Почетна Анализа И „пресветите“ не престанаа со клеветите
И „пресветите“ не престанаа со клеветите

И „пресветите“ не престанаа со клеветите

318
0

Противниците на автокефалноста на нашата црква со заеднички сили во нападите кон Вартоломеј и МПЦ

Засилените контакти на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со Вселенската патријаршија и со Грчката црква во само две недели, повторно ги разбрануваа страстите кај противниците на македонската автокефалност.

Неодамнешниот пречек на епископот г. Партениј, епископот г. Антаниски, игумен на Бигорската Обител и целокупното монашко братство и сестринство во седиштето на Вселенската патријаршија во Фанар, Истанбул, заедно со монасите на Бигорската Обител, предизвика остри напади кон патријархот Вартоломеј, но и беше причина за низа обиди за спинувања, кои беа со цел да ја разбрануваат црковната јавност. Кои се мотивите за да се обвини патријархот Вартоломеј за папизам, која е целта на пласирањето спинови дека МПЦ ќе добие автокефалност, ама нема да биде автокефална, зошто се заплашуваат јавноста и православните верници со некакви нови расколи? На сите овие прашања треба да се одговори соодветно, етички, морално и канонски, за да не се дозволи некој друг да ја ретушира и рекреира вистината за МПЦ-ОА.

Првпат многубројна делегација на МПЦ-ОА, со многу монаси, да биде примена од вселенскиот патријарх

На противниците на македонската автокефалност им е јасно дека вселенскиот патријарх нема да се откаже од намерата да го реши деценискиот спор и покрај сите закани кон него и затоа се обидуваат да ја дефокусираат православната јавност, со цел да го спречат овој процес, кој влегува во напредна фаза.

Ова е првпат толкава делегација на МПЦ-ОА, со толку многу монаси, да биде примена од вселенскиот патријарх и да ѝ биде укажана толку голема почит како на рамноправни Христови браќа. Монасите и епископот г. Партениј на патувањето биле со благослов на надлежниот митрополит г. Тимотеј.

Познавачите на состојбите велат дека ова е голем исчекор од страна на Вселенската патријаршија и го трасира патот по кој треба да се очекува решавање на македонското црковно прашање.
Интересно е што оваа посета на Вселенската патријаршија доаѓа само една недела по учеството на монашкиот хор на Бигорски на меѓународниот фестивал на византиско пеење во Атина и по посетите на Грчката православна црква.

Од Бигорскиот манастир посочија дека вселенскиот патријарх уште еднаш ја покажал својата огромна љубов кон црквата божја, како вистински татко на православните.

– Свое пригодно обраќање имаше и Сесветиот патријарх, во кое ја искажа својата татковска грижа за сите нас и за црквата наша – велат од Бигорски.

Оттаму додаваат дека од седиштето на патријаршијата си заминале со голема благодат и уверение во татковската закрила на сесветиот патријарх г.г. Вартоломеј.

– Првопрестолната мајка црква на целото православие е незаодниот светилник на апостолската вера, неугасливиот факел на Божјата благодат, кој со евангелскиот оган просветил многу народи, вклучувајќи го и нашиот – велат од Бигорскиот манастир.

Одамна позната конфронтација

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека нападите од други цркви не можат да имаат поголеми влијанија, со кои би нѐ попречиле во остварувањето на нашата цел да бидеме признаени како самостојна и автокефална црква.

– Аргументите што се користат, сега од страна на аналитичари, се истите оние што ги користат црквите што се главни противници на украинска и македонска црковна автокефалност. Вселенскиот патријарх се обвинува дека сака да биде „православен папа“, дека прави „неканонски упади“ во други јурисдикции и слично. Се гледа колкав домет имаат ваквите црковни и обвинувањата на аналитичарите во меѓународните кругови на православните цркви. Се гледа дека некои од православните цркви (Грчката, Кипарската, Александриската…) сосема ги оправдуваат постапките на Вселенската патријаршија. Така, кој тогаш не ги почитува каноните ако неколку православни цркви сметаат дека постапките се канонски? – посочува Ѓорѓевски.

