Кирил во Московската дума: „Доброто не може да се гради со зло“

Date:

Share post:

„Доброто не може да се гради врз зло“ – ова е главната порака што патријархот Кирил ја упати за време на посетата на Московската градска дума, каде што говореше за советското минато, прогоните на Црквата и односот меѓу целите што ги поставува едно општество и средствата со кои тие се остваруваат, пишува Orthodox Times.

Според Кирил, историското искуство на Русија во 20 век покажува дека ниту изградбата на „среќно општество“, ниту државниот или економскиот развој не можат да го оправдаат насилството, неправдата и жртвувањето на луѓе.

„Не може да се направи добро со зло – во тоа е Божјата логика“, рекол рускиот патријарх, додавајќи дека ниту личните амбиции, ниту националните цели не треба да се остваруваат преку средства што се „зли, опасни или грешни“.

Кирил ова го поврзал со советскиот период, потсетувајќи на прогоните, затворањата и егзилите, како и на уништувањето на црковниот и духовниот живот.

„Знаеме колку скапо плати нашиот народ. Следуваше страшна војна, уништување на Црквата и духовниот живот; прогони, репресии, затвори и егзил“, рекол тој.

Притоа, патријархот изнел и остра оценка за периодот што следувал по револуцијата, тврдејќи дека Русија на почетокот на 20 век била голема православна сила и дека нејзиниот развој во државата, науката, технологијата и економијата бил во подем пред да следува „страшен колапс“.

Кирил говорел и за современото место на христијанските морални принципи во личниот и општествениот живот. Според него, иднината на државата треба да се гради паралелно со духовниот, моралниот, научниот, технолошкиот и економскиот развој, без човечки животи и Божјата вистина да бидат жртвувани за некаква цел.

Во својот говор тој се осврнал и на атеизмот, кој го нарекол „страшна зараза што потекнува од ѓаволот“. Истовремено, нагласил дека тоа не треба да биде причина верниците негативно да се однесуваат кон луѓето кои не веруваат во Бог.

„Тоа не значи дека треба лошо да се однесуваме кон луѓето кои не веруваат во Бог. Треба да се молиме за тие луѓе“, рекол Кирил.

Посетата на патријархот на Московската градска дума беше организирана по повод 150-годишнината од храмот „Свети благоверен велики кнез Александар Невски“, кој се наоѓа во комплексот на Московската градска дума.

Кирил во храмот отслужил молебен и на храмот му подарил дел од светите мошти на свети Александар Невски и икона на свети Николај Чудотворец.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img