По повеќе од четири месеци откако беше убиен, Иран ја почна церемонијата за погребот на ајатолахот Али Хамнеи.
Иранските власти најавија дека ја подготвиле најголемата државна погребна церемонија во историјата на државата, која ќе трае шест дена, ќе се одржи во пет града, вклучувајќи и градови во Ирак. Претходно, синот на Али Хамнеи, Моџтаба Хамнеи, кој е и негов наследник, најави дека нема да се појави на погребот, поради сериозни безбедносни закани од израелските претставници насочени кон иранските лидери.
Ковчезите со останките на убиениот ајатолах и на неколкумина членови на неговото семејство, кои загинаа во истиот напад на 28 февруари, веќе се изложени во комплексот за молитва во Големата џамија во Техеран, а церемониите ќе продолжат до понеделник со погребна поворка по улиците на иранскиот главен град, објавува „Ал Џезира“.
На 7 јули, погребната поворка ќе се пресели во светиот град Ком, а потоа во градовите Наџаф и Кербала во Ирак. Телото на Хамнеи ќе биде вратено во Иран, каде што ќе биде погребано во неговиот роден град, Машхад, на 9 јули, а се очекува на погребната церемонија да присуствуваат ужалени од целата земја и од странство.
Иранските власти објавија дека на државниот погреб очекуваат присуство на околу 15-20 милиони луѓе, а полицијата прогласи состојба на висока готовност за да го обезбеди настанот. Како што е најавено, на погребот ќе присуствуваат високи функционери и претставници од повеќе од 30 земји, меѓу кои и на Русија, Кина, Пакистан, Индија, Грузија и на Куба, како и верски лидери од 90 земји.
Бригадниот генерал Мохамад Акрамини објави дека иранската армија е во состојба на висока готовност пред неколкудневниот погреб на Хамнеи и дека иранските сили се подготвени за доаѓањето на високите функционери и на верските и политичките личности од различни земји.

