Манастирот „Света Богородица Пречиста“ во Кичево годинава празникот ќе го одбележи со монашко пострижение, при што на празничната Вечерна богослужба ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, заедно со епископот Антаниски Партениј.
Празничната Вечерна ќе започне утре, 20 септември, во 18 часот, а во нејзини рамки митрополитот Георгиј ќе изврши монашко пострижение на нова монахиња.
Од Пречистанската обител велат дека со монашкото пострижение празничната радост ќе биде збогатена со „ново монашко принесување и доброволно предавање во целосна служба на Христа и Неговата Света Црква“.
Празнувањето продолжува на 21 септември со Света Божествена Литургија.
Од манастирот ги повикуваат верниците и почитувачите на Пречиста да земат молитвено учество во празничните богослужби.


