По подолга пауза, на 19 март Синодот на МПЦ-ОА ќе одржи седница во полн состав на чиј дневен ред е само една точка, а тоа е прашањето за епархиите во Австралија, дознава Религија.мк, од синодски извори.
Според информациите на Религија.мк на претстојната синодска седница се очекуваат кадровски решенија кои би можеле да ја променат досегашната структура на управување во Австралиско-новозеландска епархија.
Во црковните кругови се спомнува можност актуелниот администратор на епархијата да биде разрешен од оваа должност, по што би следело ново кадровско решение за управување со епархијата. Како негов можен наследник се споменува викарниот епископ Велички г. Никола, долгогодишен соработник на владиката Петар, кој се смета за негов лојален човек од доверба. По неговиот избор на втор викарен владика во Преспанско-пелагониската епархија тој најчесто е во друштво на владиката Петар, а во текот на месец октомври го придружуваше во тринеделната посета на Руската Православна Црква.
Истовремено, кога станува збор за Австралија се очекува на дневен ред на Синодот да се најде и прашањето за упразнетата Австралиско-сиднејска епархија, каде што, според информациите кои кружат во црковните кругови, би можел да биде разгледан и избор на надлежен архиереј.
Како кадровско решение за таа епархија веќе подолг временски период се споменува името на отец Гаврил, игуменот на манастирот во Кинг Лејк, Викторија.
Религија мк уште во текот на месец јуни минатата година објави текст околу имињата, кои се споменуваат за архиереи во Австралија, но со оглед на моменталната непотврдена информација дека конечно ќе се случи разрешување на владиката Петар, тогаш повторно останува неизвесно кој ќе го наследи него и упокоениот митрополит Тимотеј и дали Синодот има некои други планови за организацијата на епархиите на овој континент.
Тогаш во тој контекст често беше споменувано името на Струмичкиот митрополит г. Наум. Едно од сценаријата е токму тој да замине во Австралија како администратор. Него веќе и го побараа неколку црковни општини. Но, сепак крајната одлука ќе ја имаат членовите на Синодот на следната седница.
Иако информациите на Религија.мк, велат дека единствена точка на дневен ред е прашањето за Австралија, сепак не се исклучува и можноста како точка за дебата да биде поставено и прашањето за функционалноста на епархиите во Македонија, особено по јавно изнесените барањата и на поранешните епископи од ПОА за проширување на нивните епархии.
Религија.мк, дознава дека минатата недела Архиепископот Стефан имал средба со Премиерот Христијан Мицкоски во Владата, настан за кој не извести ниту владината прес сложба, ниту пак кабинетот на Архиепископот. Нашите извори не ја исклучуваат можноста Архиепископот да го запознал и Премиерот за можниот развој на настаните во Австралија.
Прашањето за ваквото можно експресно разрешување на владиката Петар од Австралија со сигурност ќе предизвика голем број на прашања во јавноста. Бидејќи покрај сите проблеми кои се случија по неговиот избор за митрополит австралиски, а и после големиот број судири и барања низ годините на тамошната заедница тој да биде повлечен од Австралија, тоа не се случи. Наместо тоа во 2012 година се случи поделба на епархијата.
За познавачите на црковните прашања ваквиот потег на Синодот е задоцнет. Сепак, дали навистина ќе дојде до вакви кадровски промени и какви одлуки ќе донесе Синодот, останува да се види по одржувањето на најавената синодска седница?

