Почетна Анализа Каде е гробот на Свети Методиј? Мистерија или мистификација?
Каде е гробот на Свети Методиј? Мистерија или мистификација?

Каде е гробот на Свети Методиј? Мистерија или мистификација?

3.94K
0

Сесловенските просветители, „Светите Кирил и Методиј, денес во современиот свет се единствените личности кои можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа. Ако, нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, одлуката на Папата Иван Павле II да ги прогласи за Созаштитници на Европа е столбот од тој мост на другиот крај на Европа.

Сепак, секоја година на 24 мај кога се слави нивното дело, почитта се уште не е подеднакво распределена. Иако придонесот за словенската култура е заеднички, на двајцата браќа, сепак целата приказна за нивниот живот и мисија како да останува празна или, пак, како што научниците велат, незавршена, поради мистерија за местото каде што се наоѓа гробот на постариот брат Методиј.

sveti metodij 5Денешната археологија и историја се уште не може прецизно и едногласно да одговори каде е местото каде што е погребан свети Методиј. Неговите мошти се уште се мистерија, но дали се и предизвик за археологијата и за историчарите?

Постојат неколку хипотези каде се наоѓа гробот на свети Методиј, а најпозната е онаа на чешките археолози и историчари, кои тврдат дека го откриле местото на гробот, но сепак за официјалната историја тоа не е доволно за официјализирање на тоа тврдење. Според чешките археолози Методиј бил погребан во поранешна Моравија, во црквата со бројот 12, во местото Микулчице, денешен Велиград, каде што бил престолот на владетелот Ростислав.

SVETI METODIJ 4Македонските историчари и археолози речиси и да не се занимаваат со откривањето на гробот на свети Методиј. Слушнале за претпоставките за можните места каде е закопан просветителот, но не можат со историски факти да го потврдат тоа. Според некои од нив на историјата и на археологијата и потребна мистификацијата за големите личности, иако можеби историјата и ги знае гробните места на големите историски личности.

-Историските податоци со кои ние располагаме не се доволно прецизни за да можеме да направиме документаристичка слика. Затоа на литературата и на историјата им се неопходни мистификации, особено кога се работи за вакви бардови. Без таа мистификација се урива една голема аура што ја имаат овие двајца светци и просветители, велат некои историчари, потсетувајќи дека ако таа приказна се заврши повеќе нема да има предизвик за истражување.

Бугарските истражувачи велат дека има многу празнини во тезите на чешките научници, за да се потврди епохалното откритие на гробот на големиот словенски просветител свети Методиј. Професорот Николај Овчаров од Бугарија пишува на оваа тема и дава неколку заклучоци.

SVETI METODIJ 1Историските податоци говорат дека тој починал во Моравија во 885 година, а дека неговите посмртни останки биле поставени во катедралата на левата страна на олтарот на Пресвета Богородица. Тоа се единствените писмени сведоштва за крајот на животниот пат на постариот брат од двајцата словенски просветители. Уште во минатото неколку научници се обидуваа да ги докажат своите хипотези, но тоа повеќе предизвика контроверзии отколку што даде точен одговор.

– Од 20-тите години на минатиот век чешките археолози ја истражувале културата на Велика Морава. Оваа држава со кратка историска судбина се простирала на територијата на денешна јужна Чешка, северна Австрија, западна Словачка и западна Унгарија. Моравците го прифатиле христијанството и дошле под духовно туторство на папата. Со кнезот Ростислав (846-869 г.) сепак тие успеале да ја извојуваат својата политичка независност. Ростислав, исто како и неговиот голем современик Борис Први, се соочува со дилема: Рим или Цариград. Во 863 година моравскиот кнез побарал од Византија да му испрати мисионери. Тоа биле солунските браќа Кирил и Методиј, кои ја создале глаголицата и превеле на словенски јазик богослужбени книги – пишува професорот Овчаров.

sveti metodij 6Голема Морава го достигнала својот зенит со кнезот Свјатополк (870-894 г.), но во почетокот од новиот век почнале внатрешните судири. И така, кон крајот на првата деценија на 10 век, Велика Морава престанала да постои.

Овчаров вели дела од средината на минатото столетие, дури до 1990 година, големите ископувања на професорот Јозеф Поулик внесуваат сериозна археолошка мешаница во проблемот за пронаоѓањето на гробот на свети Методиј.

Крај селцето Микулчице, блиску до Годонин, проф. Поулик на виделина ги открива урнатините на еден голем град. Повеќето истражувачи укажуваат дека во Микулчице се наоѓал центарот на Велика Морава.

Така, меѓу археолошките екипи почнува тивко ривалство, а главна цел за тоа е гробот на св. Методиј. Во 1970 година излегува речиси скандалозна статија. Нејзин автор е Вилем Грубо, раководител на ископувањата, кој тврди дека конечно е откриен гробот на просветителот токму во месноста Садат на близу четири километри од главното село, каде што истражува манастирски комплекс од 9 век. Според археологот, тоа е резиденцијата на св. Методиј.

sveti metodij 8Колегите „од другиот камп“ гледаат сериозно несогласување во извештајот за гробот во главната кнежевска црква. Дваесет години подоцна се меша наследникот на Поулик, Зденек Кланица, со книгата „Тајната на гробот на моравскиот епископ Методиј“.

Таму тој нуди оправдано верување дека братот на св. Кирил Филозоф е закопан под откриената катедрала во Микулчице. Експедицијата на Поулик ја раскопува ѕиданата гробна плоча, во која е откриена лактна коска. Покојникот бил облечен во свилена облека, кожен ремен со сребрена млазница. Крај телото биле положени златно ѕвонче и позлатена декорирана бакарна плоча, која можеби е од декорација на книга. Сомневањата се и дека можеби е како меч со два железни предмета.

Главниот аргумент на Кланица е позиционирањето на телото. Пред него Грубо се обидел да се оправда дека во житијата за левата страна се визира јужниот дел на зградата, бидејќи станува збор за свештеник што се наоѓа во олтарот.

SVETI METODIJ 3Кланица вели дека логична позиција е човек што влегува во црква и соодветно се однесува на нејзината северна половина. Тој се справува и со фактот дека гробот е изнесен кон апсидата на базиликата. Оваа теза на Кланица разбудила восхит во еснафот, а првото издание на книгата било распродадено.

Само пет години подоцна, во 1995 година, доаѓа критиката на оваа теза. Чешкиот православен професор и протојереј Павле Алеш ја прифаќа хипотезата за гробницата со бројот 580 во Микулчице, но го поправа концептот за местото на гробот во базиликата. Алеш смета дека ставовите на Кланица се под влијание на католичкото воспитување.

Православниот научник нуди идеја дека во житието се споменува иконата на Пресвета Богородица, која треба да се наоѓа лево на олтарната преграда. На тој начин, гробот на свети Методиј се наоѓал во олтарниот дел и непосредно зад иконата на Божјата Мајка. Тоа е сосема прифатливо од гледна точка на локацијата на објектот во катедралата.

Друга сериозна забелешка на Алеш е присуството на железните предмети во гробот. Тој го смета за недопустливо при погребот на висок православен свештеник од рангот на св. Методиј внатре да се стави какво било оружје.

SVETI METODIJ 2Станува јасно дека и до денес локацијата на гробот на свети Методиј не е откриена. Има малку повеќе докази во корист на Микулчице, но сѐ уште не се знае што може да откријат археолозите.

Македонска црковно-државна делегација повеќе од четири децении секоја година на 24 мај оддава почит на Св. Кирил и Методиј на гробот на Св. Кирил во Црквата „Свети Климент Папа Римски“ во Рим. Почит кон Свети Методиј се оддава во заедничките молитви, но досега некои владиците на Македонската православна црква-ОА биле и во градот Елванген во Германија, каде му оддавале почит на Свети Методиј. Таму се наоѓаат спомен-плочите на свети Методиј, кој дел од животот во заробеништво го поминал во затвор токму во тој град.

Владиката Тимотеј вели дека не е познато местото каде што е погребан свети Методиј.
– Сме оделе на поклонение во градот Елванген во Германија, на местото каде што Методиј две години бил во затвор. Но тоа не е неговата гробница. Сите податоци се само претпоставки – додава г. Тимотеј.

/РЕЛИГИЈА.МК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *