Почетна Коментар Да бидеме самокритични
Да бидеме самокритични

Да бидеме самокритични

740
0

Отец Ивица Тодоров му реплицираше на неодамнешниот коментар на Митрополитот Наум, „Христијанска беда“. Репликата е една од ретките самокритични коментари што доаѓаат од претставници на Црквата. „Религија.мк“ Ви  ја пренесува во целост.

Секоја чест и почит на митрополитот струмички Наум за овие од него напишани зборови:

„Постои едно суптилно тежнеење (свесно или неосвестено) внатре во нас, почнувајќи од себе и од нашето најтесно семејство, па сѐ до најшироката заедница, да создадеме некакво „Земно царство“ во кое ќе ги задоволиме сите наши страсти – за славољубие, среброљубие и сластољубие, не гледајќи дека со тоа се откажуваме од Царството Небесно.“

Но, јас би го замолил крајнопочитуваниот митрополит Наум во горенаведените „љупци“ на „Земното царство“ да ја смести институционалната структура на МПЦ – ОА, особено оние кои одлучуваат за што ќе бидат потрошени парите од разните црковни буџети или донации. Не би одел на долго и широко околу оваа тема, има стручни лица кои можат да говорат за тоа, но имам само едно прашање:

– Колку средства институционалната структура на МПЦ – ОА во последните петнаесет години, особено по денационализацијата оддели за мисионерско – просветни активности, проекти, иницијативи, како помеѓу своите активни верници, така и помеѓу оние номиналните, па и помеѓу оние кои се Боготражители, а доаѓаат од круговите на атеистите и номиналните припадници на други верски заедници од Р. Македонија?

Крајно сум сигурен во тоа дека ако институционалната структура на МПЦ – ОА (што и тоа да значи) во последните петнаесет години вложуваше во мисионерско – просветни активности, проекти, иницијативи, медиумска застапеност – и ако со тоа се подигнеше нивото на познавање на Библиската Вистина, односно на православната христијанска вера помеѓу нашето население, а со тоа и нејзиното практикување – тогаш многу нешта денес ќе беа поразлични, особено на духовно – етички, а можеби и на политичко – економски план!

Но, за жал, средствата од буџетите и донациите заминуваа и заминуваат за градење на верски објекти, некогаш потребни, но некогаш и не потребни, заминуваа за нивно скапо украсување и реставрирање, заминуваа и за разни видови на луксузи, комфори и други аспекти од „религиозниот театар“!

И, за жал, нашиот народ, како оние кои се црковно насочени, така и оние другите, и понатаму остануваат во темнината на незнаењето, во страшното ропство на суеверието, во религиозниот идолопоклонички формализам и неспасителната номиналност!
Би ги спомнал тука и болните примери со оживување на неопаганизмот во лицето на некоја античка македонска „православна“ религија, но и секојдневните апели од родители дека нивните деца се заведени од разни лажнохристијански и други култови и секти!

Е, да, тоа е реалноста во нашата тажна сегашност, а таа е секогаш последица од нашиот избор во минатото!

Со почитуваниот митрополит Наум, за време на една тркалезна маса на Филозофскиот факултет посветена на тема: „Религија, општество и сегашност“, започнавме еден убав и реален разговор, па се надевам дека истиот ќе го продолжиме по Божја промисла и негов благослов по велигденските празници:)

И за крај да се потсетиме на заповедтта на нашиот воскреснат Спасител која Тој им ја даде на своите апостолите, а преку нив на својата Црква до крајот на овој свет и век, до времето на Неговото второ доаѓање – но тогаш како наш Судија:

Ivica Todoorv„А Исус, кога се приближи, проговори и рече: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!” (Матеј. 28, 18 – 20)

Пишува: Отец Ивица Тодоров

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *