
ИНТЕРВУ: Метин Изети – професор на Факултетот за Уметности при Тетовскиот Универзитет
За улогата на верата во општеството, за Исламот, за радикланите исламисти и како да се анулира оваа појава во Република Македонија. На овие теми одговора универзитетскиот професор, Метин Изети во интервјуто за МИА.
Професоре Изети која е улогата на религијата во општеството ?
ИЗЕТИ: Прашањето за улогата и местото на верата во општеството е едно класично прашање кое е дискутирано од разни дисциплини, а исто така и од многу светопогледи. Без да навлегувам во класификацијата на тоа што е кажано ќе кажам дека, без разлика на различниот пристап кон ова прашање, реалноста е дека верата е една од највлијателните компоненти во општеството. Токму затоа, без разлика дали на верата и пристапуваме како верници или не, заклучокот на рационалниот човек би требало да биде дека таа во никој случај не може да се маргинализира. Епохата на пост француската револуција, а посебно 19 и 20 век ќе се обиде да се концентрира во иманентните потреби на човекот и тотално да ја изолира верата од општествениот живот со предумисла да го креира рајот на земјата. Но, за жал, не успеа. Па така тој имагинарен рај се претвори во пекол кој што го доживуваме и ние денес во сите аспекти на општествениот живот. Тие два века без Бога ни донесоа две светски војни со катастрофални последици и почеток на новиот милениум со крвопролевања и непријателства. Со маргинализирањето и несериозното однесување кон верата од страна на модерниот човек, фигуративно кажано, тој остана „без облека на сред улица“.
Поаѓајќи од ова, убеден сум дека човечкото општество не може да постои без вера. Тоа без Бога и без метафизиката се уништува себеси. Верата е Божји дар која го кроти човекот, го оддалечува него од тоа што е само биолошко во него и го внесува во патиштата на духовното воздигнување без кое нема смисла ни животот. Духовното воздигнување на човекот му дава крепост за да биде доследен и човечен во сите аспекти на општествениот живот. Добриот верник е добар граѓанин, добар родител, добар сопруг, етична и морална единка на општеството и друго.
Но, реалност е дека современиот начин на размислување и живеење ги разниша и традиционалните вредности на верата и како последица на тоа и модерниот верник ја материјализира својата вера и почна верништвото да го сфаќа како членување во одредена верска заедница или религиозна група. За жал, теологијата стана сува наука, а верништвото само мантија и брада. Целта почна да ги оправдува средствата и верата, од една страна на општествената група што ја води световната власт, а од друга страна од самите верници, стана средство кое веќе не му служи на духовното воздигнување на човекот туку на заземање на одредени позиции во световното. Новите „изуми“ на модерното го зедоа пред себе и верникот и неговата вера повеќе нема спремност да се соочи со новонастанатата ситуација. Од друга страна, световната власт се повеќе се трудеше и уште се труди, верата да излезе од својата есенцијална форма како систем на живот и да биде уапсена во четирите ѕида на богомолјата (храмот). Поради тоа што таквиот начин на приоѓање кон овој важен номен и феномен на човековиот живот не беше реална вера, на која модерниот човек и ја затвори вратата и почна да ни влегува внатре во куќата со кршење на прозорците. Се појави насилство, разно разни фобии и антикомпоненти, распарчени идентитети и семејства, депресии, и друго. Мислам дека двата последни века без Бога се доволен доказ дека човекот и неговото општество не можат да бидат среќни и спокојни без вера, па затоа сите заедно треба да размислуваме за начинот како адекватно и хумано да го вратиме Бога во нашето општество.
Дали религијата може да му помогне на нашето општеството кое мултиетничко и мултиконфесионално?