Според него, суштината на конфронтацијата е одамна позната, откако неколку православни цркви решија да го бојкотираат Сеправославниот собор на Крит. Коалицијата на „познатиот блок на цркви“ сака да му бидат одземени досегашните ингеренции на вселенскиот патријарх. Имено, тие сакаат тој да не може да издава томоси за автокефалноста на нови православни цркви како што го правеше тоа во минатото. Меѓутоа, со таквата идеја би се развластил вселенскиот патријарх, а центарот на православието веќе не би бил во Цариград. Се разбира дека вселенскиот патријарх не сака да ги дозволи тие тектонски поместувања во православието, па тој тргна во процес на обединување и собирање на непризнаените православци, кои поради империјални соништа на посилните беа непризнавани или потиснувани низ историјата, констатира аналитичарот Ѓорѓевски.

– Од ваквите предупредувања се гледа како и тие да се свесни дека МПЦ ќе добие автокефалност и сега се предупредува дека ќе биде помала од „автономијата дадена од СПЦ со Нишкиот договор“. Треба да се почека, да се види што ќе биде како решение и што ќе пишува во томосот.

Јасно е дека Вселенската патријаршија како мајка црква ќе има некои свои барања и обврски за нова црква. Впрочем, такви услови имаше секогаш кога издаваше и на сега признаени православни цркви, а потоа со текот на годините, автокефaлноста јакнеше. Јас сум сигурен дека во томосот за МПЦ нема да го пишува истото што го пишуваше и за Православната црква во Украина. Не е иста состојбата. Но нешто ќе пишува и да почекаме. Сигурен сум дека македонските владици ќе водат сметка и за тоа, за тоа каква автокефалност може да прифатат. Но оние од Белград и од Москва што праќаат вакви предупредувања нека кажат дали некогаш ќе дозволат МПЦ да се запише во диптихот на православните цркви како што сега се очекува тоа да го стори најповиканата Вселенска патријаршија? – објаснува Ѓорѓевски.

Долга е борбата за признавање

Универзитетскиот професор Александар Спасеновски, пак, смета дека вистинското значење и големина на овие настани може да се увиди доколку се анализираат низ една временска дистанца.

– Имено, пред само неколку години нешто што изгледаше далечен сон за МПЦ-ОА и за православните верници, денес станува реалност. Tоа е крајот на еден период во кој доминира инфлацијата на лоши вести, односно почетокот на една нова позитивна ера на соработка помеѓу православните верници и споменатите цркви – вели Спасеновски, потенцирајќи дека овие настани претставуваат продолжение на новата динамика во однос на стремежите на МПЦ-ОА за добивање автокефален статус со помош на Вселенската патријаршија, која почна да се развива во текот на 2017 и 2018 година, а круната на овој процес е писмото на Синодот на МПЦ-ОА упатено до Вселенската патријаршија, со кое се бара константинополскиот патријарх да го искористи своето апелациско право за конечно, веројатно фазно, решавање на македонското црковно прашање.
Според него, во 2022 година Република Македонија и нејзината црква влегуваат со оптимизам за почеток на процесот за решавање на црковното прашање, на што упатуваат три групи околности:
– прво, востановениот консензус во Синодот на МПЦ-ОА околу очекувањата од Вселенската патријаршија за искористување на апелациското право; второ, очекувањата дека емитираната поддршка од страна на државниот врв ќе продолжи да се одржува на едно високо ниво, при што треба да се нагласи и дека ангажманот на институциите во насока на поддршка на легитимните цели МПЦ-ОА за автокефален статус низ годините до денес е во целосна согласност со начелото на секуларизам, како и со Уставот и законите на државата; трето, како ретко кога низ историјата, решавањето на македонското црковно прашање – како од аспект на Вселенската патријаршија така и од аспект на МПЦ-ОА – е целосно комплементарно со евроатлантската ориентација на државата, како и со декларираните интереси на САД во меѓународните политички односи, вели професорот Спасеновски.

Прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е последното нерешено важно национално и државно прашање, чие успешно решавање неповратно ќе ја зацврсти и ќе ја унапреди стабилноста на Македонија.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *