Претседателката Гордана Силјановска Давкова, претставници на владата и пратеници присуствуваа на поменот за 40-годишнината од упокојувањето на Ангелариј, втор поглавар на возобновената Македонска православна црква.
Во дворот на црквата Свети Димитрија во Скопје, Архиепископот Стефан и владиците Иларион и Јосиф отслужија помен за трагично загинатиот архиепископ на МПЦ-ОА.
-Архиепископот Ангелариј остави длабока трага во историјата на Македонската православна црква како еден од нејзините најзначајни духовни водачи и градители по возобновувањето. Со својата посветеност придонесе за развојот на духовниот живот и за одржување и јакнење на врските со македонската дијаспора. Неговото наследство останува симбол на истрајност, мудрост и служба во интерес на црквата и македонскиот народ, напиша Силјановска-Давкова на Фејсбук.