ИЗЕТИ: Верата во никој случај не сака да креира шаблонизирани луѓе. Таа секогаш тежнее кон разноликоста во праведното, доброто и убавото. Верникот е воздигнат толку колку што може да биде облечен со Божјиот морал. Бог е милостив и ги обскрбува не само тие кои што веруваат во Него, туку и тие кои се спротивставуваат на Бога. Па затоа верата сигурно дека треба да биде главниот двигател на градењето на почит и во нашето мултиетничко и мултиконфесионално општество. Мединската повелба на Пророкот Мухамед а.с. е акт каде што повеќе правно се внимава кон другиот (читај: евреите) отколку кон самите муслимани во државата. Познатиот поет и миленик Божји Мевлана Џелалуддин Руми во една од неговите мистични оди вели:
„Дојдов да те земам за рака
И да те лишам од твоето срце и самиот тебе
Па да те сместам во Срцето и Душата
Ти дојдов рано во пролетта, ружо моја!
Дојдов да те галам со раката моја,
И да цврсто во прегратка те вратам,
Дојдов да во твојот дом
Восхит да ти дарувам
Дојдов да те воздигнам до Престолот
Како молитвата на вљубените„
Верата е најадекватната компонента која може да не зближи и да не вразуми за да се почитуваме. Но таа треба да се гаи и култивира адекватно. За жал, во нашето општество таа институционално е маргинализирана и е „одделена“ од институциите. Верата не е своина само на верските заедници. Таа е Божји дар за секој сегмент на општеството. Како може да се замисли домот за старци, градинката, болницата без верата! Па затоа убеден сум дека ако малку посериозно размислуваме за верата и не ја делиме од општеството, таа ќе ни биде најдобар патоказ како да бидеме хумани и човечни.
На дебатата за улогата на религијата во општеството која се одржа деновиве рековте дека идејата за исламот е во криза. На што се должи тоа и што треба да се стори за излез од кризата?
ИЗЕТИ: Јас тоа го кажав за Исламот за да бидам самокритичен и да почнам од себеси, но тоа го мислам и за самата идеја на верата. Теологијата и верското, на некој начин, останаа мртви во книгите и преданијата и како заклучок на тоа ни се појави една вера во книгата и една друга која се живее. Па можеби ова го мислел и Ниче кога демонстративно рекол дека Бог е мртов. Не можете да кажете дека не сте во криза кога верникот кој треба да го спаси човекот, тој го убива, без разлика дали тоа го прави од близина убивајќи се и самиот себеси или од дистанца со фрлање на ракети и бомби каде што најповеќе страдаат невини луѓе. Или, пак, од друга страна морално обезличување на верата со разно разни афери на неморалност и злоупотреба. Тоа верски е незамисливо.
Секоја вера па и Исламот во сржта значи мир и благосостојба на човекот и општеството. Во Куранот Свевишниот Господар Аллах вели дека тој што убива еден човек како да го убил целиот свет. А познатиот суфиски поет Јунус Емре многу убаво го препеал тоа и вели:
„Создаденото да го љубиме поради Создавачот“.
Од оваа криза сите заедно може да излеземе ако малку повеќе внимание му посветуваме на духовното воздигнување како главна компонента на верништвото. Тоа го велам затоа што во последно време и самите верници повеќе внимание посветуваат на нивните световни организации и надворешна форма отколку на внатрешната чистота.
Дали можете да ни објаснете накратко на што учи исламот?
ИЗЕТИ: Етимолошки зборот Ислам значи покорување кон Бога, а од истиот корен потекнува и зборот селам што значи мир. Исламот учи на скрушеност и покорување кон Бога и рефлектирање на таа скрушеност со овозможување на мир и благосостојба за целиот човечки род. Освен принципите на верувањето- верување во еден и единствен Бог, во неговите ангели, објавени книги, пророци, судниот ден и во Божјата одредба- исламот тврдо стои и на премисата на ортопрактиката која се рефлектира со сведоштво на верувањето преку клањање на намаз, постење на месец рамазан, давање милостиња на сиромашните и посета на светите места во Мека/ Хаџ. Исламот исто така заповеда праведна заработка, искреност, алтруизам, умереност, праведност. Исламот забранува лажење, крадење, пиење алкохол, консумирање на свинско месо, блуд, алчност и друго.
Исламот во однос со другите заповеда почит и респектирање на верата, нацијата на другиот и во никој случај не го одобрува насилството за никави цели а да не зборуваме кога се работи за верата.
Претстваниците на исламските заедници често говорат дека радикалниот ислам нема врска со исламот. Можете ли да појасните зошто?
ИЗЕТИ: Вака, јас и на трибината кажав дека терминологијата што се употребува за верските вистини во модерната терминологија не е адекватна. Освен тоа јас мислам дека еден од најголемите проблеми на модерната интелектуалност е хаосот на терминологијата. Секој на свој начин ги објаснува термините. А кога се работи за верата треба да бидеме свесни дека таа си има своја терминологија и јас воопшто не се согласувам со терминот исламски или христијански или еврејски радикализам или фундаментализам и слично.
Ако со тоа се мисли на фабрикување на насилство со верска намера или верски цели тоа е строго забрането во Исламот и мислам дека сосема се во право кога го кажуваат тоа. Но, треба да бидеме реални дека тие форми на насилство во никој случај не смееме да ги поврзуваме со верата, затоа што во спротивно би требало да кажеме дека Хитлер бил христијански радикалист. Што мислам дека е ирационално. Но со право ќе прашате зашто го имаме ова што го имаме?
Јас мислам дека проблемот не е во верата него во неадекватното култивирање или некултивирањето на верата. Поконкретно сакам да кажам дека ние ако не ја култивираме во нашето општество ниту малку верата тогаш ќе се појават тие што еве ќе ги нарекуваме „радикалисти“. Значи авлијата е наша и треба да сееме цвеќе ако не ќе ни никнат трње. Но, ова не е работа само на верските заедници, затоа што последицата е за целото општество, а не само за верските заедници.
Што мислите, дали радикалните исламисти некој ги користи за остварување на свои геостратешки цели?
ИЗЕТИ: Да, убеден сум дека ги користи. Но, тоа не го оправдува никого да биде „наивен“ па да се користи од нечија страна. Значи тоа не е оправдување за насилството. Ние сите заедно треба да се потрудиме да го спречиме таа идеја на насилство. Да бидете убедени дека ова насилство во последно време која се појавува од кај муслиманите повеќе убива муслимани отколку други. Но, тоа не е ниту малку важно. Важно е дека треба да сакаме а не да убиваме. Интересен е и фактот дека голем број од овие луѓе кои ги прават овие терористички акти се муслимани кои се родиле и пораснале во западните општества!
Многу млади од Македонија, Косово, Албанија и БиХ, се прилкучија на терористичката организација ИСИЛ. Што мислите кои се најчестите причини за овие лица да се одлучат на таков чекор?
ИЗЕТИ: Па причините се различни. Почнувајќи од материјални па се до психолошки. Но јас мислам дека најважната причина е тоа дека тие не се социјализирани. Мислам дека некој друг со „задни намери“ има простор да им се приближи повеќе отколку ние што тврдиме дека сме многу паметни или многу верници. Тврдам, се’ додека лошите повеќе му и помагаат на злото отколку добрите на доброто и убавото, ќе ги имаме се’ почесто вакви појави.
Што е потребно да се стори за да се анулира појавата на радикалниот ислам во Република Македонија?
ИЗЕТИ: За да се спречи насилното пропагирање или исклучивоста која што ќе ги демонизира сите освен себеси, треба да се гради правилна верска свест која е втемелена во конституивната традиција на Исламот. Статистички, поголемиот број на протагонистите на тој арогантен начин на верништвото потекнуваат од семејства кои се сосема далеку од верската практика. Мислам дека неминовно е правилна едукација на младите. Со едукација не мислам само на верско образување или запознавање со верата него пренесување на дахот на љубовта која е срж на верата кај младите.
МИА