој настан, секако, има свој досег кој треба исправно да се определи без посебни претерувања и пренагласувања кои се забележуваат на хоризонтот.

Имајќи го во пред вид споменатото, важно е да се нагласи дека одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година која е првопрестолна и мајка црква на останатите православни цркви во светот за признавање на канонскиот статус на наследничката на славната Охридска архиепископија, го одврза долго време силно заврзаниот чвор на СПЦ за решавање на македонското црковно прашање.

После овој историски потег на Вселенскиот патријарх Вартоломеј кој го препозна и одговори позитивно на децениското трпеливо залагање на православните верници од нашата држава, процесот на заокружувањето на афтокефалноста на МПЦ-ОА започна и верувам дека истиот има неповратен карактер.

Настаните што се случуваат, како овој со одлуката на РПЦ можеме да ги толкуваме единствено како последица на ваквата татковска одлука на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј упатена кој нас како црква и како православни верници. Во спротивно, се поставува прашањето зошто оваа одлука на РПЦ, а претходно и на СПЦ не се случи –  да речеме – 50на години порано или 50на години подоцна, туку се случи веднаш откако Вселенската патријаршија ја зема нашата црква во својата прегратка?!

Ваквата реалност, наспроти обидите што постојат од други страни за присвојување на заслугите за сметка на Вселенската патријаршија во однос на канонскиот статус, а потоа и очекуваниот томос за афтокефалност на нашата црква, се препознаени и од страна на граѓаните. Имено, работејќи на едно истражување кое вклучува и испитување на јавното мислење за трите децении од воспоставувањето на основите на надворешната политика на Република Македонија кое ќе го објавиме во септември, високи 30% граѓаните решавањето на македонското црковно прашање сметаат дека е заслуга на Вселенската патријаршија која ја искористи оваа можност после надминувањето на спорот со името.

Имајќи го во предвид споменатото особено е важно Синодот на МПЦ-ОА да продолжи да опстојува на оваа единствено исправна траекторија од 9 мај 2022 година која продолжи на 12 јуни 2022 година кога беше одржана заедничката историска богослужба во Константинопол на архиепископот Стефан и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. На овој – сега веќе историски мај за нашата држава и народ – мостовите на соработка помеѓу нашата црква и Вселенската Патријаршија на општа радост беа обновени и тие секојдневно преку заедничките сослужувања, посети и контакти постојано се зајакнуваат и ќе се надоградуваат за добро на целата православна екумена.

Доколку ваквата динамика на односи продолжи да се развива со истиот интензитет верувам дека е многу блиску денот кога ќе го посведочиме и тој за нас многу важен ден – кога Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во рамките на неговата прва, историска посета на нашата држава, ќе ѝ го додели томосот за афтокефалност на славната наследничка на Охридската архиепископија.

Во светло на оваа траекторија на настани, одлуката на РПЦ има одреден досег, но тој треба исправно да се дефинира бидејќи историските права, достоинството и честа кога станува збор за прашањето за доделување на афтокефален статус и единствено меѓународно легитимен томос на православните цркви ја има Вселенската Патријаршија.

Пишува: Александар Спасеновски – Универзитетски професор

Коментар(1)

  1. А зошто Вселенската Патријаршија не не зеде 50 години порано во прегратка? Седете мирни, не туку скокајте и коментирајте сите. Радувајте се, живеете и трудете се и понатаму во радост. Дојде тоа време, се случи сето ова што се случи, да се радуваме со мислите во иднината, а не само коментари, критики, полемики и докажувања кој бил, то бил. Пред се вера ни треба, силна вера. Документите и хартиите, имињата и титулите ни се безпотребни и безвредни ако немаме силна вера.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *