Три децении народот во Австралија реагираше, се бореше и се надеваше дека раните ќе зараснат, а поделбите ќе останат зад нас.
Но кога повторно пред очите на јавноста се отвораат стари конфликти, се омаловажуваат луѓе и се создава чувство дека Црквата станува простор за лични пресметки, тогаш станува должност да се проговори.
Не против Црквата — туку токму заради неа.
Пишува: Кире Циревски
Долго се мислев дали воопшто вреди повторно јавно да посведочам за 30 годишната одисеја која ја проживееа верниот народ во Австралија како резултат на „пастирството“ на владиката Петар, да објаснувам некому кој очигледно не сака да ја разбере вистината, туку упорно се обидува да ја релативизира, замагли и претстави како некаков „духовен недостаток“ кај оние што имаат храброст јавно да проговорат. Но, не сакајќи со молчењето и самиот да станам нем сведок пред вистината – а вистината, колку и да се оттурнува, сепак некој мора да ја каже – се решив повторно да одговорам.
Особено по последните две интервјуа на владиката Петар на ТВ „Алфа“ и ТВ „24 Вести“, во кои целата јавност можеше во живо да го види токму она на што верниот народ во Австралија предупредува со години: дух на конфронтација, потреба од јавни пресметки, омаловажување на собраќа архиереи, мешање во други епархии и опасно доживување на Црквата како простор на лична моќ, а не како соборна заедница во Христа. Слушајќи како некои работи ги извртува и истите ги претставува на начин со кој изнесува толкувања кои не одговараат на фактичката состојба особено за Австралиско-Сиднејската епархија, ќе напишам неколку редови како одговор, имајќи го предвид и коментарот на мојот последен текст на Религија.мк.
Иако самите коментари по социјалните мрежи говорат за тоа какво промашување и во каква заблуда е овој човек, кој треба духовно да го води сега народот, a во јавните настапи најчесто акцент става само на финансиски и имотни прашања и непостоечки долгови од нашата црква во Рогдаел и од црковната општина во Волонгонг, кои нема никој пат и да ги добие и за кои може да сонува. Човекот, кој сам гласаше за помилувањето на свештениците во Розбери и во Њукастел сега ги споменува и ги смета за расчинети.
Бидејќи постојано споменува дека има судење и недоразбирања внатре во Сиднејската епархија да му кажам дека судењето заврши и дека веќе нема судење за да не споменува заостанати информации. Изгледа од далеку тешко му е да води контрола. Незнам зошто се меша во друга епархија и зошто не заборави на Австралиско-Сиднејската епархија, кога веќе не може да ја заборави својата Епархија, нека не заборави нас, или можеби дека сега нашата Епархија до изборот на владика е под Синодот повторно започнува војни за нејзино уништување. Од сето ова што го слушам и гледам незнам зошто го бираа Никола? – Во МПЦ изгледа во последно се бираат архиереи само за глас, за таканареченото мнозинство на дедо Петре, како што тој милува по телевизии на говори. За да имаат 1 глас повеќе во Синодот само? За овој месец и повеќе додека беше во Австралија само ја затвори црквата во Силванија и го објави соопштението на неговиот надлежен владика Петар.
Деновиве гледам ново соопштение од Силванија, сеуште е затворена црквата, на никој не им е гајле, важно сите заедно да служат, а вероватно и нова стратегија спремаат што почнале вака да се дружат, вероватно и повеќе гласови да собираат, за настап на следната синодска, кој знае?
Всушност си поставуваме сериозни прашања на начинот на кој веќе јавно се води хајката против членови и свештеници на Сиднејската епархија и која ќе биде понатамошната улога на митрополитот Никола во оваа трагедија исполнета со лаги околу имотите? – Дедо му Петре зборува како уште да е Митрополит Австралиски и Новозеландски, а неговиот Никола го нема никаде да му се спротистави на својот ментор, менаџер и управител.
Деновиве пишувајќи го текстот поточно вчера се појави нова најава владиката Петар по трет пат за неполна недела гостувал и дал интервју овој пат за слободен печат кое ќе се емитувало во понеделник. И од тоа што го видов во најавата гледам повторно истите теми плус нешто ново. Се запнал за имотите гледам и вика вака „штом имотите не се во состав на МПЦ, тука веќе имате парацрковна организација, како што се сите цркви во Австралија“. Ах дедо Петре ти провери си ги храмовите и имотите по прилепско-битолските села и види дали се прво тие имот сите на МПЦ, а за Австралија прати ти друг владика, остави го него да те вади од калта во која 30 години ја влечеше МПЦ по судови и не успеа ни траст наследство за МПЦ да направиш, реалноста говори нешто друго дека едина борба беше имотите да ги ставиш на твое име за да можеш да шефуваш и кога сакаш да продадеш имоти, како што и се продадоа, а за нашите имоти и храмови не се секирај, за да една црква се продаде скоро е невозможно да убедиш толку многу луѓе, а во твојот неуспешен траст во кој вметна само неколку цркви преку ноќ можете да ги продадете или да ги вметните во друга црква. Јавноста сака да чуе дали вие тие имоти кои се на ваше име како менаџер ги префрливте на име на новиот архиереј или сеуште вие ги менаџирате?
Но изминативе денови владиката Петар изгледа нервозен дека ситуацијата му е надвор од контрола во дадените интервјуа, индиректно се заканува на сите и тој отиде подалеку од Австралија. И токму затоа веќе не станува збор само за Австралија. Проблемот одамна ги надмина границите на една епархија. Проблемот конечно излезе на виделина пред целата македонска црковна јавност. Она што народот во Австралија со години го зборуваше – деновиве сам владиката Петар го потврдува преку своите јавни настапи: дух на конфронтација, потреба од доминација, омаловажување на други архиереи и опасна претстава дека Црквата функционира како личен систем на власт, модел што создава поделби наместо единство, страв наместо доверба и конфликти наместо духовен мир.
Впрочем, каква духовна порака испраќа архијереј кој по телевизии јавно нарекува друг владика „лажен владика“, бара одземање епархии, коментира политички протести во други држави и отвора фронтови со цели помесни структури? Зарем тоа е примерот на смирение кој ни го проповедате? Зарем тоа е „тишината“ во која ние требало да се подвижуваме? И затоа ова веќе не е прашање на различни мислења. Ова е судир меѓу два концепти: едниот – соборен, пастирски и црковен; другиот – авторитарен, конфликтен и длабоко персонализиран. И народот во Австралија одамна ја препозна таа разлика.
И, покрај сето тоа, повторно во коментар во насока на негова одбрана или негов адвокат се јавува и почитуваната „Ангелина“, со обид сето ова да го претворите во романтична приказна за молитва, тишина и смирение, додека истовремено пред очите на целата јавност се случува нешто сосема спротивно. И затоа чувствувам должност повторно да проговорам – не од омраза кон некого, туку од одговорност кон вистината, кон Црквата и кон народот кој предолго беше претставуван како виновник, само затоа што одби да молчи пред неправдата и лагите. Човеков дури во последното интервју говори и против нашиот Блаженејши, спомнувајќи се како политичка жртва во 1999 при изборот на архиепископ. Но, дали владиката Петар се сеќава дека тој не влезе на избирачка листа и за тоа со Јован кренаа револуција? Кој знае дали тие двајца се потпишани на избирачкиот записник, па сега ќе ни предава за еднодушност….
Почитувана „Ангелина“,
Ми е мило што сум Ве запознал и восхитил од мојот одговор на Вашиот коментар со наслов „Вистината е како шило“, но откако го прочитав новиот коментар во кој повторно лукаво не само што се криете, туку и свесно ја заземате погрешната страна, навистина се ражалувам што и покрај тоа што сте свесни за целата ситуација повторно започнувате своевидна одбрана на неодбранливото, и релавитизирајќи ги работите во насока на оправдување на лице, кое и во минатото било предмет на сериозни црковни судски спорови и кој од страна на починатиот архиепископ Гаврил во одлуката за расчинување се нарекува „непоправливиот“,
Токму во јавноста со години циркулираат и други различни архивски и медиумски толкувања поврзани со неговото минато, што создава дополнителна недоверба.
Откако го прочитав Вашиот коментар сакам кажам – незнам речам дипломатско и политичко писание едно ми е јасно зошто владиката Петар изминативе денови толку се сили по телевизии, зашто Ве има Вас и најверојатно и други како навивачи. Заслепен од вашите аплаузи човекот си даде само автоголови, осрамотувајќи се себе си и целиот САС, ама вие не престанувате со аплаузи и тоа сигурно со таквата безрезервна поддршка свесно или несвесно придонесувате за релативизација на проблемите што е трагично. Гледам во коментарот горе долу површно сте подразбрале некои работи, но минатиот коментар премногу избрзавте со заклучоци, па сега се обидувате да изградите малку потолерантен однос кон вашите неиспомисленици, сигурно откако веќе ги видовте сите далекосежни последици од непотребното надметнување на некаков пристап и модел на некакво си доверителство и старателство, односно на проблеми таму каде што немаше никаква потреба од страна на вашиот владика Петар, кој едино што успеа да направи е да посее какол насекаде каде што стапна.
Е сега гледам дека Вашиот инает и суета не дозволува да си признаете дека се наоѓате на погрешната страна на процесите, подржавајте го длабоко во себе пристапот кој растура а не обединува. Дури и црковните одбори како Силванија и Порт Кембла, а верувам и многу други од Петровата епархија сфатија и не го прифатија тој неговов модел, а тој пред јавноста говори дека сите го прифатиле, што е уште една голема лага. Ако сите го прифатиле тој модел зошто до сега веќе 30 години се зборува дека го прифатиле, а сеуште не е прифатен? – Сега се прашувам кој внесува парацрковни моменти?
Во однос на Вашето неосновано тврдење дека МПЦ сум ја доживувал како сервис и агенција за религија сте потполно во грешка. Нажалост јас гледам дека таквото доживување најверојатно го имате вие и секако владиката Петар, кој од првиот ден кога стапна на австралиско тло наместо како зрел духовник да се занимава со духовниот напредок на верниот народ, започна да се занимава со сервисно геодетски и имотно- катастарски и судски процеси, како да води Катастарска агенција. И затоа сестро или брате во Христа, самиот тој од македонското свештенство направи оператори без слобода и еден куп расчинувања на секој неистомисленик. Свештенството во Сиднејската епархија, која сакале вие или не е реалност и ќе биде реалност, народот секогаш го заштитуваше од епархискиот судија Петре, кој направи премногу неправилни расчинувања. Од неговите телевизиски и новинарски гостувања гледаме дека до ден денес не може да се помири дека Синодот ги отфрли тие негови погрешни одлуки. Јас лично жалам што самата МПЦ со Петре како јавен обвинител си дозволи тој човек да им биде личност чие делување, според многумина сериозно придонесе за нарушување на довербата на црквата. Тешко на оној преку кого доаѓаат соблазните, се вели во Светото Писмо, а деновиве сите сме сведоци на такви соблазни кои ги шири вашиот истомисленик, кој во вашиот коментар го правите рамен на папата со тоа што велите дека имал апсолутна власт. Се прашувам после ова тврдење, Ангелина, да не и седите заедно во синодската сала.
Основната заблуда во Вашиот одговор – Анѓелина е претпоставката дека верниот народ, кога бара ред, отчетност, правна сигурност и заштита на храмовите што самиот ги изградил, наводно ја сведува Црквата на „сервис“ или „агенција за религиски услуги“. Тоа не е точно. Напротив, токму затоа што народот ја доживува Црквата како свој духовен дом, тој не сака таа да биде сведена ниту на приватен имот, ниту на административна алатка, ниту на поле за самоволие.
Најтажно од сè, Ангелина е што сето тоа се обидувате да се оправдате со богословска реторика за послушание, смирение и „апсолутна богодарувана власт“. Дали Вие знаете дека епископот е монах, а не монарх? Дека во православната вера епископството не е апсолутистичка власт, туку пред сè жртвена служба? Епископот не е поставен да владее како сопственик над народот и храмовите, туку да служи, да обединува и да сведочи љубов. Кога еден архиереј ќе започне да се доживува себеси како центар околу кој сè мора да се покори, тогаш веќе не зборуваме за пастирство, туку за опасна персонализација на Црквата.
Токму затоа Вашата теза за „апсолутна богодарувана власт“ не само што е претерана, туку е и длабоко нецрковна. Во Православието не постои папизам. Не постои епископ кој е над Црквата, над Преданието, над каноните, над соборноста и над народот Божји. Ако било кој владика смета дека со самото свое присуство автоматски ја поништува волјата, жртвата и достоинството на верниот народ, тогаш тој не ја разбрал ниту суштината на епископството.
Не може секое наше барање за правда да се прогласи за бунт. Не може секое несогласување со постапките на еден архиереј да се прогласи за напад врз Црквата. Не може народот што ги градел храмовите, ги плаќал кредитите, ги ставал куќите под хипотека, ги чувал децата од асимилација и со децении го одржувал македонскиот православен живот во Австралија, денес да биде третиран како пречка, а постапките на владиката, кои се надвор од сите канони да се третираат за точни.
Но уште потрагично е што додека Вие пишувате за молитва, смирение и тишина, Вашиот омилен владика Петар деновиве оди од телевизија на телевизија и буквално отвора фронтови против поглаварот и сопствените собраќа архиереи, против свештеници и против цели епархии. Наместо пастирски мир, гледаме јавни пресметки. Наместо духовна зрелост – медиумски спектакли. Наместо градење единство – продлабочување на поделбите.
Во интервјуата веќе не е проблем само Австралија. Сега на ред дојде и Европската епархија, владиката Пимен, Малта, Англија, па дури и внатрешните состојби во СПЦ и студентските протести во Србија. Зарем ова е јазик на еден духовник? Зарем вака изгледа смиреното монашко сведоштво кое Вие толку патетично се обидувате да ни го објасните?
Особено е симптоматично што човекот кој со години создава конфликти во Австралија, сега почнува да држи лекции кој управувал канонски. Истиот оној владика кој со 30 години го кршеше канонското правило за администрирање и кој секои 6 месеци не доаѓаше во Австралија, а верувам дека ни во Битолско-прилепската епархија има храмови кои не ги посетил повеќе од 6 месеци и не успеа да донесе мир во сопствената епархија, денес зборува за одземање епархии на други владици. Човекот кој создаде поделби во Австралија, денес сака да ја прекројува Европа, од каде исто така во минатото мораше да замине по период проследен со бројни несогласувања.
И тука јавноста конечно почнува да ја гледа суштината на проблемот: не станува збор за „борба за канонски поредок“, туку за опасна потреба од контрола, влијание и конфронтација. Затоа и неговото долгогодишно делување често беше проследено со конфликти и длабоки поделби. Неговата љубов кон Малта ни е позната и нас. Особено е лицемерно денес да се делат лекции за Малта, екуменизам и „канонско однесување“, кога постојат документи кои сведочат за сопствената длабока поврзаност на владиката Петар со структури како „Order of Saint Joseph of Malta“, каде што самиот се потпишува како „Spiritual Protector“, а во документите фигурираат титули како „кардинал“ и „ред од Малта“. Токму затоа денешните телевизиски настапи, во кои се обвинуваат други архиереи за контакти, служби или односи во Малта, оставаат впечаток не на принципиелност, туку на опасен двоен аршин – едни правила за себе, а други за сите останати.
Вие велите дека требало да се молчи и духовно да се подвижуваме. Но кажете ни искрено – дали молчеа тие што деновиве јавно понижуваат владици на телевизија? Дали молчи владиката Петар, кој во далечната 1999 година крена бунт против изборот на поглаварот, дали молчи кога колеги архиереи ги нарекува „лажни владици“? Спомнува политички избори на одредени владици, чинам го спомна епископот Јаков, а за сопствениот избор во времето на комунизмот молчи… ништо не зборува за изборот на својот викар за Австралиски владика, како преку ноќ така се случи, да не и тука се вмешала политиката, како за неговото доаѓање, но ај повеќе ќе дознаеме кога ќе се емитува интервјуто. Жално е што се бираат владици од клупа, а оние кои имаат заслуги на теренот се прескокнуваат. Таков е македонскиот синдром се ќе ти простат само успехот нема. Дали тоа е јазик на љубов? Дали тоа е примерот што сакате да го следиме? Замислете само каков соблазна остава ова пред верниот народ: архијереј јавно да коментира кој бил лажен владика, кој не заслужувал епархија, кој со кого служел, кој на која страна бил во политички протести… И сето тоа на телевизија, пред цела јавност. А потоа истите тие луѓе ни зборуваат за молитвена тишина и смирение.
Го споменувате и свештеномонахот Гаврил, за кој деновиве дедо Петре повторно фрла дрва и камења, иако Синодот ја отфрли како невалидна одлуката и процесот против него. Се прашувам и сеуште не ми е јасно што чека Синодот и зошто уште на следната синодска седница не го избере за владика на Сиднејската епархија, каде сите го сакаат и го бараат од Синодот за свој владика. Но по се ова изгледа на Синодот повеќе му одговара да има некој проблем, односно да го слушаат Петре како ги навредува сите и како им се заканува. И додека го пишувам ова во Мелбурн се случува таков историски настан – прослава на младинската организација каде присуствуваа повеќе од 500 луѓе, благодарение на овој смирен о. Гаврил, кој никому ништо лошо не направил. Затоа жално е кога гледате дека човек ужива углед и достоинство од австралиските власти и од сопствениот народ, неколкумина да останувате слепи на неговиот успех и да не го бирате за владика оној кој меѓу народот ужива веќе таков авторитет. Тоа говори дека ние сме заробена црква, каде што успехот ти се смета за најголем грев. На синодската имате можност да го чуете гласот на сопствениот народ и со изборот за сиднејски митрополит конечно да се затвори таканареченото Австралиско прашање.
Не, почитувана „Ангелина“. Проблемот не е што народот бара ред и правда. Проблемот е што некои луѓе со години ја претвораат Црквата во простор на лични пресметки, влијанија и медиумски настапи. А најстрашно е што сето тоа се прави во име на Христос и Црквата. Вие велите: „каде што е владиката, таму е Црквата“. Но Светите Отци никогаш не учеле дека Црквата е приватна сопственост на еден човек. Црквата е соборна. Црквата е заедница. Црквата е вистина и љубов. А таму каде што има гордост, омаловажување, навреди и јавни пресметки – таму сигурно нешто длабоко е нарушено. Го повикувам митрополитот Никола да излезе со тапиите од црквите во Ливерпул и Донибрук и од другите цркви да видиме на чие име се тапиите? Дали се сеуште на име на Петар, Јовица или Тоне или пак сега е направена промена? И да каже зошто во Порт Кембла не е таква тапијата?
Треба да сфатите дека народот во Австралија не се побуни против Црквата, против својата МПЦ. Тој народ ја бранеше својата Црква од еден погрешен модел на управување кој е и против самата црква и создава страв наместо доверба, поделби наместо единство и послушници наместо живи православни личности. И затоа денес, по сите интервјуа, настапи и изјави, станува уште појасно зошто кризата не е создадена од народот. Народот не одеше по телевизии да навредува владици. Народот не отвораше војни против цркви и епархии. Народот не делеше етикети „лажни владици“. Народот само бараше мир, достоинство и почитување.
Бидејќи гледам дека владиката Петар е опседнат со нашиот храм во Рогдаел. Да потсетам дека со насилничкото влегување со литии во Св. Петка, ја порекна судската одлука, а полицијата ги отстрани него и неговите сооучесници со наведени глави – кабаетлии си заминаа. Не се ли тие што ги лаже наши браќа и сестри? Не се ли тие истите луге со кои треба да седнеме на една маса и за добро и за лошо? Нели нивните и наши внуци одат во исти училишта? Членуваат во македонски клубови, Културно уметнички друштва? Каква уште делба сакате да ни направите?
Седум години бевме оставени без свештеник. Богослужбите за Божиќ и Велигден ги превземавме телефонски од другите македонски цркви каде опслужуваа свештеници. А свештеник кој не смееше да влезе во црквата во 2006 година, Светата причест ја делеше на улица.
Дедо ви ја лажеше македонската јавност кога во март 2006 година го донесе архиепископот на Антохиската црква за Австралија и Нов Зеланд, во Македонија наводно да го придобие како посредник во преговорите со СПЦ. Што може Антохиската црква да помогне во нашето недоразбирање со СПЦ? Вистината е следната: Да го придобие антохискиот владика да му даде поткрепа за регистрирање на „Законот за старателство – траст“, кој сакаше на мала врата да го помине во парламентот на НЈВ. Но, пак правината излезе на виделина.
Вероватно затоа преку македонски свештеник му помогна да ја организираат црквата Св. Никола која е под Антохиска јуриздикција. На последното доаѓање во Австралија прва посета на дедови Петар му беше посетата на владиката Василиј од Антохиската црква, вероватно таму е центарот за комуникации и атомска енергија?
