Архиепископот Јаков од Бодбе изрази загриженост поради тензиите во јавноста во пресрет на изборот на нов патријарх на Грузиската православна црква, нагласувајќи дека никој нема право да се меша во овој процес.
Тој истакна дека одлуката за изборот ќе ја донесе Светиот синод и дека секој од можните кандидати би бил достоен за функцијата. Според него, идниот патријарх ќе има потреба од поддршка, а единството меѓу архиереите е од клучно значење. „Треба да го зачуваме единството за да Му служиме на Бог. Нема да дозволиме никој, ниту одвнатре ниту однадвор, да се меша во нашите работи“, изјави архиепископот Јаков.
Тој додаде дека изборот на новиот патријарх не треба да биде предмет на политички влијанија, нагласувајќи дека Црквата не зависи ниту од власта ниту од опозицијата, туку од верата и единството на верниците.
Во ист контекст, архиепископот Спиридон од Схалта изјави дека во Светиот синод владее единство и дека нема сила која може да ги подели Црквата и грузиското општество.
Тој потсети на улогата на покојниот патријарх Илија II во зајакнувањето на Црквата и враќањето на верниците во храмовите, нагласувајќи дека неговото духовно наследство ќе продолжи да го обединува народот.
Архиепископот Спиридон посочи дека различните мислења меѓу архиереите се природен дел од процесот на донесување одлуки и не претставуваат знак на поделби, туку можност за избор на најдоброто решение.

