Почетна Коментар Автономија како црковна аномалија
Автономија како црковна аномалија

Автономија како црковна аномалија

786
3

Меѓуправославната подготвителна комисија, од 9 до 17 декември 2009 година, во Шамбези, на тема „Автономија и начинот на нејзиното прогласување“ заклучува дека „последиците“ што произлегуваат од прогласувањето на автономијата за автономната Црква и нејзините односи кон автокефалната Црква се следните:

А) Поглаварот на автономната Црква го спомнува само името на поглаварот на автокефалната Црква;

Б) Името на поглаварот на автономната Црква не се запишува во диптисите;

В) Автономната Црква добива свето миро од автокефалната Црква;

Г) Епископите на автономната Црква се избираат и востоличуваат од нејзиниот надлежен црковен орган; во случај на докажана неспособност за тоа на автономната Црква, таа се потпомага од автокефалната Црква, кон која припаѓа.

Овие заклучоци и до ден-денес се важечки.

Самиот ’статус на автономија‘ на една Црква, како што ја замислиле претставниците на Меѓуправославната подготвителна комисија, е само една еклисијална (црковна) аномалија, која се темели на две еклисиолошки ереси или теолошки погрешни учења, кои ги препознаваме во точките А и В од нивните заклучоци. Да ги разгледаме теолошки, поединечно, па ќе дадеме и наш заклучок за негативните црковни последици од така замислената „автономија“.

Под точка А читаме дека поглаварот на автономната Црква го спомнува само името на поглаварот на автокефалната Црква. Од логиката на кажаново, не се предвидува, што е клучно во меѓусебните односи на епископите, и поглаварот на автокефалната Црква да го спомнува поглаварот на автономната Црква. Делот од Светата Литургија каде што се бара од автономниот поглавар да го спомнува автокефалниот, и неспомнувањето на останатите епископи на автономната Црква од страна на автономниот поглавар, исто така, е многу спорно, но подобро да не го образложуваме сега и овде. Тие прашања ќе станат јасни ако се објасни од каде тој порив за неспомнување кога Бог за сите нас си спомнува.

Што е битно да објасниме? Во Православната Црква, Епископот е на место и во обличје Христово. Епископите се меѓу себе еднакви по власт – секој во својата епархија. Локалната епископална Црква ги има сите потребни дарови за спасение на луѓето во сета нивна полнота. Никаква натструктура на власт во Црквата Христова, од кој било вид, не може да се појави над Епископот и да управува со него. Следствено, спомнувањето на епископите меѓу себе е само израз на нивното единство и на заедницата во Црквата Христова.

Така, не е нормално епископите (ова посебно важи за поглаварите) да не се спомнуваат по име меѓу себе, а притоа да не дојде во прашање нивната заедница; но веќе е ерес спомнувањето да се користи како инструмент за контрола, потчинување или ерархиска подреденост од страна на поглаварот на автокефалната Црква над целата автономна Црква и нејзините епископи, односно, поединечно земено, над Тело Христово возглавено од еден епископ, над Самиот Христос. Оваа незадржлива еретичка желба за демонстрација и концентрација на човечка власт во Црквата одамна ја парализира христијанската мисија во светот.

Во спомнувањето на надлежниот епископ од страна на неговото свештенство има и елемент на контрола од страна на надлежниот епископ над неговото свештенство, кое реално е ерархиски подредено на својот епископ и е со строго делегирани права од него. Но таквото спомнување да се направи средство за контрола над група епископи кои сочинуваат друга помесна Црква, односно, поединечно земено, над Тело Христово возглавено од еден епископ, односно над Самиот Христос, е прецизно речено, еклисиолошка ерес.

Треба да се знае дека сите епископи на една помесна Црква задолжително го спомнуваат на Светата Литургија Првиот по чест меѓу себе, но, исто така, и Првиот треба да ги спомнува сите епископи на Литургијата што ја служи. Нарушувањето на спомнувањето од чија било страна е нарушување на единството. Спомнувањето нема врска со никаква потчинетост и затоа треба да биде обострано.

Под точка В читаме: автономната Црква добива свето миро од автокефалната Црква. Како прво, според светите Канони на Црквата (6-то правило Картагенски – освен епископот, друг не смее да осветува свето миро), светото миро може да го подготвува секој епископ; а како второ, епископот го подготвува светото миро не за себе, туку за своето свештенство – како еден инструмент за контрола над него и покрај делегираната (пренесената) власт од него на свештениците да ја извршуваат Светата Тајна Крштение. Е, сега, од инструмент за контрола на епископот над свештенството некој овде сака варењето на свето миро да го претвори во инструмент за контрола од страна на автокефалната Црква над административно автономната Црква. А спомнавме дека само  обидот за демонстрација на власт само над еден епископ е обид за потчинување на Тело Христово, на Самиот Христос.

Значи, и двата инструмента за контрола од страна на епископите над свештенството (спомнувањето и варењето на свето миро) – што е нормално и оправдано, некој сака да ги претвори во инструменти за контрола од страна на автокефалната Црква над т.н. автономна Црква – што е ненормално и теолошки неодбранливо. Една Црква или има услови за ’автокефалност‘ или нема, и толку. Доколку има, може да ѝ биде призната и фактичка автокефалност од Црквата од која се осамостојува, додека не биде официјално призната од сите помесни Православни цркви.

Еклисијалните и еклисиолошките последици од т.н. автономија, сфатена како што ја предлага Меѓуправославната подготвителна комисија, се такви што сите епископи на автономната Црква, кои божем ги издигнува на некое повисоко ниво на административна независност – како што лажно се претставува идејата за автономија, всушност, ги прави само викарни на поглаварот на автокефалната Црква; затоа што, нели, нив никој не ги спомнува како заедничари во едната Литургија Божја и одземена им е можноста да варат свето миро.

Таканаречената автономија, меѓу другото, претставува хулна претпоставка дека една помесна Црква е на некој начин непотполна, незрела, неискусна или во кој било поглед фалична. Кога веќе знаеме дека само локалната епископална Црква ги има сите потребни дарови за спасение на луѓето во сета нивна полнота, тогаш како може збир на неколку такви Цркви, посебно организиран во помесна Црква поради специфични пастирски состојби, да биде во нешто фаличен?

Црквата не е ограничена да изнајде или предложи и нови форми на канонско единство, ако сакаат нејзините претставници. Ваков позитивен опит имаме и од досегашниот дијалог меѓу СПЦ и МПЦ-ОА.

Овие еклисијални и еклисиолошки девијации при одредувањето на т.н. статус автономија, за кои погоре говоревме, се суштинско прашање за еден следен Вселенски собор, бидејќи се работи за воведување ерес во Црквата. Борбата против ересите и утврдувањето на вистинската вера отсекогаш билe клучни причини и тема за свикување и одржување на Вселенските собори.

naumИсто така, за сите горенаведени неправославни учења, епископите во САС на МПЦ-ОА се свесни и разговарале меѓу себе, и согласни се дека нема да потпишат никаков документ што нив ќе ги содржи. Всушност, со овој текст само ги сумирав и пренесов нивните благочестиви мислења во чест на Неделата на Православието.

Митрополит Струмички Наум

Коментар(3)

  1. Ово је као нека припрема за преговоре са СПЦ ? Добро . Треба изнети ставове . Али нека већ једном реше то питање. Већ 49. година искрени верници чекају зарастање те ране на телу Цркве Христове. Још једном треба рећи да је етнофилетизам једини и основни проблем у овом спору. Још једном се показало да је давање имена помесној Цркви по нацији погубно . Територијални принцип(а не национални) је основни за постојање и оснивање помесне Цркве (канон 2. Другог Васељенског Сабора) и канонска основа аутокефалије . „Црква је васељенска, Саборна, богочовечанска, вечна, зато је хула, неопростива хула на Христа и Духа Сватога, чинити од ње националну институцију, сужавати је до ситних, пролазних, времених националних циљева и метода… Време је, дванаести је час да поједини наши црквени представници престану бити искључиво слуге национализма и политике, свеједно које и чије, и постану првосвештеници и свештеници једне, Свете, Саборне и Апостолске цркве“, каже Свети Јустин Поповић у једном обраћању према епископима СПЦ(а примерено је ово рећи свим епископима ).
    У Цркви нема Јеврејина и Грка, роба и слободњака, мушког и женског, већ су сви једно у Христу (Гал. 3,28). Он је „све у свему“ (Кол. 3,11).

  2. Ovoj vladika mi lici na srumicki bostandzija, se mi se cini daka do skoro prodavse bostan po pazarite i odednas stanal vladika

  3. Можеби е бостанџија, како и апостолите што беа рибари! Но, ниту една работа со која што чесно се заработува, не е срамна ниту пак понижувачка.
    Срамно и понижувачки е да се тропаат неграмотни глупости, клевети и навреди!
    Срамно и понижувачки е да се останес слеп при очи и глув при уши!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *