Почетна Анализа Зошто ги славиме Светите Кирил и Методиј?
Зошто ги славиме Светите Кирил и Методиј?

Зошто ги славиме Светите Кирил и Методиј?

18.61K
4

Светите Кирил и Методиј во Православната црква се прославуваат како „Свети рамноапостолни Кирил и Методиј, учители словенски“.

Кои се Светите Кирил и Методиј? – Тие се еден владика и еден калуѓер: Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ. И двајцата биле многу учени луѓе. Вброени се меѓу најучените во цела Византиска империја.

Нивното потекло било од Македонија. Тие го познавале својот народ и мајчиниот јазик. Затоа, на тој јазик го создале и првото писмо, азбуката и ги поставиле правилата за пишување.

sveti kiril i metodij 4Зошто создале азбука и писмо? Браќата го направиле тоа, со мисла за подобро да ја исполнат својата желба, а нивната желба била да Му служат на Бога, проповедајќи го Неговото спасително учење меѓу својот народ и тоа, на разбирлив народен јазик и писмо. Само така може да се објасни и да се сфати делото што го правеле овие Свети мажи.

И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието. Тие го превеле Светото писмо на мајчин јазик, на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. А по Библијата, ги превеле и богослужбените книги, за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род.

Кон тоа можел да ги повлече само патриотизмот, како родољубиви Словени. Дека, пак, Светите Кирил и Методиј својата родна земја Македонија ја чувствувале како своја татковина, а Македонците за свој род, говорат и текстовите од Службата на Свети Методиј, во која се вели дека „остави род и татковина“ и замина да живее со „светите отци“.

Константин или со монашкото име Кирил, поради големата ученост бил наречен филозоф, а станал и учител во тогаш најпознатата Магнаурска школа во Цариград, а царицата кај него го дала на школување царскиот син.

sveti kiril i metodij 2Тој високо се издигнал и во богомудрието. Затоа бил назначен и за библиотекар на Патријаршијата во Цариград, што подразбира хартофилакс, односно доверлив секретар на патријархот, со големи права и овластувања. Што би значело, уста и рака на патријархот. Знаел многу јазици: грчки, латински, словенски, еврејски, самарјански и други.

Застанал во одбрана на иконите и бил против иконоборците.

Кога требало да се брани христијанството и од другите вери, во земјите близу до Византија, и таму биле испраќани Светите браќа Кирил и Методиј. Нивната прва верска и политичка мисија била кај Хазарите, која ја завршиле успешно и се вратиле триумфално во Цариград.

Таму, на островот Крим, Свети Кирил и Методиј ги пронашле моштите на Свети Климент Римски папа и ги зеле со себеси. Свети Климент Римски бил ученик на Свети апостол Петар и римски епископ, кој умрел во прогонство на Крим, каде бил фрлен в море, со котва околу вратот.

sveti kiril i metodij 5Неговите мошти, на чуден начин Бог им ги открил на Светите браќа, кога се почувствувал мирис на „големо благоухание – како од многу кандила и потоа се појавиле светите мошти.“ Тогаш Свети Кирил напишал поетска творба со која го опеал Свети Климента.

И на Кримјаните им станал мил кога им кажал дека во Библијата е запишано нивното име и дипломатски ги придобил луѓето.

Претходно, Свети Кирил имал и уште една мисија кај Сарацените и ја завршиле со успех.

Од секаде, како се враќале, си оделе в манастир, каде што  главна работа им била: „да се молат на  Бога, беседејќи само со книгите“.

Се смета дека заедно со нив во манастирот бил и Свети Климент и таму ја започнале подготовката за третата и најважна мисија меѓу Словените.

Тогаш, Моравскиот кнез Ростислав, побарал од Византија мисионери кои ќе го шират зборот Божји и ќе богослужат на словенски јазик, бидејќи проповедниците од Запад им служеле на латински јазик, а проповедале на германски.

sveti kiril i metodijВо писмото се вели: „Кај нас се дојдени мнозина учители, христијани од Италија, од Грција и од Германија, кои нè учат различно… За нашите луѓе, кои се откажаа од паганството и го примија христијанството, потребен ни е таков учител, кој ќе им ја објасни вистинската христијанска вера на наш јазик, па и другите земји кога ќе го видат тоа, да постапат како нас. Затоа, господару, испрати ни таков епископ и учител…“

Ростослав, всушност, сакал независноста на својата држава да ја осигура преку формирањето на независна црква во Моравија и затоа правел сè да дојде до формирање на словенска народна црква. Мудро сакал мечот да го замени со крст, па затоа побарал во својата земја да доведе мисионери од словенски род кои ќе му проповедаат на народот Евангелие на мајчин јазик. Со тоа би ја остварил замислата за независна моравска држава и самостојна народна црква.

Веројатно тој чул дека Христовата вера веќе се проповеда меѓу Македонските Словени на свој јазик. Имал некои известија за тоа дека некаде на југ, меѓу Словените богослужбата или барем дел од неа, се врши на словенски јазик и се проповеда на јазикот на народот. Убеден бил дека Цариград има учени луѓе кои зборуваат словенски јазик и затоа такви побарал оттаму.

Византискиот цар и цариградскиот патријарх со радост ја прифатиле молбата и веднаш ги определиле браќата Кирил и Методиј за мисионери во Моравија.

По една година, во 863 Господово лето, Свети Кирил и Методиј веќе тргнале за Моравија, а претходно, ги превеле потребните книги и одбрале соработници и ученици. Тие отишле кај Моравските Словени (денешните Чеси и Словаци), во Панонија, кај Панонските Словени и кај (најзападните Словени – Словенците или Словинците).

moravska misijaШто направиле во Моравија? Во беседите, и во богослужбата го вовеле словенскиот говорен јазик. Тоа претставувало голема радост за Моравските Словени и вистинско доближување на Христа и Неговата наука до душите на луѓето. Постапно, се ширела употребата на словенскиот јазик, освен во црковната служба и во проповедта, и во учителството и во просветата.

Народот го засакал тоа и со љубов ги слушал богослужбите, проповедниците и учителите. Набргу, црквите на латинското царство почнале да се празнат, а црквите на словенските мисионери да се полнат со луѓе жедни да го слушнат богослужението и поуката на свој словенски разбирлив јазик.

Свети Кирил и Методиј гледале, што е можно повеќе, да подготват луѓе учени за учители и за свештенослужители од тамошното население, бидејќи знаеле дека без тоа, словенскиот јазик и словенското писмо брзо ќе исчезнат. Тие сакале да создадат трајни услови за своето дело за да се задржи словенската писменост во Божјите храмови и да се формира Словенска  црква.

Браќата имале голем успех, но се зголемувала и зависта и злобата кон нив, па ги обвинувале дека се еретици, затоа што богослужат на несвештен, варварски јазик, каков што го сметале словенскиот. Тие велеле дека Светото писмо – Божјото слово, христијанската вера и молитвите – богослужбите, можат да се извршуваат само на три јазици: грчки, еврејски и латински, на јазиците на кои бил испишан текстот на Христовиот крст на Голгота. Ги обвинувале и дека се агенти на Цариград и најпосле, дека богослужеле во област, која не била под јурисдикција на Цариградската патријаршија, туку на Римската црква.

Појавата на Светото писмо и богослужението на новиот словенски јазик за нив станал необичен настан, бидејќи од почетокот на Црквата Христова, до Свети Кирил и Методиј, Евангелието и христијанството се распространувало меѓу елинизираните и латинизираните народи, за кои не бил потребен нов превод. Отпорот на тријазичниците, наречени Пилатовци, се зголемил особено по заострувањето на односите меѓу Рим и Цариград.

Кон нив Свети Кирил го пројавил целиот свој полемички дар и своето боговдахновено остроумие, па, покажувајќи го и сето свое знаење и познавањето на христијанството, прекрасно ги одбранил ортодоксните вистини. На тријазичниците, меѓу другото, им рекол: „Не врне ли дожд од Бога еднакво врз сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зар не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глупави?“

Со овие зборови Свети Кирил јасно и убедливо ја докажал потребата на секој народ да му се овозможи со Господа да разговара на својот јазик. „Кажете ми, дали Господа го сметате толку немоќен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?“, им велел тој. А Господ рекол: „Одете и научете ги сите народи…“ (Матеј 28,19). Апостол Павле, пак, вели: „В црква повеќе сакам да кажам пет збора разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик“ (1. Кор. 14,19).

moravijaСо победата над тријазичниците, Светите Кирил и Методиј ја заштитиле словенската мисија, го одбраниле словенското богослужение, словенската писменост и правото на секој народ да пишува и да Му се моли на Господа на својот мајчин јазик.