Ангелина, вероватно сте заборавиле дека судски документи се испратени преку австралиски државни институции, да му се дадат нарака на дедови Петар, преку Македонското министерство за правда. Дознаваме дека истите документи не сакал да ги прими, и истите се вратени назад? До кога и од кого се крие од своите верници или од неверниците, па можеби и од државните власти?
Споменувате дека сум пишувал против владиката Никола и неговите постапки. Точно пишувам и сум против тој да е продолжена рака на Петре и да ги пропагира неговите политики. А тоа го видовме изминатиот период. Ги остави Силванија без служби, најверојатно при посетата на Сиднеј ниту ја посетил таа црква. Јас не го натерав Никола да го објави соопштението од Епархиското собрание и да бара повторувања на свети тајни од сопствениот македонски народ и да бара непостоечки долгови од нашата црква.
Вашиот повик кон молитва е правилен, но молитвата не ја исклучува вистината. Христијанското трпение не значи прифаќање неправда. Простувањето не значи бришење на фактите. А смирението не значи предавање на народното црковно наследство во раце на неколкумина без јасна контрола. Затоа прашањето за имотот не е само правно прашање. Тоа е прашање на закони и доверба. Ако народот низ болни искуства видел дека имотот може да стане средство за притисок, тогаш неговиот страв не е антицрковен, туку човечки и оправдан. Храмовите во Австралија не се изградени од апстрактна институција, туку од конкретни луѓе, семејства и генерации. Тие храмови се црковни по својата намена, но народни по жртвата со која се создадени.
Никој разумен не вели дека Црквата треба да живее без архиереј. Напротив, токму затоа се поставува болното прашање: зошто Сиднејската епархија останува без свој надлежен архиереј? Зошто за една епархија се избира владика, а за друга се создава чувство на привременост и неизвесност? Зарем тој народ не заслужува јасна пастирска грижа, а не административно држење во неизвесност?
Вистинскиот пат не е ниту анархија на народот, ниту самовластие на архиерејот. Вистинскиот пат е соборност: епископ, свештенство и народ заедно, во доверба, ред, љубов и одговорност. Таму каде што нема доверба, прво треба да се обнови довербата. А довербата не се обновува со поуки од далечина, туку со признавање на раните, со слушање на народот и со јасни дела.
Затоа, да – потребна е молитва. Но потребна е и вистина. Потребно е покајание. Но покајание од сите страни, не само од народот. Потребна е прошка. Но прошката не смее да биде изговор никој да не понесе одговорност.
Црквата не е сервис. Но не е ни приватна власт. Таа е Тело Христово. А во тоа Тело не смее едниот дел да го гази другиот, ниту главата да ги презира ранетите членови. Ако навистина сакаме мир, тогаш тој мир мора да биде изграден врз вистина, правда и соборна љубов.
Зашто вистината не ја руши Црквата. Лагата ја руши. Молкот пред неправдата ја руши. А народот што бара правда не е непријател на Црквата.
А вистината, колку и да се прикрива со дипломатски текстови, релативизации и духовни флоскули, сепак останува иста: Црквата не се гради со страв и конфликти, туку со љубов, мудрост и соборност. И токму затоа, колку повеќе зборуваат, толку повеќе самите се разобличуваат. За крај Ангелина ви ја предлагам барем да ја прелистате, ако не сакате да ја читате книгата „МАКЕДОНСКО РАСПЕТИЕ ИЛИ ВЛАДИКА ПО ЈУДА“.



Почитуван господине,
Еклисиолошкиот модел кој го претставивте во Вашите последни опсежни обраќања и кој ги одразува Вашите ставови за огранизацијата и функционалноста на локалната Црква, на Епархијата како Нејзина основна единица, особено за местото, улогата и конкретната власт на Епископот од една страна и на верниот народ од друга, фактички е од протестантски происход и за жал на ниеден начин не може да се поврзе со православните еклисиолошки модели (ако воопшто можеме да зборуваме за повеќе од еден православен еклисиолошки модел на таа тема). Православниот модел и е авторитарен, подразбира совршенство на Епископот и послушност на свештенството, на монаштвото и на верниот народ.
