Руски шпион, викар, патријарх…

Date:

Share post:

Водачот на група од Србија која предизвикуваше немири во Франција и Германија, по наредба на руската разузнавачка служба се крие во Русија.

По месеци истрага, „Радио Слободна Европа“ (РСЕ) го лоцираше Момчило Гајиќ во Москва: во јануари 2026 година, тој беше во црквата „Свети Петар и Павле“. Оваа црква е претставништво на Српската православна црква (СПЦ) во Русија, а Гајиќ зазема централна позиција во црковната церемонија според фотографиите.

Гајиќ, според истрагата на српското судство, е осомничен дека е еден од организаторите на низа расистички акции насочени против еврејските и муслиманските заедници во Париз и Берлин во пролетта и летото 2025 година. Тој успеа да избега и од француската и од српската полиција и не беше меѓу 11-те членови на групата кои беа уапсени во Србија кон крајот на септември.

Според пресудата на Вишиот суд во Смедерево, во која РСЕ/РС имаше увид, Гајиќ предводел група од Србија која ги предизвикала немирите по наредба на руските разузнавачки служби.

Тројца членови на групата се изјаснија за виновни и беа осудени во декември 2025 година пред судот во Смедерево за шпионажа и расна дискриминација. Еден од осудените го опишува Гајиќ како организатор на немирите „тесно поврзан со руската служба“, според судските документи што РСЕ ги доби на увид.

Српската полиција не одговори на барањето на РСЕ за тоа дали е издадена потерница. Гајиќ (30) досега не е осудуван, има регистрирано постојана адреса на живеење во Нови Сад, Војводина, а познат е и по прекарот „Калуѓер“, покажа нашето истражување. Тој не одговори на повиците и писмата на РСЕ.

Првите информации за улогата на Гајиќ во инцидентите во Париз и Берлин се појавија кон крајот на септември 2025 година, кога српското Министерство за внатрешни работи објави дека 11 лица се уапсени во голема операција на полицијата и на Безбедносно-информативната агенција (БИА) под сомнение за сторени кривични дела шпионажа и расна и друга дискриминација.

„Постојат основи на сомневање дека М.Г., кој е во бегство, постапувајќи по упатства на странска разузнавачка служба, организирал и обучил група од 14 српски државјани на територијата на Република Србија, чија цел била кршење на основните човекови права на територијата на Франција и Германија врз основа на различност пораса, боја на кожа, верска припадност, националност и етничко потекло“, објави МВР Србија на 29 септември 2025 година.

Групата извршила неколку акти на вандализам, вклучително и истурање зелена боја врз Музејот на холокаустот и на три синагоги во Париз, како и оставање свински глави пред девет џамии во тој град. Во центарот на Берлин, во близина на меморијалниот комплекс посветен на убиените Евреи, биле поставени пластични скелети.

Дали Гајиќ се бара за да му се суди? Не е познато.

Француското обвинителство и српското МВР Србија не одговорија на барањето на РСЕ за потерницата. Обвинителството во Смедерево кратко изјави дека сè уште постапува по овој предмет. „Случајот е сè уште во фаза на истрага, во која се преземаат разни процесни дејствија, кои вклучуваат, меѓу другото, мерки за обезбедување присуство на обвинетите, како и доказни дејствија насочени кон утврдување на сите релевантни факти“, изјавија за РСЕ од Обвинителството во Смедерево. Додадоа дека „во интерес на непречено водење на постапката“, не можеа да дадат дополнителни информации.

Што прави Гајиќ во Москва?...

Истражувајќи ги дигиталните траги, РСЕ ги пронајде неговите контакти врз основа на неговиот стар профил на LinkedIn. Телефонскиот број поврзан со апликацијата Telegram е поврзан и со фотографија од профилот на која се гледа како Гајиќ воспоставува телефонски повик. РСЕ ја геолоцираше локацијата каде што е направена фотографијата во Москва: Гајиќ седи во близина на влезот на еден од најстарите пазари – „ГУМ“, свртен кон Црвениот плоштад…

Втората фотографија што ја пронајде РСЕ го прикажува Гајиќ во црквата „Свети Петар и Павле“ во Москва – што е претставништво на СПЦ во Русија.

Фотографиите беа споделени на нивната веб-страница на 27 јануари 2026 година од страна на Подворјето на СПЦ, како и од владиката Стефан (Драган) Шариќ. Во тој момент се одржува литургија по повод верскиот празник свети Сава, кој е исто така и слава на црквата во Москва. Гајиќ има едно од централните места за време на церемонијата на кршење на колачот, што е дел од обичаите на СПЦ. Во придружниот текст, Подворјето на СПЦ во Москва го најавува Гајиќ за кум на славата за следната година, 2027 година…

Во текстот на веб-страницата на Подворјето, исто така, се наведува дека Гајиќ е „од Москва“. СПЦ не одговори на прашањето на РСЕ дали проверуваат кој ќе биде организатор на една од најголемите прослави во храмот во Русија и на кој начин го вршат изборот на лица за оваа позиција.

Што откриваат судските документи? По враќањето во Србија, по инцидентите во Париз и Берлин, 11 членови на групата беа уапсени и притворени на 1 октомври 2025 година. Тројца членови на групата се изјаснија за виновни и беа осудени на домашен затвор од шест месеци до година и пол од Вишиот суд во Смедерево кон крајот на декември. Истрагата против преостанатите членови на групата сè уште е во тек.

По неколку изјави во полиција, Александар Савиќ, Филип Петровиќ и Немања Ќевап се изјаснија за виновни. Тие беа осудени на домашен затвор од шест месеци до година и пол од Вишиот суд во Смедерево кон крајот на декември. Тие не одговорија на барањата на РСЕ за интервју.

Покрај трите лица кои се изјаснија за виновни, во тек е постапка против осум лица уапсени во септември 2025 година. Исто така, осомничени за шпионажа и расна дискриминација се: Александар Блекиќ, Никола Станојевиќ, Никола Жикиќ, Сара Пауновиќ, Ѓорѓе Павловиќ, Никола Делиќ и Александар Миленковиќ. Повеќето од членовите на групата живееле во Велика Плана, град со околу 15.000 жители во централна Србија, на околу 90 километри од Белград. РСЕ имаше увид во досиејата на случајот, кои вклучуваат изјави од обвинетите. Тројцата членови на групата кои се изјаснија за виновни во своите изјави, главно негираа дека биле „целосно свесни“ за целта на инцидентите.

Александар Савиќ изјавил дека го познава Момчило Гајиќ бидејќи работел како келнер во ресторан во Белград, кој наводно Гајиќ го стопанисувал во одреден момент. Во својата изјава, тој наведува дека се сретнале кон крајот на април 2025 година, кога Гајиќ му дал пари за да ги исплати учесниците на групата. Савиќ сведочел дека плаќал за авионски билети, изнајмувал автомобили и обезбедувал пари за организирање акции што Гајиќ му ги уплаќал однапред или дополнително ги рефундирал. Како што може да се види од судските пресуди, членовите на групата добивале помеѓу 500 и 1.500 евра за „акциите“, а сè се одвивало според упатствата на Момчило Гајиќ.

