Почетна Верски буквар Clementia во Proverbium на Vulgata
Clementia во Proverbium на Vulgata

Clementia во Proverbium на Vulgata

247
1

Неодамна во Охрид се одржа Меѓународна конференција на тема Свети Климент Охридски – Милоста и милосрдието во Библијата и во Црквата. Конференцијата е во рамки на 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски. Религија.мк во мини серијал ќе објави дел од говорите на професорите од Македонија и странство ко беа дел од оваа конференција.

Терминот сlementia во латинскиот превод Vulgata најчесто е употребен во книгата Proverbium (Соломонови изреки), иако таму се појавува само четирипати. Оваа книга е композиција од неколку збирки; иако има различни мислења за внатрешната поделба, како втор дел од книгата во сите предлози се појавува текстот од таканаречената „Втора збирка” (10,1–22,16), за чија делимитација постои општа согласност. Во оваа збирка сlementia е употребен трипати (на почетокот, во средината и на крајот од збирката) и само уште еднаш на крајот од книгата.

Но, пред да се продолжи со прегледот на употребата на сlementia во Книгата Соломонови Изреки, во насока на појаснување и на текстовите, но и подоткривање на причините зошто преведувачот го избрал токму тој термин за тие неколку библиски стихови, се чини потребно да се даде краток осврт врз етимологијата и значењето на зборот.

ohrid-kon-8Модерните јазици, кои го содржат терминот clementia во различни форми, начесто го употребуваат во поврзаност со акт од судскиот систем, при којшто извршителен член на една влада укажува милост кон осудено лице. Иако може да се најдат и следниве дефиниции, дека се работи општо за „актот на покажување милост или љубезност кон непријател или навредувач“, или „одлука да не се казни некој сурово, посебно ако е на позиција на власт“, но и како ознака за метеоролошка состојба на меко време.

Но во старо време, сlementia е присутна во римскиот културен систем како „Clementia populi Romani“,според која Римјаните како победници во војна не се изживувале врз победените, но покажувале милост. Сенека во De Clementia вели дека „clementia, помилувањето е воздржаност на душата во моќта на казнување или е помилување од страна на супериорен кон инфериорен при одредувањето казна… Игнорантите сметаат дека спротивна на милоста е строгоста; но ниту една доблест не е спротивна на друга доблест. Па, што е тогаш тоа што е спротивно на милоста? Тоа е суровоста, односно жестокоста на душата при определувањето на казна“.

Половина век пред Христа, на сцена се појавува clementia Caesaris, еден вид политичка програма која Цезар скруполозно ја почитува, поради која Цицерон го воспева во својот говор Pro Marcello.

Веќе беше спомнато дека clementia во Светото писмо најчесто се спомнува во Книгата Соломонови изреки. Во ниту една библиска книга не се спомнува повеќе од двапати, а таму дури – четирипати. Впрочем, не именката, туку коренот се појавува само 15 пати, од кои 13 во Стариот и 2 пати во Новиот завет. Во новозавените појавувања, во Дела апостолски е превод на evpieikei,a| (24,4), додека во Посланието до Филипјаните се работи за личност – Климент (4,3).

Очигледно е дека вдахновениот преведувач на Вулгата, и покрај поширокото значење на терминот, главно clementia ја поврзува со владетелот и владеењето. Од четирите преземања на терминот во Изреки Соломонови, двете централни појави се однесуваат на царот:

Изреки 16,15: “In hilaritate vultus regis vita et clementia eius quasi imber serotinus“ (Ведрината на лицето на царот – живот и милоста негова како пролетен дожд).

Изреки 20,28: „Misericordia et veritas custodiunt regem et roboratur clementia thronus eius“ (Милосрдието и вистината го пазат царот и во милоста е поставен неговиот трон).

Првото појавување, пак, на clementia е во Изреки 11,19, каде станува збор за превод на еврејскиот и грчкиот термин за „правда“.

Изреки 11,19: „Сlementia praeparat vitam et sectatio malorum mortem“ (Милоста подготвува за живот, но следењето на злото за смрт). Интересно е исто така да се истакне дека во првите две појавувања на clementia во Изреки, терминот секогаш е поврзан со „животот“. Се поставува прашањето, дали овде текстот е неутрален и дали овде clementia останува сосема неповрзана со царевата милост? Потребно е да се забележи дека, само неколку стиха претходно, во 11,14 се вели: „каде што нема водство, народот пропаѓа, а при многу советници, живее во благосостојба“, па така се чини дека и овде не недостасува конотацијата на владеење.

ohrid-kon-2Во преводот Vulgata, clementia последен пат се јавува пред самиот крај на книгата, но таму не се однесува ниту на царот, ниту на праведниот, туку – на жената! Во описот како треба да изгледа добродетелната жена, се вели:

Изреки 31,26: „Рhe os suum aperuit sapientiae et lex clementiae in lingua eius“ (Ја отвора својата уста со мудрост и законот на милоста е на нејзиниот јазик).

Синтагмата „lex clementiae“  е невообичаена за латинскиот јазик, а нејзината артифициелност  веројатно произлегува од тоа што таа е создадена за да послужи како преводен еквивалент  за дадениот оригинал.

Дали ова значи дека покрај сите царски милости кои поштедуваат од смрт и овозможуваат живот, имајќи предвид дека сега жената е онаа на која и се припишува овој прерогатив како доблест, добродетелната жена одржува во живот, а во спротивно, доколку не е таква – следи погибел? Но, да не изумиме дека и овде не недостасува сосема царската врска. Имено, зборовите од последната глава се однесуваат за жена и индиректно се изговорени од жена, но тие се упатени – на царот, кој потоа ја пренесува мудроста и советите од неговата мајка! Впрочем, 31 глава започнува: „Зборовите на Лемуел, со кои го поучила неговата мајка“.

Очигледно е дека и строзаветните жени биле мудри жени, па врз основа на сопственото искуство знаеле колку сурова може да биде судбината на еден човек, посебно ако е цар, доколку покрај себе има недобродетелна, безмислосна и зла жена. Оттаму е разбирлива сериозната грижа на царицата за сопствениот син, токму милоста да ја краси идната царска снаа.

„Секој човек добива две својства: моќ и дарба. Моќта ја тера личноста да се стреми кон својата судбина; дарбата ја поттикнува да го споделува доброто во себе со другите. Мора да знае кога да применува моќ, а кога милост и сочувство“ (Пауло Коелјо).

Пишува: Ѓоко Ѓорѓевски/ Декан на Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј, Скопје

Коментар(1)

  1. Почитуван професоре, изгледа дека милоста ја има само во Библијата, а во реалниот живот таа многу тешко се покажува: “Милост сакам, а не жртви”, вели Господ, но мислам дека луѓето што се на власт повеке сакаат жртви отколку милост да покажат, а на Страшниот Суд, Господ ке и суди според тоа колку милост и љубов сме покажале кон ближните, а не колку пати сме ја кажале Господовата молитва, или како сме постеле и колку поклони сме направиле

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *