Почетна Анализа Баварија со крстови насекаде ќе докажува дека е христијанска
Баварија со крстови насекаде ќе докажува дека е христијанска

Баварија со крстови насекаде ќе докажува дека е христијанска

365
0

Во јужната германска покраина Баварија од денеска стапи во сила законот за задолжително поставување крстови во јавните установи. Законот, како и мотивите за него, предизвикаа многу контроверзи.

Од денеска, сите државни институции во Баварија мораат да постават крст во своите објекти- што значи дека секој кој предава документи за данок, пријавува нешто во полициска станица, или влегува во административен суд ќе биде поздравен од крст.

-Од денеска обврската стапува во сила и ние сме апсолутно сериозни во намерата да ја спроведеме“, изјави за ДВ, Мартин Шолтисик, портпарол на баварското министерство за внатрешни работи. Тој не објаснува дали се предвидени казни за институциите кои ќе одбијат да постават крст, но признава дека во министерството очекуваат отпор.

СЕ БАРА: „ЈАСНО ВИДЛИВ КРСТ“

Новите правила за државните институции сега наведуваат: „Јасно видлив крст мора да биде поставен во влезниот простор на секоја сервисна зграда за да служи како потсетник за историското и културно влијание на Баварија“. Баварскиот премиер Маркус Зедер ги објави новите правила на крајот на април со драматичен потег- поставувајќи крст во баварската државна канцеларија.

Најавата предизвика голема дебата во Германија и предизвика критики од студентите, но и од првите луѓе на Протестантската и Католичката црква, кои ја предупредија владата да не го злоупотребува крстот.

Иако започна со голема врева, се чини дека многу локални власти во Баварија се обидуваат да го минат 1. јуни колку е можно потивко.

Дел од стишаните реакции се должат и на конфузијата околу новото правило. Покраинското министерство за внатрешни работи го бранеше недостатокот на конкретни инструкции за големината и местото на кое треба да биде поставен крстот, наведувајќи дека секоја институција треба да реши самостојно.

Терминот „сервисна зграда“ или “Dienstgebäude” на германски, исто така е проблематичен. Се работи за широк поим кој практично ги опфаќа сите згради во кои се сместени владини и административни служби кои се под контрола на баварската влада.

Покрај полициските станици и локалните даночни канцеларии, тоа технички опфаќа и некои музеи, театри, училишта и универзитети. Уметничките музеи и некои културни институции во Баварија се особено отпорни на ставање крстови во нивните влезови, и велат дека тоа ја нарушува нивната мисија.

Ева Краус, директорка на Новиот музеј за современа уметност во Нирнберг, беше една од првите која кажа дека нема да дозволи поставување крст во музејот. Портпаролка на музејот неколку дена по изјавата на Краус за ДВ објасни дека откако биле објавени изјавите на директорката, индиректно дознале дека правилото не важи за нив. Тоа го потврди и портпаролката на баварското Министерство за уметност и наука, која вели дека новото правило е „сугестија“, а не обврска за музеи, театри, универзитети и други високообразовни институции.

ПОЛИТИЧКА КАМПАЊА ИЛИ ИДЕНТИТЕТСКА СТРАТЕГИЈА?

За многумина спорна е и уставноста на барањето да се поставуваат крстови, затоа што го нарушува правилото за одвоеност на црквата од државата. Зедер и баварската влада го заобиколуваат прашањето и тврдат дека крстот е симбол на „баварскиот идентитет“.

Со предизвикувањето поделби околу баварскиот идентитет- особено во екот на актуелната дебата за улогата на Исламот во Германија, Зедер и неговата партија се обидуваат со популистичка стратегија да си ја зголемат популарноста пред покраинските избори оваа есен, велат критичарите.

Христијанско-социјалната Унија (ЦСУ) на Зедер, инаку сестринска партија на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, се обидува да го одбрани своето мнозинство во Баварија од десно-радикалната Алтернатива за Германија на изборите закажани за 14 октомври.

/Дојче Веле

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *