„Парадоксот е што Македонците со децении се чувствуваа навредени и малтретирани од Српската патријаршија, но штом таа конечно еднаш ги „потапша по рамото“, тие брзо ја засакаа и веднаш ги заборавија сите минати навреди. Мислам дека тоа, пред сè, е израз на обична благодарност кон Белград. Второ, сосема е можно македонската страна да добила одредена финансиска помош, која, како што разбираме, често има руски корени во рамките на Српската православна црква.“ Ова во интервју за Либертас Фидеи, го вели Лера Фурман, црковен ексерт и познавач на балканските црковни состојби.
Интервјуто е посветено на улогата на Српската црква на Балканот, како канал за руско влијание. Во интервјуто има и прашања за МПЦ-ОА и обидите за руско влијание во македонското општество. Фурман во интервјуто прави разлика меѓу политиките на државната власт кон Русија и политиките на црковните власти.
-Не сум сигурна дека тие (властите во Македонија. заб. на авт.) навистина дозволуваат продор на руско влијание. Македонската држава, напротив, го протера претставникот на Московската патријаршија, го прогласи за персона нон грата и не го замени со никого од Русија, вели Фурман, но сепак нагласува дека продуцирањето проруски наративи доаѓа од црковните кругови.
– Мислам дека тие му придаваат огромно значење на тој томос (Томосот од СПЦ, заб. на авторот). Како резултат на тоа, на Српската патријаршија гледаат како на свој добротвор, институцијата што конечно го реши нивниот статус. Парадоксот е што Македонците со децении се чувствуваа навредени и малтретирани од Српската патријаршија, но штом таа конечно еднаш ги „потапша по рамото“, тие брзо ја засакаа и веднаш ги заборавија сите минати навреди. Мислам дека тоа, пред сè, е израз на обична благодарност кон Белград. Второ, сосема е можно македонската страна да добила одредена финансиска помош, која, како што разбираме, често има руски корени во рамките на Српската православна црква, вели Лера Фурман во интервјуто.
Таа анализирајќи ја улогата на СПЦ на Балканот, таа вели дека Српската патријаршија не е независен политички фактор.
-Во тоа се уверив за време на моите посети таму. Склони сме да ја преценуваме нејзината улога. Во реалноста, таа е дури и позависна и помалку автономна структура од Московската патријаршија. Додека Московската патријаршија барем разви некаква форма на концептот „руски свет“ и се обидуваше преку Светските руски народни собори да промовира идеи и политички програми, Српската патријаршија едноставно ги следи шовинистичките, националистичките и политичките движења во Србија. Природно, таа е поблиска до националистичките партии, а подалечна од демократските, прозападни опозициски групи, со кои воопшто не одржува контакти. Со други зборови, таа е длабоко второстепена институција без реална самостојна дејност. Додека претседателот Вучиќ е на власт, Српската патријаршија ќе продолжи да се ориентира кон Москва и ќе остане силно зависна од неа, вклучително и финансиски. Доколку во Србија дојде до промена на власта, Патријаршијата ќе биде принудена да се дистанцира од Москва, под услов новата власт да биде прозападно ориентирана, вели таа во интервјуто.
Потенцира дека веројатно не треба да се апсолутизира или преценува улогата на Србија во балканот бидејќи влијанието на СПЦ се стеснува.
-Особено ако се земе предвид дека се забележува развој на сојуз меѓу Бугарската, Македонската, Албанската, а можеби и делумно Романската црква. Според тоа, според мене, сферата на влијание на Српската црква се стеснува. Таа веќе целосно го изгубила своето влијание во половина од земјите на поранешна Југославија, вклучително и во Северна Македонија. Постепено го губи влијанието и во Црна Гора. Таму постои алтернатива на српското православие. Постојат проекти насочени кон создавање независна Хрватска православна црква. Тие веќе се реализираат во пракса, иако во она што може да се нарече неканонска форма, преку самопрогласени јурисдикции. Постои и проект за Косовска православна црква. Одредени активисти таму, иако не се епископи, се дистанцираат од Српската патријаршија и се залагаат за независна Косовска црква на територијата на Република Косово, вели Лера Фурман во интервјуто.