Тријазичништвото, всушност, било користено како орудие за да не се создаде нова црква и самостоен црковен живот на словенски јазик.

Во мисијата, пак, на Светите браќа ќе им било многу полесно, доколку имале со нив и епископ. Тогаш ќе можеле да ракополагаат тамошни ученици за свештеници и на тој начин, ќе ги поставеле основите на словенската Црква, а потоа, заедно со тамошното свештенство полесно ќе се бореле со непријателите. Но, епископ немале, туку само свештеномонаси.

Сфаќајќи ја тешкотијата во која се наоѓале, Свети Кирил и Методиј отишле во Рим. А таму биле свечено пречекани од новиот папа Адријан Втори и од римските граѓани, затоа што  ги носеле со себе и моштите на Свети Климент Римски. Папата дури одобрил да се постави словенското Евангелие во олтарот на Катедралата „Свети Петар“. А во црквата „Света Дева Марија“, која и денес постои под името Санта Мариа Маџиоре, била отслужена и света Литургија на словенски јазик.

Папата се сретнал со основачите на словенската литургија, писменост и книжевност. Ги примил како светии, со голема почит, го одобрил и го благословил нивното дело и ги осветил словенските книги. Со тоа, тој го признал словенското писмо за свето и допуштил да се употребува на богослужбите.

Тој им го исполнил и барањето некои нивни ученици да бидат ракоположени, а Свети Методиј бил хиротонисан за епископ. Најстариот од мисионерите станал владика. Но, таа радост ја следела и жалоста, затоа што во тоа време во Рим починал Свети Кирил.

sveti kiril i metodij 6Откако ја одржал последната служба за Божик, тој легнал в постела и по еден месец, се упокоул, на 14 февруари 869 лето Господово. Погребан бил во базиликата „Свети Климент Римски“, каде што и денес се наоѓа неговиот гроб. Таму, Македонската православна црква и држава оди катагодина на поклонение пред  Светиот Учител.

По смртта на Свети Кирил мисионерите се вратиле во Панонија. Папата Адријан го испратил Свети Методија „за учител од Бога“ во сите словенски области. Тој станал архиепископ на тие земји и во диецезата на неговата епархија влегувале: Панонија, Словачка, Славонија, Моравија и дел од Хрватска.

Ова е значаен историски и црковен факт во културата и во историјата на Словените бидејќи во западните словенски земји првпат се основа народна словенска Црква.

Како благословен од папата и канонски киријарх на Панонско-моравската архиепископија, архиепископот Методиј, прво си поставил за задача насекаде во Панонија да постави свештенослужители и учители и да воведе богослужение на народен, мајчин, словенски јазик. Затоа, веднаш почнал да подготвува ученици-клирици од тамошното население.

sveti kiril i metodij 3Како архиепископ Моравски и Панонски Свети Методиј поминал 12 години. Во тоа време делото Божјо во Моравија растело и давало значајни плодови.

Но, непријателите се побуниле и Свети Методиј бил одведен в затвор, дури во најзападниот дел на Баварија, во градот Елванген, само за да биде што подалеку од границата на својата диецеза. Затворот почнал од есента 870, па до почетокот на 874 година.

На 6 април 885 година и Свети Методиј се упокоил, оставајќи во Моравија околу 200 свои ученици: свештеници, ѓакони и ипоѓакони.

На крајот од житието на Свети Методиј се вели: „Почина на рацете од свештениците…“

И покрај сè, мисионерското дело успеало таму да опстои четвртина век.
Од Светите Кирил и Методиј, сите Словени го примија Господа Исуса Христа на свој остана близок на словенската душа, јазик и на сопствен начин.

А што пишувале Светите Кирил и Методиј и какво е нивното книжевно дело? Тоа се само црковни книги: Библија, Евангелие, Апостол, Псалтир, Номоканон и „Избрани служби“, односно Молитвослов што ги содржи молитвите од Служебникот и Требникот. Со нивното дело старомакедонскиот словенски јазик стана првиот книжевен јазик на сите Словени.

Македонската православна црква на Свети Кирил и Методиј им посветила многу храмови низ Македонија и во странство, меѓу иселениците во Америка, Канада, Австралија и Европа.

Пишува: Проф, д-р Ратомир Грозданоски – (МИА)

Коментар(4)

  1. Старомакедонски? Каков е тој јазик? Никогаш никој не слушнал за тој јазик. Тоа е многу погрешен термин. Старословенски е правилно. Тогаш Македонија била единствено грчката област Македонија, ја немало нигде ни на радарот денешнава Македонија и тие се Византијци, родени во Солун. Немаат врска со денешнава Македонија. по историја учевме сме Словени кои што дошле во 7 век од зад Карпатите! Зошто професоров вакви информации и вртење на водата на своја воденица? Не е добро, така иритираме други народи. Тие точно биле Македонци од Солун, што значи грчка Македонија, односно поточно кажано биле Грци. Друго се што напишал е одлично, навистина прекрасни светители, апостоли!

  2. Драга Ана
    Велиш : по историја учевме сме Словени кои дошле од зад Карпатите во 7 век;
    Претпоставувам не си имала контакт со денешните луѓе од зад Карпатите, оти тие ќе ти кажат пак што учеле по историја: дека они дошле одовде од кај нас!
    И сега ? Што правиме?
    Уште нешто : по историја ли се учеше од кој од каде дошол?
    А зошто тогаш во библијата посебно се означени Македонија , посебно Грција?

    Зошто во библијата вели: Македонец му се јави на Св Апостол Павле во сон?
    Зошто не вели Грк му се јави ….?
    Бидејќи според твојот пост а Грција а Македонија исто е!
    Па ако е така како што велиш ти зошто воопшто се споменува Македонија и Македонец?
    Бидејќи никој не се одентификува според област кога се зборува на интернационално ниво, се идентификува според државата.
    На пример кога збориш на интернационално ниво че кажеш ли , јас сум од Пелагонија, или јас сум од Малешевијата или од Полог?
    ( бидејќи ова се области во Македонија)
    Зошто некој кога збори на интернационално ниво не кажува: јас сум од Тесалија? Туку ќе рече јас сум од Грција!
    *
    Ајде малку и екзактна наука , генетика:
    Колу % словенска крв (гени)имаме ние современите Македонци?
    Најмалку од сите словенски народи, со исклучок мислам на Бугарите( не сум баш сигурна за нив)
    А кој од народите на Балканот има најмногу гени на антички Македонци а?
    И не само тоа, дури и во однос на нас самите , во нашата крв повеќе доминираат гени на антички Македонци отколку на Словени;

    Ако некому ова му изгледа не доверливо, тогаш треба да ја негира цела наука генетика , бидејќи и судски се прифаќа генетиката кога се докажува татковство, на пример!

  3. И уште нешто Ана
    Незнам дали примети, на крајот на текстот е потпишан Ратомир Грозданоски, а пед тоа име има 2 кратенки :проф. д-р!
    Што значи располага со повеќе информации од мене и тебе, има на достап поголем обем на документација, и стекнувањето на тоа д-р пред името индицира на личност која истражува/ла.

  4. Само не ми е јасно ако не биле Македонци (мислам на нација, не Македонци според територија) зошто би се труделе да создаваат ново писмо да описменуваат некој друг народ со писмо кое го создаваат специјално за тој народ?
    Зошто во најмала рака не им го наметнале веќе постоечкото грчко писмо?
    И уште понејасно од се ми е , согласно тбвојот пост, ако во таа твоја “грчка Македонија( околу Солун) живееле Грци, па зошто им било потребно ново специјално за нив писмо, зошто не си го користеле веќе постоечкото грчко писмо, а?
    За кои тоа луѓе од своето опкружување браќата правеле писмо? На кој јазик зборувал тој народ околу браќата ? Ако зборувале грчки тогаш ќе си го користеле грчкото писмо, чуму ново писмо а Ана?

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *