Почетна Анализа МПЦ ОДЛУЧИ: Свети Кипријан Слепченски ќе биде прогласен за светец во април
МПЦ ОДЛУЧИ: Свети Кипријан Слепченски ќе биде прогласен за светец во април

МПЦ ОДЛУЧИ: Свети Кипријан Слепченски ќе биде прогласен за светец во април

1.39K
0

Игуменот Kипријан Слепченски, кого Турците го спалиле ограбувајќи го манастирот „Свети Јован Претеча“ во демирхисарско Слепче и починал во маченичка смрт на Велигден пред 237 години, ќе биде прогласен за светец, пишува дневниот весник „Дневник“

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на редовна седница одржана на 24 февруари годинава одлучил канонизацијата да се одржи на 30 април, датумот на неговото упокојување во 1780 година.

KiprijanЦеремонијата ќе биде одржана во манастирот „Свети Јован Претеча“, местото каде што служел како монах и каде што се упокоил.

– Kанонизацијата на свети Kипријан Слепченски ќе биде дел од програмата за одбележување на 50-годишнината од обновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква. Се гордееме што дел од активностите ќе се изведат на територијата на општина Демир Хисар. Во рамките на овој настан се подготвува и програма со настани што ќе се случуваат во Слепче и манастирот „Свети Јован Претеча“, на 29 и 30 април годинава – вели градоначалникот на Демир Хисар, Љупчо Блажевски.

Во рамките на подготовките за кантонизација на игуменот, се испитува дали овој новомаченик водел потекло од слепченскиот крај. Досега не постои пишан документ за неговото место на раѓање. Јеромонахот Серафим и македонскиот византолог Сашо Цветковски на работната средба во општина Демир Хисар изјавиле дека во монашкиот живот, најмалку се дава акцент на местото на раѓање и на потеклото на монахот. Оттука сосема е разбирливо што монасите, покрај монашкото, го носат и името на местото, каде што служеле и каде што се упокоиле.

slepce 2– Според досегашните научни сознанија се знае дека Kипријан служел во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Слепче и оти маченички се упокоил на Велигден во 1780 година. Се претпоставува дека бил на возраст од околу 60 години – рекле јеромонахот Серафим и професор Цветковски на работната средба со претставници од општина Демир Хисар.

Игуменот Kипријан бил погребан во дворот на црквата во Слепче. За маченичката смрт на Kипријан има вреден запис на македонски народен говор, зачуван од 1780 година. Непознат автор овој текст го допишал во многу постаро евангелие, поточно во „Четвороевангелие“ од 1548 година на познатиот македонски книжевник Висарион Дебарски. Во вметнатиот запис на непознатиот автор пишува дека во 1780 година „среде лето се стори скапија, пченицата помина килото дванаисет гроша, а хршта помина килото осом гроша и раната за имајнето се стори скапа, сеното помина по три.“

Во записот понатаму е напишано дека Турци го ограбиле манастирот во Слепче и го спалиле игуменот. „Во априли месец на ден Велики Четврток на вечерта влегоа харамии Турци колунци и фати игумена Kупријана и го мачеа со оган го гориа за аспри и аспри немаше да мо дадит три дни бист на велик ден почина“.

Запишано е дека арамиите при грабежот од манастирот украле и свети мошти со сребрена кутија, која чинела 120 гроша, три икони, бакар, руба и с` што пронашле во храмот однеле во Монастир (Битола). Записот е значаен не само од историски аспект, туку и од јазичен, зашто бил напишан на македонски народен говор од централно македонско наречје. Денес, ова значајно Висарионово „Четвороевангелие“ се наоѓа во Народната библиотека во Белград, Србија под број Рс 102. Манастирот во Слепче бил познат книжевен и преведувачки центар. Овде книжевната дејност се појавила во 11 век и осум века се создавале вредни ракописи. За жал, овој вреден скрипториум бил разграбан во 19 век и ракописите однесени во Русија, Србија, Бугарија и на други места.

Подготвени се текстот за житието, богослужбата и акатистот за новомаченикот Kипријан Слепченски што ги напиша дипломираниот теолог м-р Виктор Недески. Во средината на април, ќе биде готова и иконата што се изработува во сестринското ателје на манастирот. Чинот на канонизацијата ќе биде проследен со голема утринска архијерејска литургија на која се очекува да служат архијереи од неколку епархии, како и високи претставници од јавниот живот во Република Македонија.

ПАРАКЛИС ЗА СВЕТИ KИПРИЈАН

На денот на канонизацијата на првиот новомаченик на подрачјето на областа Демир Хисар, во дворот на манастирот во Слепче, ќе почне изградбата на три нови објекти, меѓу кои и параклис за светецот Kипријан.

– Тоа што свети Наум претставува за Охрид, тоа за Демир Хисар е свети Kипријан Слепченски. Неговото свето дело и живот поминат во мачеништво заслужуваат во негова чест да се изгради параклис, а на денот на канонизирањето да почне изградбата на новата трпезарија и конак. Оти, ваквите објекти се многу значаен и битен елемент во една манастирска целина – рече старешината на манастирот, јеромонахот Серафим.

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *