Почетна Коментар Контаминирање со говор на омраза
Контаминирање со говор на омраза

Контаминирање со говор на омраза

78
0

Во ситуација кога јазикот на омразата станува нормален начин на комуникација, сосема е разбирливо што  празните муабети креваат многу повеќе прав од еден конструктивен став.

Толеранцијата и диалогот се, без сомнение, двата збора што во нашата јавност се употребувани каде каде повеќе од зборовите леб и вода.  Всушност,од преупотребеноста и парталавењето, тие, пред нашите очи стануваат антипод на своето племенито значение. Ориентирана и приморана да ја концептира толеранцијата како балонче од сапун, природно е што нашата јавност и диалогот го смета за војна која што сега за сега, фала му на Бога, сеуште се одвива на вербално ниво.

Но, ако луѓето постојано се дисквалификуваат затоа што не мислат како другите и ако истовремено се подложуваат на категорични осуди и пресуди од страна на другите, ако никој не обрнува внимание на нивните аргументи, многу често маргинализирајќи ги и отфрлајќи ги токму преку употреба на јазикот на омразата, се плашам дека вербалната војна би можела да ја надмине својата форма.

Во секој случај, актуелно сме преплавени со изливи на омраза и размена на навреди што воопшто не се разликуваат од нај примитивниот уличарски жаргон.За жал, таквиот начин на комуницирање и однесување го инаугурираа во изминативе години на одолжената транзиција токму нашите политичари во недостаток на идеи и решенија што би можеле да ги понудат. И, како што бива обично, тој дискурс беше прифатен и сеуште се негува од разноразни медиуми, задскриен под плаштот на слободата на говор и изразување,се разбира!

И, што да се чини во една таква атмосфера  кога не постои универзален закон применлив за сите  со кој би се санкционирале тие што без срам и перде, без никаков пардон, газат преку сите црвени линии на дозволеното ? Кои се одбрамбените механизми на жртвите на јазикот и говорот на омразата во ситуација кога тој валкан и одвратен јазик станува нормален начин на комуникација и кога станува сосема разбирливо дека празните муабети, клеветите и навредите креваат многу повеќе прав од еден конструктивен став.

Длабоко верувам во свеста и совеста по големиот дел на луѓето во Македонија, без оглед на нивната национална и верска припадност. Верувам дека не можат да бидат легитимни и оправдани само целите и стремежите на еден поединец или колектив, а тие на другиот поединец или колектив априори да бидат прогласени како бесправни и нелегитимни. Верувам во сето тоа затоа што, во спротивно, би требало сите ние да бидеме свесни дека може да се случи да се вратиме во прегратките на едноумието. Тоа пак подразбира дека треба да се поздравиме со основните вредности на демократијата што толку многу ги заговаравме и се обидувавме да ги заживееме.

Македонија денес, колку и да и е непријатно да го признае тоа, се наоѓа среде вител што ги менува своите форми од час на час, зависно од интензитетот на јазикот и говорот што шират омраза. И Македонците, и Албанците, и сите останати што живеат во оваа држава се заглавени во тоа блато. Шовинистичките, расистичките и фашистичките извици што не ретко се слушаат од младите навивачи на разни екипи, навредите на национална и верска омраза од кои врие фејсбукот, изместените пораки што ги пренесуваат одредени поединци низ разни медиуми, како и деструктивните повици што се шират од разни собири и протести, само го потврдуваат тоа што го велам.

За да биде сликата целосно жалосна,  инспирацијата на тој јазик на омразата не престанува да надоаѓа од половичните и пропаднатите политичари кои што крај сета своја глупавост се многу свесни дека омразата што ја инспирираат, во одредени моменти какви што сме виделе и доживеале, сосема лесно можат да завршат трагично. Но, кој знае, тие можеби токму тоа го посакуваат, можеби трагичното е нивниот омилен елемент.

Само ќе подсетам дека “секој вид на омраза, било да е некој говор, еден напис  или еден начин на однесување што предизвикува предрасуди кон еден поединец , група, нација или вера, се сметаат како јазик на омраза. Употреба на јазикот на омраза се смета и една изјава што предизвикува страв, го вознемируваат, го навредуваат или го дискриминираат еден поединец или колектив.Се подразбира, јазикот на омраза служи за да се створи одбоен став кон одреден поединец или група на која што тој и припаѓа“.

Сосема на крајот, свесен дека за јазикот на омразата што станува наша секојдневност виновни сме сите заедно- и семејството, и воспитувачите, и политизираната просвета, и политичките субјекти што поради своите интереси ги дезориентираат младите, прашувам:

Што по натаму, и како по натаму, кој е начинот да се излезе од пеколот што го создаваат вештачките поделби и омразата кон секого и кон се и сешто ? Како да се сотре омразата што го игра својот валкан танц токму пред носот на институциите кои би требало да се борат против оваа појава ?

Прашувам затоа што самиот немам одговор. Прашувам и барам одговор бидејќи овој говор на омраза е во потполна спротивставеност со исламските принципи,како што е во спротивност и со принципите на христијанството, па сепак тој јазик и тој говор се употребуваат  и од муслимани, и од христијани.Бог нека ни е на помош.

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *