Како го внесуваме најголемото „ѓубре“ дома

Date:

Share post:

Човекот мисли дека, ако го собере ѓубрето од дома и ако го фрли каде било во природата, на таков начин го очистил својот дом. Секој што го прави тоа – многу греши!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Многу може да се зборува за природата како творба Божја, но, овој пат, сакам, само нешто на кратко да кажам.

Адам – првиот човек, кога станал свесен за своето постоење и кога погледнал околу себе, сѐ што видел – било на небото или на земјата, го чувствувал како дел од себе. После неговото отпаѓање од Бог, човекот го губи тоа чувство; исто како кога душата го напушта телото и тоа – не чувствува ништо и се распаѓа, а и распаднатите делови не се чувствуваат меѓусебно. Ние и понатаму сме поврзани органски со природата, ама, како духовно умртвени, тоа не го чувствуваме.

Човекот е создаден според образ и подобие Божјо, а бидејќи тој го возглавува сето создание, и природата учествува во тој образ и подобие – без неа човек не би можел ни да живее. И како што демонот се труди да го извалка и изобличи образот Божји во човекот, така се труди да ја извалка и изобличи и природата. За жал и веќе безобразниот човек му станува соработник во тоа богоборно дело и повредувајќи ја природата – се самоповредува.

Човекот мисли дека, ако го собере ѓубрето од дома и ако го фрли каде било во природата, на таков начин го очистил својот дом. Секој што го прави тоа – многу греши! Не може некој да соработува со демонот во валкањето и изобличувањето на творбата Божја – природата, која е битна за животот на луѓето, а таа соработка да остане само надвор од неговиот дом. Оној кој, во што било, соработува со демонот, треба да знае дека претходно го примил демонот во себе, така што – и во овој случај, мислејќи дека го исфрла ѓубрето од дома, всушност, таквиот, дома го внесува најголемото ѓубре што постои на овој свет – демонот.

Секој што на овој начин го внесува демонот дома, не треба потоа да се чуди – зошто не му врват работите, зошто не успева во разни области од животот, зошто не се чувствува душевно добро, од каде несреќи и болести и сѐ слично на ова.

Истово важи за кое било загадување на природата што нѐ опкружува, на земјата, на воздухот, на водата. Го загадуваме она што на Бог Му го принесуваме во светата Евхаристија – Литургијата на Црквата, и што нам ни служи за исцеление и вечен живот. Нешто тука многу не се совпаѓа.

Има уште едно битно прашање – зошто луѓето го трпат сето тоа, зошто не се организираат да го спречат или поправат ова загадување? Дали и тие не се заразени од најголемото „ѓубре“? Јас мислам дека многу нешто не е во ред со сите нас. Мислам дека, како што не се осветуваме себеси, туку се самозагадуваме, така и загадуваме сѐ околу себе; или сме, барем некако рамнодушни – ни жешки, ни ладни. Тоа се последиците на животот надвор од Воскреснатиот Христос.

Воскреснатиот Богочовек нека ни го просветли умот!

Христос Воскресе!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img