За првпат во јавноста е објавена архивска видеоснимка од 1991 година, која сведочи за еден од најзначајните моменти во обновата на православниот живот во Мала Преспа по падот на комунистичкиот режим во Албанија. Снимката, објавена од весникот „Македониум“, ја документира посетата на тогашниот Преспански митрополит Петар на селото Туминец, каде повторно во свештеничка одежда беше облечен свештеникот Андреа Михал, кој со години беше жртва на верскиот прогон.
Поп Андреа, кој за време на комунистичката диктатура на Енвер Хоџа бил осуден на осум години затвор затоа што одбил да ја предаде својата свештеничка одежда за да биде искористена во театарска претстава со која требало да се исмева православната вера.
Според сведоштвата, додека бил во затвор, но и во годините по неговото ослободување, тој често велел дека има само една желба – уште еднаш да го облече епитрахилот, да застане пред Светиот престол и да го прочита Светото Евангелие.
Со падот на комунистичкиот режим и обновувањето на верските слободи во Албанија, неговата желба се исполнила. Поп Андреа повторно почнал да богослужи во храмовите во Мала Преспа и останал во свештеничката служба до своето упокојување.
Архивското видео е зачувано благодарение на Вангел Петровски, а го снимил неговиот татко Гоце Петровски, кој бил непосреден сведок на овој историски настан.
Гоце Петровски, поранешен претседател на Организацијата на Македонците – потомци од Егејскиот дел на Македонија, кој почина во 2021 година, беше долгогодишен активист за заштита на правата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, како и на Македонците во Мала Преспа и Пиринскиот дел на Македонија.

