Да се поучиме од смирението на Пречистата Богомајка.

Date:

Share post:

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандритот Партениј, за празникот на иконата „Достойно естъ“, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение

„Мили мои, монаси и монахињи, браќа и сестри Христијани! Денес нашата Света Обител особено се радува, затоа што се удостои торжествено да слави уште еден празник на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија – имено, празникот во чест на нејзината славна и Чудотворна икона ’Достойно естъ‘, која пристигна во нашиот манастир како најголем благослов и утеха набрзо после пожарот од 2009 година.

31Всушност, и сите празници на Пречистата Богомајка побудуваат во нас неизмерна радост, затоа што нè потсетуваат на нејзината огромна мајчинска љубов кон нас и на тоа што Таа го направи за целото човештво. Нејзиното одлучувачко ’да‘, Го донесе Бога во светот. Преку нејзиното ’еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!‘ (Лука 1,48), – Бог стана човек. А, ова спасително за нас Провидение се оствари, пред сè, поради тоа што Богородица покажа совршено послушание кон Господа, целосно Му се беше предала Нему.

Сите нејзини мисли, чувства, желби – целото нејзино битие, сета своја слобода. Предавајќи се потполно на Бога, Таа воедно се удостои да стане Мајка на Бога. Навистина, Бог сакаше да го спаси човекот, да живее во него, од неизмерна љубов дури и да се поистовети со него, да стане човек. Но, не ќе беше можно да се збидне сето тоа, доколку немаше таква Девојка, Која, во потполно послушание, целата Му се беше предала себеси на Бога. Впрочем, целиот нејзин живот е една чудесна, совршена служба кон Бога. Уште од самото детство, Богородица била необична. Тивка, скромна, сериозна, со постојана молитва. Со зачнувањето, пак, на Синот Божји од Светиот Дух, Таа целосно била обожена, станала Божествена. Таа Божественост Ја красела во текот на целиот живот понатаму, за најпосле, преку нејзиното сечесно Успение, и со нејзиното пречисто тело да се вознесе при Бога.

33Токму затоа, нејзините празници, кои го сосредоточуваат нашето сеќавање на Неа и на нејзиното постојано присуство во нашиот живот, нè прават толку радосни. Зашто, сè што се однесува на Пресвета Богородица, се однесува всушност и на нас. Нејзиното обожување, нејзиното седнување до Бога, нејзиното постојано посредништво за нас пред Божјото величие, непосредно влијаат и на нас, зашто ние преку Неа и преку Родениот од Неа наш Бог и Спасител Исус Христос, се спасуваме и обожуваме. Станувајќи Мајка на Словото Божјо, на Второто Лице од Пресветата Троица, Таа истовремено постана Мајка и на секого од нас, на секој Христијанин. Нејзиното молитвено застапништво за родот христијански е неискажливо, а нејзините чуда – безбројни.

32Нашиот православен народ го знаел тоа низ историјата, па затоа толку многу цркви Ѝ посветувал. Сите тие се одраз на љубовта и благодарноста што нашиот народ ја имал и сè уште ја има кон Света Богородица. А, Таа, пак, секогаш била присутна меѓу нашиот народ, благословувајќи го и укрепувајќи го во времињата на големи искушенија и страдања. Присутна е, исто така и денес меѓу нас, и тоа благодатно присуство ние го гледаме и чувствуваме. Меѓу другото, Богородица нè посетува и преку Нејзините свети икони.

Погледнете го само тој сочувствителен мајчински лик, кој веднаш носи утеха во душата! Видете како Таа, Мајка, со почит и благоговение Го држи во рацете Богомладенецот! Со љубов мајчинска, неизмерна, но и со достојна почит, зашто Таа не Го држи само своето Дете, туку и својот и наш Бог.

35Да се поучиме од смирението на Пречистата Богомајка. Од нејзиното совршено послушание и целосно себепредавање на Бога. Тоа е важно за сите Христијани што се стремат кон духовните висини, но особено за нас, монасите, кои сме дале завет дека својата слободна волја целосно ќе Му ја предадеме на Бога, подобно на Богородица.

Трудејќи се да го последуваме животот и добродетелите на Пресветата Богомајка, послушанието, љубовта и почитта, ние ќе Го имаме Бога при себе и во себе. Зашто, преку Богородица и тоа стана возможно: бесмртниот Бог да живее во смртниот човек. Таа ќе Го измоли својот Син да ни испрати таква обожувачка благодат. Но, секако, само доколку не Ја жалостиме. Оти ако не правиме послушание на Бога, ако не Му се предаваме сецело, како што Таа себеси Му се предаде, исполнувајќи ја волјата Божја, не ќе биде можно Бог да се всели во нас.

36Ви посакувам на сите, преку молитвите на Богородица, да Ви биде испратена Божествената благодат и сила, да издржувате во ова тешко време, кога, поради умножување на гревот, кнезот на овој свет станува сè посилен и кога повеќето грижи на човекот се свртени, за жал, кон земните и минливи нешта. Пречистата да ни помогне да ги издигнеме нашите умови и срца кон Бога и кон Неговото возвишено учење, та живеејќи ја вистината, и со дела да Го радуваме Бога, а да ги радуваме и сите ближни околу нас, помагајќи им така и на оние што не Го знаат Бога, да дојдат до вистинско спознание на љубовта и убавината на Воплотениот заради нас Господ и Спасител Исус Христос.

Пресвета Богородица нека биде со сите нас! Да нè чува и заштитува со своите мајчинските молитви!

Добро бдение!“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img