Почетна Коментар Треба да бидеме свесни за историскиот моментум и да помогнеме со внимателност
Треба да бидеме свесни за историскиот моментум и да помогнеме со внимателност

Треба да бидеме свесни за историскиот моментум и да помогнеме со внимателност

368
0

Четвртиот вселенски собор во Халкедон, е еден од најважните, ако не и најважен собор кој ја устројува црквата, расчистува со многу ереси (иако не докрај) и носи 30 закони кои се исклучитено важни за црковното устројство. Овој Собор е прифатен скоро од сите поголеми цркви.

На пример, еден од поважните канони донесени на овој Собор е 28-от канон со кој на цариградскиот патријарх му е признаено еднаквото достоинство со епископот на Рим, овде е утврден Символот на верата по сериозната ерес за природата на Исус, но и овде му е дадено правото на цариградскиот патријарх да има апелациска моќ во споровите помеѓу епископите кои локалниот синод не може да ги реши.

Овој, актуелниов наследник на св. Апостол Андреј, се нафати да го искористи ова свое право во прашањето со Украинската црква, а сега се поочигледно е дека тоа ќе го стори и со македонската.

Јас најискрено и најубедено тврдам дека имаме среќа што на кормилото на МПЦ во моментов во ликот на архиепископот Стефан имаме многу искусен и мудар човек кој е одличен познавач на овие процеси, одличен дипломат и пред сѐ многу трпелив човек. Затоа сметам дека ова прашање треба да се остави да го реши Црквата без малициозно и дневнополитичко мешање на државата и политичките партии.

Ако државата, ако политичките партии (сите македонски политички партии) не го препознаат ова, тогаш се или апсолутно незрели или ги немаат македонските интереси предвид.

За да бидам докрај јасен и искрен, јас не сугерирам да стоиме на страна оти тоа е невозможно за едно вакво прашање, за кое грчевито се држиме како стожер на себеопределбата (признале ние или не) особено во атмосфера на атпазарско распродавање на суштинските вредности и одредници на овој народ. Ама затоа велам дека е нужно сите да помогнеме со здрав разум и со добра информираност, акцентот ставен на информираноста.

МПЦ би можела да ги избрифира лидерите на главните политички чинители во општеството и да им образложи што им е нужно од нив како поддршка. Имајќи го предвид значењето на ова прашање пред се за верните, ама и за сите останати ги повикувам и владиците помудро и не инаетчиски да пристапат кон прашањето на генерирање сеопшта поддршка.

И на крај, за да не биде некажано… треба сите да сме свесни за историскиот моментум и да помогнеме со нашата внимателност и трпеливост, а владиците со земање предвид сѐ, и дијаспората како нераскинливо наше ткиво, и копнежот на верните дома, и историското значење на овој здрав столб на овој народ… или како што ќе кажете во олтарот за сите и за сѐ, оти поинаку не може.

Пишува: Оливер Шамбевски (Фејсбук статус)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *