Претседателот Иванов во Москва е одликуван со наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори” за 2016 година, што му беше врачена од Патријархот на Руската православна црква, Кирил на свечена церемонија која се одржа во храмот „Христос Спасител”.
Престижната меѓународна награда која му се додели на претседателот Иванов претставува признание на неговите заложби во зајакнување на меѓу-православните односи, улогата на религијата во општеството и воспоставување, односно јакнење на принципите на верска толеранција.
Наградата ја доделува Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството.
Годинава лауреати се Папата Александриски и Патријарх на Престолот на Свети Марко во цела Африка и на Блискиот Исток Тавадрос II, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин.
Честитајќи им на лауреатите, патријархот Кирил зборуваше за заслугите на секого поединечно пред заедницата на словенските народи и им изрази благодарност за чувањето на моралните идеални на православието.
Патријархот му се заблагодари на претседателот на Македонија, истакнувајќи дека нашите земји ги обединува заедничката историја и традициите.
„Рускиот и македонскиот народ ги обединува заедничката историја, мисијата на светите Кирил и Методиј. Овде нашите предци првпат слушнаа богослужби на словенски јазик, беа воведени во духовната ризница на православната традиција. Верноста кон исконските традиции на македонскиот народ и силната политичка волја му помогнаа на господинот претседател да ја заслужи довербата на сонародниците“, потенцираше патријархот Кирил.

