Почетна Коментар Признавањето на МПЦ – ОА е прашање од највисок државен и национален интерес!
Признавањето на МПЦ – ОА е прашање од највисок државен и национален интерес!

Признавањето на МПЦ – ОА е прашање од највисок државен и национален интерес!

325
0

Постоењето на Охридската архиепископија, како канонска наследничка на Јустинијана Прима (своевремено една од неколкуте први по великодостојност) е една од историските вертикали кои низ римскиот, средновековниот и отоманскиот период ја цртаат, во прво време политичката, а потоа и културошката и јазичната, засебност на територијата на Македонија и на населението кое живее тука.

Во периоди, низ средниот век, кога со македонските територии владеат византиските, бугарските и српските кралеви и цареви, опстојувањето на Охридската архиепископија како засебна православна автокефална црква, одвоена од Цариградската, Трновската и Печката, уште повеќе ја засилува нашата посебност во однос на грчките, бугарските и српските верски, културни и јазични влијанија и претензии.

Охридската архиепископија на периоди и како единствена словенска православна црква на територија на Отоманската империја била заштитник и духовен светилник не само за населението на територија на Македонија, туку и многу пошироко до Далмација, Србија, Влашка, Бугарија, Албанија, Епир и Тесалија.

Укинувањето на Охридската архиепископија е најстрашниот, најтрагичниот и најлошиот момент во целокупната наша историска патека. Укината е засебноста, но и перспективата за во следниот век таквата засебност да ја развиеме, први или меѓу првите, во посебна етно-национална патека, а не бидувајќи предмет на туѓите (грчките, бугарските и српските) аспирации и асимилација.

Укинувањето на Охридската архиепископија е врвот на трагедијата на Македонија, а Букурешкиот договор е само последица на тоа. Ако постоеше нашата Охридска архиепископија, немаше да се случи Букурешт 1913 година.

Православните држави низ историјата се конституираат во рамките на границите на своите цркви. Постоење на призната црква значи гаранција за постоење или некогаш и потреба за воозобновување на држава.

Сосема логично и историски исправно, уште пред оддржување на АСНОМ (село Издрглавје 1943 година), нашите умни и мудри луѓе започнуваат процес на воозобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Тој процес е од суштинско значење за утврдување на засебноста на македонскиот народ и новата македонска држава.

Оспорувањето на автокефалноста на МПЦ – Охридска архиепископија е оспорување на нашата засебност како народ. Живеењето во одвоеност од останатиот православен свет значи непризнавање на нашата засебност од нашите православни браќа. Тоа е факт, кој колку и да не боли, мора да го признаеме.

Иницијативата која МПЦ – ОА ја превзема со интернационализирање на нашиот проблем преку вклучување на БПЦ, а следствено на тоа и на првата по великодостојност Цариградска патријаршија е добар обид за конечно прифаќање на нашата црква како засебна целина од сите околни јерархии и нејзино признавање како автокефална црква на територија на Република Македонија.

Оваа иницијатива не е нова. Добар е потегот на Претседателот Stevo Pendarovski и Премиерот Зоран Заев да дадат државна поддршка на овој процес. Но, да потсетам дека ова не е прв пат државата да биде вклучена во црковното прашање како поддржувач. Многу пати и Претседателот Ѓорге Иванов, поранешен Претседател на Република Македонија, Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски – Trajko Veljanoski и Премиерот Nikola Gruevski имаа средби и комуникација со Цариградскиот Патријарх Вартоломеј во насока на барање разбирање и признавање на нашата Македонска Православна Црква. Првата ваква иницијатива ја започна Владата на Премиерот Ljubco Georgievski со силна поддршка и од тогашниот Претседател Борис Трајковски.

Ова прашање има историска, вековна тежина и значењето е високо над било какви политички и партиски интереси. Секоја патека која нашата МПЦ – ОА ќе ја доведе до автокефален статус заслужува поддршка од сите нас.

Прифаќањето и признавањето на МПЦ – ОА ќе е темел кој нема да може да се руши, дури и во вакви историски времиња кога од сите страни се руши нашата засебност, идентитет и јазик.

Македонскиот народ заслужува да биде рамен на сите православни народи, заради тоа што е еден од првите кои го прими христијанството. Така ќе бидеме посилни.

Живееме во историски момент за нашата МПЦ – ОА и нашиот македонски народ, да бидеме мудри и паметни, како што не сме биле многу пати.

Пишува: Илија Димовски (фејсвук статус)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *