Почетна Коментар Ах хоџи, хоџи
Ах хоџи, хоџи

Ах хоџи, хоџи

542
1

Постои една изрека што често се користи во спортот, а гласи: “Тој што губи, има право да се лути“.  Но, во спортот лутината треба да се оправда, треба да се именува точно тој што згрешил или и нанел неправда на една екипа, на еден натпреварувач. На крајот, обично, спортистите си подаваат рака, се поздравуваат со судиите и се свртуваат кон следните натпревари.

За жал, во политиката не се случува така бидејќи кај нејзе нема ништо спортско. Во политиката, за поразот се секогаш виновни сите други освен тој што се буни и неговиот политички субјект. Сме виделе се и сешто и сме слушнале се и сешто од македонските политички губитници во текот на плуралниве години на Македонија. И, допрва ќе слушаме, бидејќи нашава политичка класа тешко ќе може да се преедуцира во догледно време и да си го адаптира однесувањето во склад со демократските принципи.

Дежурните виновници

Тешко е бремето на вина, улогата на обвинет, правдањата и објаснувањата што секогаш завршуваат со улога на губитник, и покрај тоа што си победник. Сме биле сведоци на молкот на обвинетиот, сме ја виделе нашата политичка и интелектуална елита окружена со гробна тишина, согласувајќи се при тоа на нај страшлив начин со лагите атрибуирани на сопствениот народ

И изминативе денови доживуваме вистинско стампедо, водено од платеничкиот интелектуален и политички башибозук што дефилира низ одредени медиуми. Тие, држејќи му страна на еден партиски лидер, се стуштиа врз албанскиот народ обвинувајќи го како празноглава маса што не знае да размислува и не знае да гласа без нечија команда.

Можеби ќе звучи тешко оваа проценка, но таквите интелектуалци и нивните политички ментори, во јавноста се проценети како хиени што живеат и напаѓаат исклучиво како глутница, тие не знаат што значи живот заснован на закони и на правила, тие го познаваат само пљачкосувањето и  светот во кој што тие го чинат законот, моќта, вистината, правдата

Во секој случај, синдромот на “дежурен виновник“ повторно заживеа во Македонија и се шири пропорцијално со пролонгирањето на политичката криза. Полека но сигурно, “ празноглавите Албанци“ ги заменуваат Сорос и акредитираните западни амбасадори во земјата, меѓународната заедница…

И, за да биде целосен муабетот, виновни да ти биле и хоџите бидејќи, од уво на уво шепнувале да се шири омразата кон владечката македонска партија и така влијаеле гласовите на верниците да одат кај нивните противници.

Од оркестрираната кампања, Сорос, амбасадорите и меѓународната заедница нема потреба да ги штити никој, бидејќи тие самите се штитат. Исто така, и хоџите немаат потреба да ги штити некој, бидејќи ќе ги штитам самиот јас, и ќе се бранат тие самите со несоборливите факти и аргументи што ги поседуваат.

Вината како сираче

Морам да нагласам дека обвинението што се слушна од бившиот ни премиер дека хоџите го гласале неговиот противник, звучеше, во нај мала рака, не сериозно. Бидејќи, одговорно тврдам, хоџите немаат ништо со него, тие си имаат свои должности во организирањето на верскиот живот и во негувањето на духовните вредности на своите џемати.

За коректност, велам дека можеби и говорел некој хоџа против владечката партија, но тоа останува индивидуална работа што не смее да се генерализира. Стојам зад наредбата на Исламската Заедница објавена пред изборната кампања дека верските службеници не смеат да се инволвираат во кампањата на било која партија, на било кој начин. Таа наредба е во потполност испочитувана.

Инаку, случајно се потсетив дека кружеше муабет за некој поп, ми се чини од тетовско, за време на едни избори дека фрлил клетва, што гласеше : “Да му се исуши раката на тој што ќе гласа за шиптарите“. Така проколна попот, а многу православни верници се исплашија за своите раце. Но, никако да се сетам дека некој албански лидер во тоа време се жалел дека ги изгубил изборите поради пропагандата на поповите.

Значи, никој си нема никаква работа со хоџите во врска со по горе кажаното, а нивната индивидуална определба за кого ќе гласаат е граѓанско право загарантирано со закон. На крајот на краиштата, тие имаат на кого да му одговараат за евентуалните свои грешки.

Од друга страна пак, не можам а да не направам една забелешка во врска со обвинувањата што им се упатуваат на Албанците за расипувањето на изборните математики. Се прашувам, зарем не ќе беше по добро ако по некогаш политичарите во Македонија за нешто би ја презеле вината на себе ?

Во дадениот случај, можеби некои од нив би требало да се запрашаат да ли можеби вината за одливот на гласовите во друг правец треба да ги побараат на друго место ?

Можеби кај лавовите и кај стиропорниот барок, кај камените коњи и силните споменици, кај недостатокот на канализација и водовод во приградски и градски албански средини, кај грч ладните училишта и бербат клиники, кај субвенциите за земјоделци што одат само кон одредени полиња во Македонија, кај руинираната скопска Стара Чаршија, кај смешните услови во албанските универзитети, кај селектираното запослување на младите, во стеснетиот животен простор, кај натписите  без албански јазик, кај упропастената култура, кај финасиите што се делат по некој чуден терк, кај…

Сосема на крај, во врска со настанатата ситуација, морам да прашам: Каде ли останаа нашите јуначишта, политичари, аналитичари и интелектуалци што се толку активни со бош муабети и фолк патриотизам, со рекла-казала, зошто не застанаа заедно за да кажат: “ Не, Албанскиот народ не е празноглав, тој знае да размислува политички, знае да процени и да казни, тој знае да ги ориентира тие што ги гласал, тој е пример во регионот за толеранција и разбирање.

Sulejman Redzepi 1Нивниот молк е злокобна порака за народот што бара промени, пораз на албанската храброст, недостаток на љубов и спремност да се жртвува личната комотност за доброто на колективот. Нашите интелектуалци се кријат по ќошиња во времиња кога пред нивни очи се одвива една криминална манипулација со вистината и со фактите. Тие велат дека се бават со важни научни работи, ама каква ли полза имаат Албанците од нивната наука ако таа не помага да се открие вистината ?

Вината нема ниту татко, ниту мајка, сираче е. Би била вистинска добрина да се земе за рака.

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Коментар(1)

  1. Ефенди, ништо не кажавте за бројот на неправедно вработени неквалификувани Албанци (секоја чест за оние коишто според нивните соодветни квалификации се вработени и одговорно му служат на општетството), за сметка на многубројни многупоквалификувани и се’ уште невработени Македонци. Сведок сум за фрапантниот нивни процент во една поголема јавна здравствена институција, каде можев да ги видам сериозните последици од нивната работа и од селективниот пристап кон пациентите на етничка основа. Што се однесува на донеодамна дивите населби – што да кажеме? Неодамна после долго време поминував низ Сарај и помислив дека автобусот го згрешил патот. Или вие не се сеќавате каква беда имаше таму своевремено? За огромните придобивки на Албанците од животот во Македонија последниве години и за привилегиите што ги уживаат сведочат самите тие, богатствата што ги стекнаа и позициите што ги држат по сите скалила и сфери во општеството. Но за жал со овој напис посведочивте дури и вие дека станува збор за неблагодарен народ. Во Кавадарци речиси и нема Албанци, но се’ уште има неасфалтирани улици во периферните населби, иако општо земено властите последниве години значително подобро се трудат за комуналните работи.
    Немаше да се изненадам ако вака проговореше човек кој не е боготрагател и кој не се интересира за подлабоките основи на животот, но ако некој се нарекува себеси духовен човек должен е да покаже и духовни својства, а не некаква улична култура на негодување толку својствена за современиот човек. Треба веќе и да му оддадеме признание на г. Никола Груевски и на неговите најблиски соработнициа за сиот плоден труд што го вложија за нас, граѓаните на Р. Македонија последниве години и особено за големото трпение во поглед на многубројните клевети што го снајдоа, меѓу кои и Вашава. Ви го пишувам ова од позиција на долгогодишно невработен високо образуван човек, чие практикување на верата се состои во секојдневно благодарење на Бога за она што ни го дарувал и безусловно трпение за она коешто се’ уште од некоја Нему (макар и нам) позната причина ни недостасува. Кога велам ‘Бога’ тогаш мислам на сите други освен себеси заедно. И така, за мене нема други виновници на овој свет освен мене. Другиот секогаш би бил Самиот Бог. Обидете се да се успокоите и себеси и своето духовно стадо, доколку имате таква љубов во себе, за да можеме да останеме во потребната благонадежна димензија на Божествениот мир, толку насушен за сите.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *