Почетна Коментар Крстовден-за бремето да се носи Крстот
Крстовден-за бремето да се носи Крстот

Крстовден-за бремето да се носи Крстот

325
0

Тешка и претешка е нашата македонска судбина и голема е преголема е неправдата направена, и што сега се прави, кон нас како народ, Црква и земја! Велат, кога Исус го носеше крстот тешко бреме падна врз него, па тој рече: Боже мој, зошто ме напушти? Дури и тој, синот на семоќниот Бог се почувствува тешко и напуштено.

Низ вековите како народ полека се запишувавме во библиотеката Господова оставајќи страници и страници историја. Градевме камен по камен и полека се вградивме и станавме жив камен во Неговата црква.

Што ќе беше со нас, ако не го чувавме споменот за ОА и ако истата не ја возобновевме како МПЦ? Што ќе беше со Македонците кои немајќи каде, заради запазување на својата вера, не одлучија да го понесат крстот на своите плеќи? Во заедница со Бога, изградивме светилишта во кој негувавме свои традиции и јазик. За жал, нашите маки не завршија, и натаму останавме да бидеме на нишан и посакуван плен за ненаситните грабливци, каде и и да живееме по светот.

Каменот го отфрлија ѕидарите. Живиот камен во Неговата црква кој зрачи со духовност и историја на секоја педа од земјата. Името наше запишано во книгата на животот дури 28 пати. Тој рече: Чашата е горка, но нека биде по твојата Волја, Оче! По повеќевековното отоманско владеење во Македонија, по доживеани поделби (доживеавме и уште доживуваме), протерувања и егзодуси, преселби и раселби, асимилации и уште какви не зла, сè уште гордо стоиме.

Дигајќи го македонскиот крст високо, на противниците им порачуваме-ние сме чувари на нашето небо под кое толку генерации го дадоа својот живот. Ние сме самите одговорни за носењето на крстот врз нашите плеќи. Зошто ако ние самите не ја возобновевме ОА во ликот на МПЦ, кој друг ќе го направеше тоа? Самото враќање на историските корени дојде природно. Како воскрес делуваа сите издигнати цркви и манастири дури и во најголемиот терор и асимилации, раселувања кои траат до ден денес. Но ние се воздигнавме и покрај сите зла. Тешко е но и голема одговорност да се носи предзнакот Македонски, името запишано од Светиот Отец. Гордото и достојно носење на крстот, крстот на македонската црква.

Да имам вера силна што и планини да преместувам, штом љубов немам, ништо не ми користи. Не е проблем во името, туку во желбите да нема Македонска држава, да нема Македонска православна црква, а со тоа и сè што е македонско. Сите кои по нешто нè оспоруваат, пред нас имале можност да го земат за свое тоа име, и тоа многу одамна. Која е логиката ние да земеме нешто што му припаѓа на друг, кога ние последни се ослободивме од сите нив? Но, и покрај сите пречки и оспорувања, треба да бидеме горда на постигнатото. И покрај обидите за наше уривање, со Божја помош, успешно им одолеваме на искушенијата, бидејќи сме жив камен во Неговата црква. Гордо и достоинствено го носиме својот крст.

Некогаш Господ Исус Христос запалил едно светило, па потоа 12 апостоли запалиле уште толку, па 70 апостоли избрале свои наследници ..од мал духовен оган се распламти и еве до денес светот се уште живее во темнина, бидејќи темнината повеќе му омиле на светот. Апостол Павле рекол: љубовта не бара ништо свое, но денес црквите бараат свои граници, своја територија, свое име, свој јазик, свои обичаи, свои владици. Секоја црква треба да води грижа за своите традиции, да води грижа за својата иднина, да назначува свои наследници кои ќе продолжат браздата во нивата господова. Но, зарем не е поважно како се однесуваме кон нив? Дали ги љубиме како себеси? Дали се „наши“, „нивни“ или „господови“? Дали се радуваме на нивните или само на нашите успеси?

За жал, нашата света и библиска Македонија и денеска некој сака да ја избрише од најсветата книга-Библијата, и од лицето на земјата… Ако Господ нè признава, кој може да не нè признава? Нашето име е запишано во книгата на животот со која влегуваме во заедница со Бога на небесното царство. Како да нè признаат оние што ни зеле од татковината, од светоста од историјата, од културата, од духовноста, од сè што е наше? Во светото Евангелие се вели, сакај го другиот како себеси, почитувај го и признавај го! Оспорувањето не е одговор. Тоа е чин на немање љубов, а оспорување имало и отсекогаш ќе има. Кој може да оспори нешто што не постои? Само она што постои може да се оспори, фалсификува, сокрие, искриви. Но, ние постоиме и ќе постоиме.

Потсетувајќи се на денешниот голем христијански празник Крстовден, да си споменеме не само за пронаоѓање на Крстот Господов, туку и на Оној кој го носеше тој крст. Зашто оној кој го носи својот крст, тој се воздигнува. Се вградува во секој атом од неговото постоење. И покрај сите обиди за уривање, успеавме и натаму постојано да растеме, во духот, во подвигот, во Евангелието, во љубовта, во надежта, простувањето.

Токму она што нè разделува како народи, она што нè прави посебни, свои, а истовремено исти е крстот. Тој е духовната врска која нè поврзува, по сите хоризонтали и вертикали, тој е духовната сила во душата на секој човек, без оглед дали е македонски православен или грчки или бугарски верник. Ако една душа го носи знакот на бога, ако е длабоко исполнета со духот Христов, со духот на верата, духот на Божјото слово и Евангелие, тогаш таа се има себеси.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *