Почетна Коментар Колективни несвесни гревовни шеми
Колективни несвесни гревовни шеми

Колективни несвесни гревовни шеми

522
0

Карактеристика на непросветлениот ум е да се врзува за овоземни шеми за да си ја обезбеди својата овоземна сигурност, па дури и својата небесна иднина. Непросветлениот ум има потреба од сигурност за себе. Просветлениот ум молитвено и срдечно копнее да се спасат сите. Десетте лепрозни се одлична слика на денешното христијанство.

Десетте лепрозни Го молат Христос и бараат исцеление (очистување), а Он им вели: „Отидете и покажете им се на свештениците!” Христос на сите им го покажува патот на послушанието. Тие тргнуваат и, одејќи, се очистуваат – ја очистуваат енергијата на својот ум. Арно ама, послушанието не е цел само по себе, ниту, пак, само чистењето на енергијата на нашиот ум. Ја чистиме енергијата на својот ум во содејство со очистителната Божја благодат, но за да ги согледаме своите гревови, а не туѓите и да осудуваме. И, денес, мнозина би сакале да го имаат и дарот на умно-срдечната молитва, но не можат да го добијат. Но, затоа овој дар го гледаме кај Самарјанинот – икона на вистинскиот послушник: послушува и оди, му се случува очистување и на суштината на умот, односно на срцето од страстите, и се враќа при Христос, односно го добива и дарот на умно-срдечната молитва. Самарјанинот е во послушание сѐ до добивањето на дарот, но очигледно не и потоа – не продолжува да оди да им се покаже на свештениците, како што му рече Христос, туку се враќа при Христос и Му благодари. И Богочовекот го оправда: Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бог, туку само овој туѓинец?” И му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!” (Лука 17, 11-19). Со други зборови, немаш повеќе потреба и од духовно раководство.

Гледате колку е тешко кога ќе се влезе во одредена шема и во одреден начин на размислување, како што биле навикнати тогашните Јудејци, кои само формално се држеле до Законот, исто како и сегашното свештенство (посебно епископите) на Православната Црква, обучено само во богословските школи, но не и од и во едната Литургија на Црквата. Влегуваат во една шема, одреден начин на мислење и размислување, и веќе не знаат ниту дали постои друг начин на размислување и доживување на духовниот живот, ниту како да излезат од досегашната шема во која влегле, ниту знаат да им го покажат патот на другите. А за Самарјанинот од Евангелието е лесно да ја прифати Вистината, бидејќи не е влезен во никаква претходна шема. И гледате, целата Православна Црква е сѐ уште жива само поради луѓе што не се од таа шема – произлезена само од едукативниот процес, туку од луѓе воспитани и образовани во едната Литургија (Евхаристија) на Црквата.

Деветмината лепрозни одат според некоја позната шема, по некоја навика – што е бесплодно, а Самарјанинот тргнува од вистинско, целосрдечно послушание. Христос му вели да оди кај свештениците и тој оди, иако е Самарјанин, т.е. нема врска ниту со старозаветните свештеници, ниту со нивната вера. Не оди по некаква шема, туку според патот што Христос му го покажува. А другите девет лепрозни одат по позната и вообичаена за нив шема. И одејќи по шема, иако им се случува нешто ново – сите го добиваат дарот на очистување на енергијата на умот, како ние денес, кога почнуваме да одиме во Црква, но никој не добива ништо повеќе од тоа. А целта што се промашува е Самиот Христос. Додека Самарјанинот, кој не беше роб на никаква шема и беше отворен кон новото, не продолжи да ја следи покажаната шема, туку се врати и Му се заблагодари на Богочовекот Христос, пред сѐ, со умот пред олтарот на своето отворено срце – преку дарот на умно-срдечната молитва. Направи нешто нормално – отиде и се заблагодари, нешто што секој нормален човек го прави.

Повеќето од луѓето, на почетокот од духовниот живот, ја чистат енергијата на својот ум, но не профункционируваат, туку си продолжуваат по старо (со затворени срца за Бог и ближните, со стар начин на гревовно размислување), не преминуваат од противприроден во природен начин на живот. А Самарјанинот се очисти и профункционира, премина во природен начин на живот – давање, и ја активира или актуализира (според свети Григориј Синаит) благодатта на Крштението. Зошто им се случува ова? Затоа што пред да го добијат дарот на умно-срдечната молитва, односно дарот на просветлување, ним некој во главата и во срцето им всадува одредена шема која, додека не се ослободат од неа, засекогаш ќе го блокира пристапот на нивниот ум до нивното срце.

Покрај гревовните шеми на задоволување на своите страсти (посебно за човечка власт и слава), кои се лични гревовни шеми што ни ги всадува моделот на живот што овој свет ни го наметнува, во Православната Црква постојат и колективни несвесни гревовни шеми што еден верник не смее да ги прифати. Главната шема што на верниците по црквите им се всадува во срцата е шемата на поистоветување со овоземните форми на човечко организирање, односно поистоветување со државата и нацијата и нивните цели и интереси. На пример, кога еден верник ќе ја прифати таа шема, потоа лесно можеш да му всадиш и една уште полоша, на пример: дека МПЦ-ОА е расколничка организација. Прифаќањето на оваа шема во срцето конечно го блокира патот за умот на оној што ја прифатил да влезе во своето срце.

Бидејќи свештенството на Православната Црква (чест на исклучоците) влегло во една овоземна шема од која не знае или не сака да излезе, затоа и црквите како институции влегле во шема на поистоветување со овоземните човечки форми на организирање и интереси – државата и нацијата, како што пишував во минатата беседа; во шемата на т.н. канонски национални цркви надвор од евхаристискиот начин на живеење и размислување. И тие не може да излезат од таа шема. Ти му велиш: „Човеку, не се бориш на свој терен! Литургијата е твој терен! Зошто седнуваш и преговараш на обична маса!? Ти си повикан на друга маса – Света Трпеза. Човеку, си ја промашил масата!“ Брате, точно е дека таа маса е поставена во храмот, но за идиотска трговија и овоземни интереси, а знаеш што Христос направи со така поставените маси во Божјиот дом, домот на Неговиот Отец (види: Матеј 21, 12-13).

Христијанството не требаше да се поврзува со никакви облици на општествено уредување од овој свет, односно да влегува во овоземни шеми. Единствено што треба е пастирски да се поврзе, но никако и суштински. Пастирски се поврзува колку да може да дејствува во овој свет – да постои, да евангелизира во одредена држава или нација каква што се формирала, но не и да се поистовети со нив.

Канонските национални цркви што се поистоветуваат со овоземните форми на општествено организирање и кои тежнеат – исто како и нив, кон овоземна централизација на власта, се исто така овоземна шема, но исто така и одлична шема за доаѓање на антихристот. Таканаречените канонски цркви што функционираат како една од овоземните шеми се, исто така, и лоша основа преку која заблудените умови на нивните верници најчесто си ја прават својата сотириолошка – но многу демонска математика: дека само тие ќе се спасат, а цел свет ќе отиде во пеколот – посебно расколниците.

Милите тие, што ли само си замислуваат дека прават кога застануваат пред Оној Кој ги рашири Своите раце за да ги прегрне и спаси сите луѓе и сѐ создадено? Дали несвесно уште Му ги држат рацете приковани така, раширени на Крстот, за да се обезбедат дека прегратката никогаш нема да се затвори и за нив?

Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *