Вселенскиот патријарх Вартоломеј упатил патријаршиско писмо со сочувство до Архиепископот на Австралија,Макариј, по повод терористичкиот напад што неодамна се случи во Сиднеј и ја потресе австралиската јавност.
Во писмото, Вселенскиот патријарх изразил длабока тага и болка за жртвите на нападот, упатувајќи молитви за покој на загинатите, за исцеление на повредените и за утеха на нивните семејства. Патријархот Вартоломеј нагласил дека секој чин на насилство и тероризам претставува напад врз човечкото достоинство и мирниот соживот меѓу народите и верските заедници.
Тој ја истакнал и потребата од единство, солидарност и меѓусебно разбирање во вакви трагични моменти, повикувајќи ги верниците и општеството во целина да не подлегнуваат на страв и омраза, туку да одговорат со љубов, трпение и вера.
Вселенскиот патријарх ја изразил својата духовна поврзаност со Австралиската архиепископија и целиот народ на Австралија, уверувајќи дека Вселенската Патријаршија стои во молитвено заедништво со сите погодени од трагичниот настан.