Местото и улогата на ктиторите (кои вие ги фаворизирате до безграничност како носители на некаква бесконечна управна власт во локалната Црква) во административна смисла завршува со изградбата, фрескописањето и украсувањето на храмот, нивната власт од тој миг станува чисто мистична (што и е смислата на ктиторството) и многу повлијателна од било која административна димензија на црковниот живот. Не сум чула за таква бламажа на друго место ктитори лишени од секакво смирение и од секаква вера во Божјата Промисла да ја земаат црковната власт во свои раце и да се превознесуваат до таа мера над Епископот, да сведочат дека се толку лишени од благодатта Божја, не дозволувајќи И’ да животвори во нивните битија и да изгради од нив живи храмови Божји бидејќи тие толку се заковале за камените храмови што од малтерот и мермерот не можат ни да се одлепат итн. итн.
Дедо Петар и да греши, го прави тоа од своето место, занимавајќи се со епископски работи. Но на ктиторот не му прилега и не му е достапно да изигрува Епископ нон-стоп. Ништо нема да постигне, барем ништо полезно.
За расчинувањата за кои зборувате знам дека на едно место треба секако да ја преиспита својата одлука: архимандритот Гаврил е еден прекрасен, автентичен монах кој донесе толку многу плодови во животот на Епархијата под јурисдикција на дедо Петар, што дури и ако згрешил некаде, тешко е да се сфати дека расчинување би била епитимијата којашто би го навела на темелно покајание за да исцели некоја негова слабост, ако воопшто има таква. Инаку, колку што знам о. Гаврил е монах кој живее во постојан волев подвиг покајание, не му треба некој ваков повод за тоа. (Расчинувањето всушност и не е епитимија, туку некаква конечна пресуда, намера за нечие лишување од правото на постоење како име во Црквата. Надеж дека ако името го снема и неговите енергии во Црквата ќе претсанат да делотворат. А знаете дека всушност ние и со Самиот Христос се поврзуваме преку Неговото Име). Е сега, јас сум повеќе од уверена дека отец Гаврил не печалел никакви пари за Струмичката Епархија преку некаква бутка во Манастир во Австралија, продавајќи книги на Владиката Наум. Книгите на Владиката Наум никаде низ Македонија не се ни продаваат колку што знам, туку им ги раздава на верните бесплатно. На интернет може да се најде нивниот англиски превод по минимална цена (ниедна книга не е поефтина од нив, не се покриваат ни трошоците за печатење со таа цена), значи збор за печалба никако не може да стане и многу е тешко да се поверува во амбиции за такво нешто. Ракоделија и книги изработени од Струмичката Епархија веројатно имало, тоа ја збогатило понудата, сувенирницата на Манастирот, но целта никако не била печалба, ниту начинот на кој тие нешта се раздаваат во струмичките манастири на пр. е барем најмалку економски целисходен. Значи, можно е Владиката Петар да донел погрешен заклучок (што е многу тажно, бидејќи да го изгубиш игуменот што го основал и оживеал еден манастир како тој во Донибрук за такви дребулии е многу бесмислено). Затоа, ќе речеме дека во сето ова сепак има Божја Промисла и дека ќе придонесе за нов духовен раст на о. Гаврил, кој умее да се справи со искушенијата на правилен начин за да му ја умножат благодатта.
Огорченост не може да се негува од ничија страна, ни да се очекува единството да се случи само од себе.
Затоа сметам дека Вашите критики на адреса на Владиката Петар за неговите најнови настапи во медиумите не држат. Тој е слободен да ги изнесе своите размислувања за состојбите во други Епархии и не се неговите размислувања чисти напади, како што Вие сте ги доживеале. На крајот на краиштата тој секако е повикан да размислува на тие теми, можеби други не би одлучиле да ги споделат своите размислувања јавно, но тоа е прашање на проценка на општата полза од говорот или од молчењето и секако прашање на личен избор.
Инаку, нема црно-бела техника во духовниот живот, па и во надворешно гледаниот црковен живот. Премногу е комплексен за да држиме нечија страна. Она што е важно никогаш не е видливата надворешност.
Ако сте ја прочитале “Шагринска кожа” на Балзак, на пример, ќе ме сфатите што сакам да кажам. Во неа на многу пластичен начин е доловена една Христова мудрост ‘Никој од вас не може, грижејќи се, да му додаде ни еден лакот на својот раст.’ (Лука 12, 25).