Почетна Коментар Господи, кажи само збор!
Господи, кажи само збор!

Господи, кажи само збор!

514
0

„А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда. Исус му рече: ’Ќе дојдам и ќе го излекувам‘. А стотникот одговори и рече: ’Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: Оди! и тој оди; на другиот: Дојди! и тој доаѓа; и на слугата: Направи тоа! и тој прави‘. Кога го чу тоа, Исус се зачуди и им рече на оние што врвеа по Него: ’Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера…‘ И му рече Исус на стотникот: ’Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!‘ И слугата негов во истиот час оздраве“ (Матеј 8, 5–13).

Римскиот стотник е извонреден пример како треба да го заштитуваме нашиот духовен отец од дополнителен напор и како да му оставиме време да им помогне и на другите што страдаат. Човек треба да си го каже својот проблем, но исто така, ако веќе верува во Бог, во силата на благословот на духовниот отец – кој е на место Христово за нас, треба тоа да го покаже и преку заштитата на својот духовен отец, и преку можноста што ја остава за пристап до него за другите што страдаат и имаат потреба.

Гледате сите, овие елементи се препознаваат кај римскиот стотник. Ем има проблем што треба да си го каже, ем не го оптеретува дополнително својот Господ – со што му овозможува време да им помогне и на другите. Иако Богочовекот Христос го знае одговорот однапред, сепак му вели на стотникот: „Ќе дојдам“, а стотникот вели: [Не мора,] „кажи само збор“. Ова е напишано за наш пример, и за поука.

Римскиот стотник вели и „не сум достоен“. Ние го препознаваме неговото смирение во овие зборови, но тоа не му е главната поента – да не Го повика во својот дом; поентата му е да не Го заморува, да Го заштити. Поентата е во љубовта. Знае дека Он оди, проповеда, исцелува од болести, зафатен е и затоа просто стотникот вели: „кажи само збор“. Гледате колку едноставна благовест!? Ќе си рече човек којзнае што сѐ има тука да се зборува, објаснува и толкува, а сѐ е едноставно и просто: ја гледаме љубовта на духовното чедо кон духовниот отец и неговата грижа за него – да го заштити и поштеди, и покрај тоа што мора да си ги каже маките што ги има.

Дека има вистинска вера и љубов во стотникот, препознаваме не само од љубовта кон Богочовекот Исус Христос, туку и од љубовта што ја покажува кон својот ближен – тој не се моли за себе, туку за својот слуга. И не Го бара Христос само за себе, туку им овозможува пристап кон Него и на другите што страдаат.

Секој што на овој начин го заштитува својот духовен отец и својот ближен, ќе биде прославен од Самиот Христос: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера“.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *