Поворките стануваат препознатливи и за чествувањето на Лазарова сабота

Date:

Share post:

Трета година по ред, утре во центарот на Скопје ќе се одржи свечена лазарева поворка организирана од деца, која ќе го означи чествувањето на празникот Лазарева сабота.

Станува збор за возобновената, заборавена традиција, на која се пеат лазарови каланди, или црковни песни, придружени со украси од врбови гранчиња. Организацијата е на Здружението Бадникови поворки.

Утрешната поворка ќе тргне во 12:00 часот напладне. Собирно место е дворот на храмот „Св. Димитриј“, а поворката ќе се движи до храмот „Св. цар Константин и царица Елена“.

– Пред почетокот на Поворката, пред храмот „Св. Димитриј“ ќе се делат врбови гранчиња на сите учесници, а за најмладите ќе има и мало изненадување. Ве покануваме сите да земете учество во оваа радосна поворка, носејќи врбови гранчиња и добро расположение, продолжувајќи ја убавата традиција на нашите предци и подготвувајќи се за претстојните големи празнични денови, информираат од Здружението за негување на православните традиции „Бадникови поворки“.

Лазарева Сабота е празник исполнет со радост и надеж, кога се сеќаваме на чудото на воскресението на Лазар.

Во нашата културно-народна традиција, овој ден се одбележува со Лазареви поворки. Обичајот бил широко распространет, а во него особено биле вклучени училишните установи. Така, во пресрет на празникот, децата, заедно со своите родители, повозрасни роднини и другарчиња, собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња и потоа во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите каде што ги принесувале насобраните букети.

Следниот ден на празникот Цветници – влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, овие врбови гранчиња се раздавале на верниците, а со цвеќињата се украсувале храмовите и домовите. До Цветници децата минувале и низ маалата и насекаде ја носеле празничната радост, додека од Велики Понеделник започнувала Страдалната седмица, кога се практикувала тишина и позасилена молитва во спомен на значајните настани кои се случиле во тие денови.

Лазаревите Поворки претставуваат значаен дел од нашето богато духовно и културно наследство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img