Почетна Анализа Ѕидовите на велмејската црква „Свети Никола“ кријат ракописи стари 600 години
Ѕидовите на велмејската црква „Свети Никола“ кријат ракописи стари 600 години

Ѕидовите на велмејската црква „Свети Никола“ кријат ракописи стари 600 години

738
0

Постојат ли заѕидани вредни македонски ракописи во црквата „Свети Никола“ во Велмеј во Деберца. Оваа тема ја анализира дневниот весник, „Дневник“, а е заснована на пишувањата на руски славист уште во XIX, кој практично и ја создал енигмата за оваа црква од охридскиот крај.

„На полноќ се вратија од Велмеј, предводени од свештеникот со торба полна со книги. Тој ми објасни дека тоа се преостанатите од големиот број ракописи кои биле чувани во црквата. Прашав, каде исчезнале другите? Сме ги закопале во ѕидовите на новоизградениот храм. Тоа беше така, а јас не можев повеќе да дознаам за ова…“ Ова уште во 1845 година го запишал познатиот руски славист Виктор Григорович, кој во тој период патувал низ Македонија за да го истражува пишуваното и друго културно наследство на словенските народи што тогаш живееле во рамките на Отоманското Царство.

velmej sveti nikolaЗаписот кој тогаш го направил по средбата со луѓето од охридското село Велмеј е забележан во манастирот „Си Свети“ во селото Лешани каде што тој тие денови престојувал заедно со македонскиот преродбеник Димитар Миладинов. Наскоро ќе стане дел од неговата книга наречена „Записи од патешествието по европска Турција“ и ќе стане извор на енигмата што трае до ден денешен. А таа е поврзана за прашањето дали старите и вредни ракописи за чие заѕидување зборувал свештеникот од Велмеј се навистина во ѕидовите на новододадениот дел од старата велмејска црква „Свети Никола“ оти немало причина да го лаже рускиот славист на кој му ги донел другите вредни книги од својата црква.

Во тоа дека ракописите се таму, цели 171 година по нивното заѕидување веруваат и велмејчани, меѓи кои ова приказна се пренесува како легенда од колено на колено. Верува и познатиот охридски новинар Димитар Смилески, кој сака да иницира ангажман на некои од државните институции за да се најдат ракописите кои, сигурно, се значајни сведоштва за македонската историја со оглед на тоа дека биле пишувани во тој крај.

– Ракописите се мошне стари и вредни, а јас сум сигурен дека се тука некаде. Тие, според кажувањата, се пишувани на зајачка кожа, што значи дека се мошне стари. Значајно е и тоа што потекнуваат од овој крај и со што се сведоштво за тоа како тука се живеело и создавало – ни рече Смилевски при нашиот престој во ова село во општина Дебарца.

Останаа само дваесетина книги

Веќе при самото влегување во велмејската црква веднаш се препознава кој е нејзин стар, а кој подоцна изграден дел. Стариот дел е подигнат уште во 13 век и долгите траги на времето веќе направиле значителни оштетувања. Влагата и другите влијанија направиле внатрешните сводови да се значително потемнети и да ликовите на светителите одвај да се препознаваат. Да биде полошо пред повеќе децении бил ангажиран фрескосликар, кој ни од далеку не бил на рамниште на најпознатите македонски зографи, па затоа фреските на ѕидовите се со слаб квалитет. На сводот доминира и т.н. масонско око што постои и во некои други македонски цркви. И иконостасот со повеќе икони кои датираат од 15 и 16 век е во лоша состојба, исто како и владичкиот престол на кој му недостигаат повеќе делови. Од десна страна на иконостасот на посебен постамент се наредени околу дваесетина стари црковни книги кои с` уште се чуваат.

-Тоа е се  што досега ни останало. Ја знам приказната за заѕиданите ракописи и тие се сигурно тука некаде, но прашање е како да се откријат – ни кажува црковниот клисар Драган Миладиновски.

velmej sveti nikola 2Стариот дел од црквата има влез од јужната страна и на неговиот надворешен дел веднаш се забележува насликаната икона на Пресвета Богородица со малиот Исус Христос. Малиот Исус има обетка на едното уво, што е симбол кој во тој период се користел за да се покаже дека е дете единец. Ваков мотив на Исус со обетка на уво е мошне редок на фреските во македонските цркви и постои само на уште една фреска. Поради тоа, велмејската фреска е мошне значајна. До неа се и други фрески на кои се забележува дека им се ископани очите, што често се правело во минатото од страна на луѓето заради верувањето дека делови од малтерот и боите се лековити. Се забележува дека ѕидовите на стариот дел од црквата се дебели и до 80-ина сантиметри и дека во нив може да се направи доволен простор за криење на книгите. Целта на криењето била да се сочуваат книгите од кражбите на грчките фанариоти.

– Јас сум слушал дека ракописите се ставени во стариот дел од црквата, во нејзините ѕидови. Така ми кажувале мојот татко и мојот дедо. Никој досега не се обидел да ги откопа. Не се знае каде би требало да се почне – вели Илија Попоски, еден од постарите жители во селото.

Новиот дел од црквата бил граден некаде околу 1840 година и неговата функција била да служи како селско училиште. Веројатно затоа внатрешните сводови никогаш не биле осликани со фрески за сводовите и на тој начин да се спојат со стариот дел. И неговите камени ѕидови се дебели најмалку 60-ина сантиметри, но обидите на Димитар Смилевски во нив да открие шуплини со чувањето со чекан не даваат резултат.

– Мене ми ја кажувале приказната дека ракописите се во темелите на црквата. Не знам дали е тоа точно но многумина веруваме дека се таму, ни рече Донка Маркоска-Степеска од селото која со својот сопруг пред тоа го уредувала гробот на својот родител.

На надворешниот дел од црквата точно се гледа каде се споиле старата и новата градба. Пред неколку години жителите со свои прилози направиле бекатон-патека околу црквата, но при копањето не нашле траги од некој закопан сандак.

– Сигурно дека не можеме да ги уриваме ѕидовите за на таков начин да ги бараме ракописите. Најдобро би било ако може со некоја нова технологија да се испита нивната внатрешност. Но не знам дали има таква. Во секој случај надлежните институции треба да се заинтересираат за ова. Зошто нашето културно наследство да не биде збогатено и со нив – вели Димитар Смилевски.

Целиот текст на „Дневник“

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *