Светиот архиерејски синод на Српска православна црква на 18 февруари донесе одлука да го суспендира архиепископот и митрополит жички Јустин, пишува во документот што на социјалните мрежи го објави теологот Благоје Пантелиќ. Неговата должност ќе ја преземе митрополитот нишки Арсениј.
Во документот се наведува дека истиот ден ќе биде извршена примопредавање на должноста меѓу суспендираниот архиепископ и митрополит жички Јустин и архиепископот и митрополит нишки Арсениј.
„Во примопредавањето, покрај наведените архиереи, ќе учествуваат членовите и секретарот на Црковниот суд на Жичката епархија, секретарот, благајникот и ревизорот на Епархискиот управен одбор, членовите на Комисијата на Светиот архиерејски синод, протојереите-ставрофори Велибор Џомиќ и Владaн Симиќ, како и Милан Андриќ и лица кои ќе ги овласти администраторот на Жичката епархија“, се наведува во документот.
Митрополитот Јустин подолго време им дава поддршка на студентите и упатува критики до властите во Србија, кои ги предупреди дека „моќта не е дадена заради насилство, туку заради служење“.
Против него, како што претходно пишуваше „Нова“, била покрената истрага поради „спорниот начин на кој досега ја водел Жичката епархија“.
На почетокот на февруари верници се собраа во епископскиот дом во Краљево, за да му дадат поддршка на митрополитот Јустин кога пристигнала делегација на Српска православна црква со цел повторно да се изврши контрола на работењето на Жичката епархија.
Исто така, митрополитот жички им овозможи на студентите од Нови Пазар, кои минатата година пешачеа до Нови Сад, да преноќат во манастирот Студеница.
/N1.RS

