Почетна Проповеди Бискуп Стојанов – Божјите воденици полека мелат
Бискуп Стојанов – Божјите воденици полека мелат

Бискуп Стојанов – Божјите воденици полека мелат

84
0

Во пресрет на божиќни празници  Скопскиот Бискуп Киро Стојанов упати Божиќна порака за 2021 година, која ја пренесуваме во целост.

Бог не умира оној ден кога ние веќе не сме во состојба да веруваме во сопствениот Бог, туку умираме на денот и од денот кога нашите животи повеќе не се трајно проткаени со новиот сјај на тоа чудо, оние извори на светлина над секој разум.“ Генералниот секретар на ОН и христијански сведок Даг Хамершелд, кој трагично загина во необјаснети околности во авионска несреќа на 18 септември 1961 година во Конго, може да ни биде водич во пресрет на Божиќните празници и во оваа наша Божиќна порака. Колку и да се трудиме да го заборавиме и да го потиснеме Бога во нашиот секојдневен живот, ќе тргнеме да се сретнеме со светлината што нѐ повикува од чудесното воплотување на Синот Божји, нашиот Господ Исус Христос.

Драги браќа и сестри! На почетокот на Адвент, во најмала рака, бевме обземени од содржината на некој документ за внатрешните насоки на Европската комисија, што на 30 страници е изготвен од комесарот за еднаквост, малтешката политичарка Хелена Дали, а што требало да биде претставен на бриселските бирократи. Меѓу останатите насоки се говори како треба да се „избегне претпоставката дека сите се христијани“ и дека „не сите ги слават божиќните празници“ и дека „европските официјални лица мора“ да внимаваат на фактот дека луѓето имаат различни верски традиции“, и во таа смисла во меѓусебната комуникација не можат повеќе да ги користат зборовите „Божиќ“ и „Божикни празници.“ Христијанското име на поединци дури треба да се исклучи за да се избегне навреда на чувствата на некои луѓе, а наместо тоа да се стави нешто „неутрално“ во комуникацијата. Во тие насоки има сѐ и сешто, кој би можел сето тоа да го запамти, особено кога се завиткува во наводна „благородна“ идеја за „илустрација на различноста на европската култура“ и „вклучувајќи ги сите делови од општеството и религиозните верувања на европските граѓани“. Ѓаволот никогаш не мирува!

Откако овој документ протече во јавноста и крена голема прашина, малтешката комесарка решила што побрзо да ги повлече тие насоки. Државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин праша дали ова „значи поништување на христијанскиот идентитет на Европа? Се разбира, знаеме дека Европа своето постоење и својот идентитет го должи на многубројните придонеси, ако не и воопшто, само на христијанството.“

Дали се ова новите градители на мирот во тој нивен „прекрасен нов свет“ кои се обидуваат да ни го променат мислењето и свеста? Во стариот Рим постоело пророштвото на Сибила кое претскажувало како на светот ќе му се даде кнез на мирот, а ова пророштво го применил царот Август на себе, па затоа се нарекувал кнез на мирот, principes pacis, restitutor orbis кој е истовремено и спасител и нов основач на светот.

Се чини дека човечкиот род секогаш наново навлегува во некои од своите конструкции со тоа што ни ги наметнува своите идеи за темнината наместо да се предаде на светлината на Младото Сонце од височината што доаѓа да ги осветли оние што седат во темнината и сенката на смртта и ги насочи нашите патишта кон мирот. Во текот на историјата на човечкиот род, некои херои се појавија и беа поздравени како носители на големи ветувања. Така Ниче го објави надчовекот, а Третиот Рајх сакаше да го постигне на расистички начин, со намера да го промени светот. Па, и слабите се мобилизираат одново и одново како силни, за да се воспостави бескласно општество. Така, во селските бунтови, селаните биле доведени до крвопролевање како на некаква света војна. Маркс и Енгелс ги повикаа работниците со мотото: „Пролетери од сите земји, обединете се!“ Дури и Црквата сметаше дека таа мора да биде во раскош за да го одрази Царството Божјо во тој сјај.

