Кипарската православна црква одлучила средствата собрани преку летната хуманитарна акција да ги насочи кон набавка на противпожарни возила и директна помош за заедниците погодени од разорните пожари во планинскиот регион на Лимасол. Хуманитарната акција била организирана во црквите низ Кипар на 3 август, со цел поддршка на населението кое претрпело сериозни штети од пожарите, јавува Православната новинска агенција Orthodoxia.
Откако државата објавила дека планира да набави противпожарни возила за сите заедници погодени од пожарите кои досега не располагаат со таква опрема, Кипарската црква донела одлука да уплати 200.000 евра, дел од средствата собрани преку акцијата, на специјалната сметка отворена од Генералниот државен ревизор на Република Кипар, наменета токму за купување противпожарни возила за најзагрозените подрачја.
Од Централниот црковен фонд соопштиле дека преостанатиот износ од 155.000 евра, заедно со дополнителни средства собрани од други црковни организации, ќе биде распределен директно до сите погодени заедници, со цел конкретна поддршка на луѓето кои настрадаа од пожарите во планинскиот дел на Лимасол. Со оваа одлука, Кипарската црква ја нагласува својата активна улога во солидарноста и помошта во време на природни катастрофи.
