Почетна Коментар Патријархот Вартоломеј ќе ја бетонира нашата државност – нормално, со помош на САД!
Патријархот Вартоломеј ќе ја бетонира нашата државност – нормално, со помош на САД!

Патријархот Вартоломеј ќе ја бетонира нашата државност – нормално, со помош на САД!

857
1

Иако црквата во нормални услови не би требало да биде поврзана со државата, сепак, да се има признаена и афтокефална црква е значаен елемент за државноста на било која православна земја. Впрочем, токму и поради тоа уште во времето на комунизмот, властите овде по секоја цена се труделе да создадат црква која е независна од Белград и со тоа да ја дефинираат државноста на тогашната федеративна единка на СФРЈ.

Од тогаш па наваму, следи деценискиот стремеж на нашата црква за признавање и влез во големото семејство на православните цркви. Конечно, неколку децении по почетокот на оваа борба, се наѕира решението кое практично би значело и бетонирање на нашата државност.

За жал, ова решение не можеше да се најде во балканските дворови па иницијативата мораше да ја преземе првиот помеѓу еднаквите во православниот свет, патријархот Вартоломеј. Доколку тој не преземе иницијатива, верувајте, познавајќи ги црковните структури на балканов, одговорно тврдам дека работите немаше да се поместат од мртва точка во наредните сто години. Зошто? Одговорот е едноставен – Затоа што сите околни цркви водат државни политики, а нормално, тука пред се е и Русија која преку својата црква сака да се наметне како хегемон во православниот свет.

Токму сузбивањето на руската хегемонија во православниот свет е причината поради која ние конечно ќе добиеме признаена црква. Руската Православна Црква која претставува моторно масло на авторитарниот режим на Владимир Путин, преку црквата сака да наметне огромно геополитичко влијание врз сите православни земји, кои тамошниот режим потоа ги користи како геополитичко топовско месо во остварувањето на своите интереси.

Исто како Груевски и Иванов во минатото, така и Пендаровски и Заев денес пробуваат да воспостават конекција со патрихархот Вартоломеј за тој да ја преземе палката и конечно да додели автокефалија на нашата црква надвор од СПЦ.

Сепак, да бидеме искрени со себе, никој од нив ја нема клучната улога во обезбедувањето на ова. Клучната улога, почитувани читатели несомнено е дека ја има дипломатијата на Соединетите Американски Држави.

САД сакајќи да го сузбие руското влијание во регионот беше патрон на Преспанскиот договор, исто така е патрон и на претстојната одлука на Вартоломеј. Колку и многумина да не сакаат тоа да си го признаат, овие две одлуки, првата световна а втората црковна претставуваат бетонирање на нашата државност. Иако и двата процеси кои се дел од еден ист процес се базираат на огромни компромиси, сепак, во нив има нешто многу позначајно од дневно-политичките прилики.

Моделот на решавање на црковното прашање во Македонија, ќе биде сличен како оној во Украина. Компромисот кој ќе мора да го прифатат нашите архиереи е во надворешна употреба да бидат само „Охридска Архиепископија“, што не е воопшто реткост во православниот свет, особено ако се знае дека сите цркви имаат придавка.

Како никогаш претходно, Фанер застанува зад нашата земја. Познавачите на црковните прилики, ова ќе го протолкуваат како исправање на неправдата од 1762 година, која е опеана во познатата македонска песна. Во исто време, решавањето на овој проблем ќе значи и јасно геополитичко дефинирање на Македонија кон западниот свет и ќе ги анулира и последните обиди на авторитарните источни сили да влијаат на нашето живеење.

Токму затоа, сметам дека конзервативната јавност во нашата земја треба недвосмислено да застане зад решението на Патријархот Вартоломеј кое ќе дојде со пропратни компромиси. Секоја друга опција, ќе им одговара само на оние кои не и мислат добро на нашата земја и сеуште сакаат да искористат во нашата кревка државност.

Патријархот Вартоломеј би рекол „Само ѓаволот не се радува на лекувањето на расколите, зашто самиот ги поттикнува и го посакува нивното векување.“, јас на ова би додал дека само непријателите на Македонија, не се радуваат на лекувањето на овој раскол, затоа што истите го потикнуваат и сакаат негово векување.

Пишува: Љупчо Златев (lider.mk)

Коментар(1)

  1. Rusksta pravoslavna crkva ne bara prevlast (hegemonija) Vo Crkvata zasto toa znaci otpagjanje od istata tuku bara pocituvanje na ramnopravnosta I sobornosta

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *