Литургија – собор на грешни, осветен. Непроценлив дар, незаслужен. Дело Богочовечко во коешто постојано се учествува, иако само еднаш случено. Тајна постојано преоткривана. Соборно јавно сведоштво во личен подвиг сокриено.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Во чест на Пресветата, Преблагословена, славна Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, преку Која, прими го Боже овој наш дар, во наднебесниот Твој жртвеник.
Што да напише човек за светата Литургија, а истовремено да не е посрамен од содржината на својот живот? Не би требало да има разлика помеѓу Литургијата и нашиот живот, оти, колку има – толку немаме Живот, т.е. колку е поголема разликата помеѓу содржината на Литургијата и содржината на нашиот живот, толку повеќе тој е безсодржаен и бесмислен. Или, каков ли живот човек живее ако истиот не е Благодарење, себепринесување на Бог и ближните? Христијански живот – Литургија, пред и после Литургијата. Љубов.
Сѐ преку Литургијата постана и без неа ништо не стана, од тоа што постана, во Црквата Божја. Во неа има живот и животот е светлина за луѓето. И светлината во темнината свети и мракот не може да ја опфати. Царство Небесно, на Отецот и Синот и Светиот Дух, благословено! Исполнување на Божјиот Домострој на спасението.
Литургија – собор на грешни, осветен. Непроценлив дар, незаслужен. Дело Богочовечко во коешто постојано се учествува, иако само еднаш случено. Тајна постојано преоткривана. Соборно јавно сведоштво во личен подвиг сокриено. Принос пред олтарот на храмот и состојба на умот пред жртвеникот од своето срце. Не толку – место и простор, колку состојба на преобразениот човек – каде и да се наоѓа. Вознесение пред престолот Божји.
Божествено пресоздавање. Извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот. Божјо слово – извршно. Се молиш: „ангел на мирот“, и секој човек е посетен. „Чувар на нашите души и тела“, и демонот отстапува – додека, преку грев, не биде повикан. „Простување и разрешување“, и гревот е простен – додека не биде повторен. „Сѐ што е добро и полезно за нашите души и тела“, и сѐ кон добро се менува – додека ние пак не промашиме. Молитва за сите луѓе, без исклучок; без временско ограничување; без препреката на смртта.
Благодарење (Евхаристија). Бог ја прима нашата словесна и бескрвна жртва во наднебесниот Свој жртвеник, откако претходно прв ни Се принесе. Ние Му се принесуваме, а Бог нѐ прима – такви какви што сме, и нѐ преобразува. Наш живот принесен на Живот и причестен со несоздаден живот. Игра на децата Божји. Воскресение пред Воскресение. Педесетница пред Педесетница. Оправдание пред Судот. Второ Христово пришествие. Веќе и уште не.
Мистична вечера. Крв и Тело Христови. Вистинска храна и пиење, од Отецот подарена. Непрекинлив источник на сила, живот и сведоштво. Црпиш сила од неа и со своето присуство – во сила, ја живееш и ја сведочиш истата; и надвор од неа – ако има надвор за тебе. Мислата, словото и делото ја губат суштинската разлика, во Литургијата. Мислиш и богомислиш. Словиш и славословиш. Соделуваш во Божјиот Домострој на спасението. Сѐ, во неа, повторно и повторно принесуваш. Љубиш и не бараш, а најмногу добиваш – Него. Слобода и Љубов. Личност и Заедница.
Ако некој нѐ праша: „како е можно тоа?“, ќе му одговориме: од Богородица и Приснодева Марија родениот – Богочовекот Исус Христос, Чие слово не останува без сила, Тој е Оној Кој принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава. Нему слава Му вознесуваме со Беспочетниот Негов Отец и со Пресветиот и благ и животворен Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.
Во мир да излеземе! Боже, сочувај ја полнотата на Твојата Црква; дарувај му мир на Твојот свет, на свештениците, на православните христијани и на сите луѓе Твои. Ти, исполни ги со радост нашите срца.
Амин!
