Државата е одредена од суверениот Бог да го носи мечот за да одржува ред и да го спроведува Божјиот гнев, но никаде во Новиот Завет на Христовите ученици не им е доделена улога во таа служба. Ние сме повикани да одиме по стапките на Христос и да одиме меѓу народите, создавајќи ученици, поучувајќи ги на Неговите Заповеди и потпирајќи се на Бог за нашата заштита од злото на модернизмот. Државата и Црквата се две посебни институции, кои што се разликуваат по својата цел, карактер и судбина.
/Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј (Проповед за Свети Јован)
Празникот на Отсекувањето на главата од Свети Јован Кристител претставува преоден период, своевиден премин на агрегатната состојба, од „течна во гасовита“ (од морална во љубовна или жртвено-страдална); од највисок степен на полноправно извршување на Старозаветниот Закон, исполнет преку делото на Свети Јован Крстител, во состојба на Совршена љубов и кон непријателите, богоустроена од богочовечкото дело на Христос.
Свети Јован Крстител е личност, кој достигнал израз на највисоко морално достигнување и правично исполнување на Законот Божји, кој го исполнил финалниот due process (правилна морална и правна постапка), кој заради ius strictum (примена на сите законски правила и принципи), морал да го укори и императорот. Крстителот не применил противење на власта, не употребил физички отпор кон непријателот на Законот, напротив доброволно подлежел на жртва за Законот, но применил метод на неотпор (не организирал пружање отпор) или принцип на непружање отпор кон власта, дури и кога таа владее неправедно.
Најморалниот „(најголемиот) меѓу родените од жена“ („најмалиот во царството небесно е поголем од него“ [Мт 11, 11]), ги исполнил потребните услови, покајанието и жртвата за исполнување на Законот, пред доаѓањето на Совршеноста на љубовта Христова (насочена кон сиот страдалнички свет), моделирајќи го Образецот на совршеност, преку љубов и кон непријателот. Господ Исус Христос, Својот израз на совршена љубов, го манифестира преку порака за мир – дека е можно помирување меѓу Бог и човекот. „Сте слушале дека е речено: ‘Око за око и заб за заб’. А, Јас ви велам: не спротивставувајте му се на злото“ (Мт 5, 38–39).
Растечкото зло што му се заканува на современиот христијанин, не е помало од злото во времето на изрекувањето на Заповедта. Христос не дојде за да ѝ се спротивставува и да ѝ суди на грешната човечка природа, ниту за да воспостави земна власт, Тој не дојде како етнарх, бидејќи Е Личност што не му робува на светот, туку доброволно и мирно да Го положи Својот живот за Своите непријатели. А, доколку Бог е љубов, тогаш Му се припишува способноста за страдање. Совршената љубов е состојба на дух кој страда и за непријателот, кој никогаш не агресира, не употребува сила, не поддржува или не се вклучува во војна против друг, односно таквиот човечки дух нема право на самоодбрана (и мора да го „заврти другиот образ“ [Лк 6, 29]), не ограничува или не оневозможува сила против себе.
При изразувањето совршена љубов, на кој било христијанин, оние христијани што применуваат ненасилен отпор против „неправедната“ власт, првите ги сметаат дека кај нив отсуствува отпор, притоа ги сметаат дека се компатибилни со движењата што се залагаат за општествени промени, па дури и како дел од нив.
Оние што применуваат ненасилен отпор против неправедното владеење (сепак во неговата суштина лежи одвраќањето и противењето на физичкиот отпор кон непријателот), пружат каква било форма на самоодбрана и тој модел не го „имитира“ Христовиот Образец на совршена љубов, бидејќи е некомпатибилно со љубовта кон непријателот; затоа не може да учествуваме во одбранбена војна, притоа да стремиме кон Христос. Употребата на каква било формација на одбрана е влез во спиралата на стравот од замислен напад на другите, во маѓепсан круг на превентивни удари меѓу две групи, прогресивни и ретроградни сили, кај кои и двете се совладани од билатерален страв од неизбежен напад на спротивната група.
Помеѓу Заповедите Божји и световниот поредок постои длабок конфликт и тука е невозможно заемното прилагодување.
Кога Му се потчинивме на Исус Христос како на Господ, станавме жители на Божјото Царство и ги прифативме Заповедите од Новиот Завет и Образецот на Христос, како правило за нашиот живот. Новиот Завет, му забранува на христијанинот да возвраќа со зло или да се одмаздува, туку нè задолжува да се молиме, да благословуваме и да правиме добро за оние што би ни нанеле штета (Мт 5, 44). Ние ја проповедаме Добрата вест на Евангелието. Како следбеници на Христос, ние треба да Го следиме Неговиот пример, така што нашиот живот да стане жива проповед што укажува на животот и делата Негови. Тој пример не е невооружен отпор – неспротивставување со сила. Затоа, тоа не е начин на живот што треба да им се наметнува на оние што не се Христови ученици, бидејќи тој е наменет за Црквата – како небесна институција, воспоставена преку Божјата откупителска благодат. Исто така, не очекуваме од државата да го исполни моралниот Закон Божји, која што е световна институција, а функционира под Божјите промислителни дејства за светот и тие дејства ја одржуваат власта и државата; и државата во светот има своја борба на политичките спектри, коишто се „навигирани“ од Божјите промислителни дејства.
Државата е одредена од суверениот Бог да го носи мечот за да одржува ред и да го спроведува Божјиот гнев, но никаде во Новиот Завет на Христовите ученици не им е доделена улога во таа служба. Ние сме повикани да одиме по стапките на Христос и да одиме меѓу народите, создавајќи ученици, поучувајќи ги на Неговите Заповеди и потпирајќи се на Бог за нашата заштита од злото на модернизмот. Државата и Црквата се две посебни институции, кои што се разликуваат по својата цел, карактер и судбина.