„Знам дека прекарот на Момчило е „Калуѓер“ и дека е тесно поврзан со руската служба. Не знам дали станува збор за разузнавачката служба на Руската Федерација, разбрав дека неговата цел е да ја дестабилизира политичката ситуација во Европа“, посведочил во исказот Филип Петровиќ, признавајќи ја вината. Во списите на предметот како втор организатор на групата се наведува неидентификувано лице со прекар „Хантер“. Според судските записи, ниту еден од членовите на групата не го видел ова лице…

„Според моите проценки, Хантер е на бојното поле во Украина. Никогаш не сум му го видел лицето. Претпоставувам дека тој и „Калуѓер“ (Момчило Гајиќ) се најдобри пријатели, соработници“, рекол Александар Савиќ во својата изјава, при признавањето на вината. „Хантер“, додал тој, „сигурно има врски со руската служба“ и дека „ништо не може да се направи без него“… Тој е ословуван со прекарот „Хантер“, меѓу другото, бидејќи тоа било името на неговата корисничка сметка на апликацијата…

Според јавно достапните информации, две години пред инцидентите во Франција и Германија, Гајиќ бил еден од важните гости на СПЦ – овој пат во Србија.

Одбележувањето на црковната слава, на која Гајиќ бил кум, се одржало на 22 мај 2023 година, во црквата „Вознесение Христово“ во Нови Сад, а литургијата ја водел еден од највлијателните претставници на СПЦ – владиката бачки, Иринеј (Мирко) Буловиќ.

Во 2017 година, Момчило Гајиќ зборуваше за себе во емисија на YouTube наречена „Животот на еден гејмер“ во која беше претставен како вработен во компанија за е-игри. Во таа емисија, Гајиќ наведува дека во осмо одделение се запознал со „другари од подземјето“…

Емисијата во која се појавил Гајиќ е снимена во дворот на манастирот Ковиљ, во близина на Нови Сад. Гајиќ во тоа време изјавил дека престојувал во манастирот во текот на 2012 и 2013 година за да се „лекува од зависност од игри“. Во овој манастир на СПЦ се наоѓа црковната заедница „Земја на живите“, која, според описот на нивната веб-страница, се занимава со третман на зависности преку молитва.

Заедницата е основана „со благослов“ на епископот Бачки Иринеј, а најголемата промоција ја доживеала во време кога игумен на манастирот бил сегашниот патријарх на СПЦ – Порфирије (Првослав) Периќ – кој ја водел до 2014 година.

Кој сè ја посетува СПЦ во Москва?

Подворјето (претставништвото) на СПЦ во Москва го води епископот Стефан Шариќ. Тој е таканаречен викарен епископ на поглаварот на СПЦ. Има титула „Епископ Ремезијански“…

Пред да стане старешина на Подворјето на СПЦ во Москва, тој беше старешина на храмот Свети Сава во Белград, најголемиот во Србија.

Новинарите од истражувачката новинска агенција „Детектор“ од Сараево го лоцираа владиката Стефан во друштво на српски волонтери во Русијa.

Според сараевскиот портал, во април 2025 година тој бил гостин на добротворна вечера во ресторанот „Суботица“ во Москва. Вечерата ја организирала Московската фондација „Свети Сава Српски“. Оваа организација ја регистрирале српски волонтери во руската армија – Давор Савичиќ и Бранко Басара.

Савичиќ, босански Србин кој го основал платеничкиот баталјон „Волци“ пред почетокот на руската инвазија на Украина, бил наведен и како полковник во Главната дирекција за разузнавање на Генералштабот на руските вооружени сили – попозната како ГРУ, како што покажа претходното истражување на РСЕ. На вечератабил и Дејан Бериќ, еден од најпознатите регрутери на српски платеници во Украина. Според „Детектор“, на настанот присуствувале и двајца високо рангирани руски офицери, меѓу кои и Едуард Шонов, носител на два ордени на руската армија и член на програмата „Време на херои“ иницирана од рускиот претседател Владимир Путин.

Еден месец подоцна, во мај 2025 година, владиката Стефан Шариќ го примил поранешниот претседател на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, кој споделил слика од овој настан на социјалната мрежа X.

На овој прием, заедно со владиката Стефан и Додик, беше присутен и Давор Савичиќ.

СПЦ не одговори на прашањето на РСЕ во врска со контактите меѓу претставниците на Српската православна црква и регрутерите на волонтери за војната во Украина.

* Извор: „Радио Слободна

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img