Една мудра поговорка вели дека „Божјите воденици полека мелат“. Тоа можеме да го слушнеме и во говорот на нашиот народ дека Господ не плаќа секоја сабота, туку кога плаќа, плаќа. Ги знаеме овие изреки и најмногу ги користиме кога очекуваме, замислуваме или повикуваме на Божјиот суд и Божјата казна за некој што мислиме дека го заслужува тоа. Меѓутоа, има нешто точно, а тоа е дека тој што се воздигнува и дигнува против Бога, секогаш на крајот ќе го извлече најдебелиот крај. Зашто „сите ќе застанеме пред Божјиот суд“ и „секој од нас ќе даде сметка за себе пред Бога“ (Римјаните 14:10, 12).

Бог, во историјата на спасението, ги превртел наопаку сите претпоставки на светот за доаѓањето на Спасителот. Нему никаде не Му се брза. Така, Бог илјадници години ги подготвуваше луѓето за спасение, бидејќи „не ја посакува смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот лош пат и да живее“ (Езекиел 33:11). Бог не сака смрт и пропаст, туку правда и праведност, радост и живот. Бог го подготвува патот за ова. Ги подигнува оние кои повикуваат да му го подготват патот на Господа, гласници, пророци, свети Иван Крстител и Пресвета Богородица, Блажена Дева Марија. Во Витлеем, тој почна да воспоставува спасение и мир во светот, преку беспомошноста на својот Син, а не преку силата на моќта. Ова правило важело отсекогаш: Бог се служи со малиот човек, оној кој едвај во светот на моќта го прашуваат нешто и чие мислење не се бара; но Бог со таквите се служи за да ги спроведе своите планови во светот.

Оваа година во нашата татковина, покрај општествените потреси поради изиграните надежи и очекувања, како и постојаната борба со пандемијата на Ковид-19, не потресоа и настани каде што требаше да ги броиме и оплакуваме жртвите, прво во пожарот што се случи на 8 септември во импровизираната КОВИД болница во центарот на Тетово, во која животот го загубија 14 пациенти, а потоа 45 лица, главно наши државјани, загинаа во страшната сообраќајна несреќа на нашиот автобус што се случи на 23 ноември во Бугарија. Не можеме во ова предбожикно време, кое само по себе е носталгично време, но и време на голем копнеж за Божјото спасение, а да не размислуваме во нашите молитви за нив и нивните најблиски кои доживуваат тага во овие тешки времиња и кои долго ќе ја носат празнината во својот живот заради своите најблиски кои повеќе не се со нив. Господ нека им помогне во нивната болка и нека во овие божиќни празници им удели утеха.

Драги браќа и сестри! Бог никогаш не смее да биде приврзок во нашите животи. Тој е центарот на животот. Тој е Патот, Вистината и Животот. Нека ни помогне на сите да разбереме дека сè што имаме и сме доаѓа од неговата рака. А ние само треба да имаме одврзани раце и отворени очи за да ги видиме другите околу нас. Така сè повеќе ќе наликуваме на сиромашното дете во Витлеем, во кое Бог слезе на земјата. На овој начин ќе му служиме на неговото доаѓање, не толку со материјална или духовна помош за сиромашните – на кои секако треба да им се пружи сесрдна помош – туку со внатрешен став: јас сум мал, сиромашен и ситен пред Бога, а сепак Бог смета на мене.

На крајот, оваа размислување можеме да го завршиме со мислите на големиот човек со кој и го започнавме: „Нашето дело на мирот мора да започне внатре лично кај секој од нас. За да изградиме свет без страв за човекот, ние самите мора да бидеме бестрашни. За да изградиме свет на правда, мора да бидеме самите праведни. И како можеме да се бориме за слобода, ако самите не сме слободни во својата душа? Како можеме да бараме од другите да се жртвуваат ако не сме самите подготвени да се жртвуваме? Само во вистинска и искрена посветеност на заедничкиот интерес можеме да ја постигнеме таа сила и независност, тоа единство на намери, таа еднаквост во расудувањето што е неопходна, ако сакаме да бидеме на висината на нашата задача за иднината, како луѓе од една генерација на која и е дадена можност во времето да го гради светот на мирот“ (Даг Хамершелд).

На сите ви посакувам благословено време, радосен Божик и божикни празници те Божјиот благослов нека ве придружува во Новата година. Амин!

Со благослов Ваш епископ/бискуп

+ Киро Стојанов

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *