Почетна Анализа ДНЕВНИК: Свештениците може да поседуваат оружје
ДНЕВНИК: Свештениците може да поседуваат оружје

ДНЕВНИК: Свештениците може да поседуваат оружје

538
0

Не е спротивно на црковните канони еден клирик да поседува оружје, а свештеникот на кој деновиве му бил украден пиштолот од охридското село Опеница имал причина да го поседува, изјавил за „Дневник“ ѓаконот Сашо Целески, асистент по предметот црковно право на Православниот богословски факултет на МПЦ-ОА „Свети Kлимент Охридски“.

rus-svina-sa-pistoljem-foto-youtube-1475183290-1001539– Тоа е манастирот „Свети врачи“ во кој истиот тој свештеник е ктитор. Тој манастир се наоѓа длабоко во планините и во него се одгледува стока и доколку наиде волк или друго диво животно, сакајќи да ја нападне стоката, дали свештеникот би можел да го отепа волкот или не? Секако дека може. Да не навлегуваме во покомплицирани примери, кои се однесуваат на опасност за животот, и тоа како на својот живот така и на својата фамилија – објаснува Целески.

Тој ја разјаснува дилемата за поседувањето огнено оружје од страна на свештените лица на Македонска православна црква.

МВР деновиве соопшти дека свештеникот од оваа охридска црква им ја пријавил кражбата на пиштолот „црвена застава“ и на 50 куршуми за него кои ги чувал во чантата во манастирскиот конак. Досега беа ретко забележувани случаи во кои се покажало дека духовниците располагаат и со огнено оружје и за кое имаат легална дозвола.

Христијанството, познато е, како свои основни принципи има ненасилие, љубовта кон сите луѓе, па дури и непријателите, како и строга и категорична забрана да се убие некој човек.

– Пред се, оружјето само по себе не е лошо. „Се ми е дозволено, но не е се полезно“ (1. Kор. 12). Kако и за секоја друга работа, начинот на кој ќе го користиме тоа може да биде за пофалба или за осуда. Никаде во каноните експлицитно не се зборува дали свештеник може или не може да поседува оружје. Она за што зборуваат каноните е дека клирик не смее да убие (апостолски канони 65 и 83). Впрочем, на ниту еден човек не му е дозволено да посегне по животот на својот ближен, уште помалку на еден клирик. Според каноните, доколку свештеник убие друго лице, макар тоа било и во самоодбрана, свештеникот се расчинува. Но, кога ќе се спомне оружје, не треба, по дефиниција, да се подразбира дека оружјето се користи само за посегнување по животот на ближниот – потенцира овој теолог.

Тој додава дека за многу работи секоја помесна црква одлучува локално.

-Во Левант (арапските земји) на свештениците им е дозволено да носат пиштол кога го носат Светиот принос (Евхаристијата) на болни за да ги заштитат. Но, од што да ги заштитат. Пред се, од животни. Kога станува, пак, збор, за капеланите, тие не носат оружје. Но, во воен период им се одредува едно лице, кое на некој начин е нивен телохранител. Јас би рекол дека тоа е само едно заобиколување на правилата. Исто така, би сакал да се навратам на нашата историја. Kолку фотографии сме виделе на наши свештеници што ги предводат четите на комитите? – потенцира Целески.

Од друга страна, скопскиот жупник Давор Топиќ од Kатоличката црква за Дневник изјавил дека на католичките свештеници воопшто не им се дозволува да поседуваат оружје.

– Нашиот став е јасен и тој е дека свештениците не може да имаат пиштоли или друго слично оружје. Оружје не носат дури ни воените капелани, оние лица што се во армиските редови – објаснува жупникот Топиќ.

Во Исламската заедница на Македонија нема случај на имам што поседува оружје.

– Не му прилега на едно верско лице да има пиштол и кај нас во Скопското муфтиство нема ниту еден имам што има дозвола за оружје. Не е убаво, не е етички еден свештеник да држи оружје -изјавил за Дневник Мевљудин Алиу, главниот скопски имам.

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *