Митрополитот дебарско-кичевски, Тимотеј, заедно со Архимандритот Партениј на 27 март, кога Црквата го одбележува денот на Григориј Палама, во манастирот во Рајчица отслужија литургија, која воедно е и литургија за втората недела од велигденскиот пост.
По литургијата во свештенички чин бил ракоположен Павле Крцоски од Охрид, долгогодишен пријател и духовно чедо на Отец Партениј.
-Оваа Втора недела, пак, би можеле да ја наречеме продолжение на тоа торжество, бидејќи во неа го славиме споменот на уште еден голем борец за Православната вера, слаткогласната труба на благодатта – Св. Григориј Палама. Тоа е великиот тајник на Светата Троица, кој со живот и дело докажа дека благодатта е енергија Божествена, несоздадена, обожувачка, и дека преку неа смртниот човек може да се уподоби на бесмртниот Бог и да стане учесник во нетварната Божја светлина. Во ова учење, засновано на опитот на сите светии од Црквата Христова, се содржи нашата најголема радост. Зашто нам, на православните Христијани, ни се дава можност преку стекнување на Божјата благодат да станеме богоносци, да станеме причесници на Божествениот живот и Божествената природа. Ни се открива дека тоа е конечната цел на нашиот живот, дека тоа е нашиот вистински призив, велат монасите од Бигорското братство потенцирајќи дека токму затоа споменот на Божествениот Григориј Палама е со нетрпение очекуван од бигорските монаси и рајчичките монахињи.
-Затоа е тој толку радосно празнуван од нашата монашка заедница; затоа нашиот Старец, Архимандрит Партениј, со толкава почит го прегрнува во своето срце учењето овој боговдахновен учител, така што параклисот во Рајчица му го посвети токму нему, и на неговите двајца светогорски собраќа и небесни сожители – Св. Јован Кукузел и Св. Нектариј Битолски. И ете, овој параклис вчера и денес повторно беше сведок на едно големо торжество, на една духовнa радост, на еден прекрасен молитвен собир, велат монастите.
Погледнете ја фотогалеријата снимена од монасите во Бигорски:


































