Почетна Коментар Последици согласно гревовите
Последици согласно гревовите

Последици согласно гревовите

716
1

Знаеме што значи симнувањето на Свeтиот Дух Господ во Црквата, но не ми изгледа дека знаеме што да правиме со полнотата на благодатта Божја што ја примаме преку Светите Тајни на Црквата во нашето духовно срце. Преку благодатта треба да се преобразуваме од образ кон подобие Божјо. Преобразувањето почнува од умот (словесната сила), па преку бесловесните сили на душата (волјата и желбата) и целата душа, па сѐ до самото наше тело.

Страстите се болест на душевните сили, како и нивна злоупотреба, кои преку навиката станале наша втора природа. Со наш труд и со помош на Божјата благодат, страстите треба да се преобразат во добродетели, та сите наши душевни сили да дејствуваат здраво – согласно Божјата волја. За ова е потребен духовен подвиг во Црквата, под вистинско духовно водство.

Страстите се примамливи затоа што нѐ мотивира чувството на гревовна сладост што се случува при нивното задоволување. Задоволувањето на страстите предизвикува гревовна  сладост, без оглед на тоа дали се работи за умствена, за душевна или за телесна гревовна сладост. Но, по гревовната сладост следува и отрезнувачка болка – телесна и душевна.

Правиме разлика меѓу грубите страсти – како што се видовите на сластољубие, и суптилните – како што се среброљубието и славољубието. Кај суптилните страсти болката најчесто ќе стигне подоцна, но затоа ќе биде поголема и, пред сѐ, душевна; а кај погрубите страсти болката најчесто ќе стигне побрзо (на пример: ако се прејадеме, ќе нè боли стомак), но ќе биде помала и, пред сѐ, телесна. Грубите страсти се знак за постоење на суптилните.

Болката, наједноставно објаснето, настанува затоа што ги исполнуваме демонските желби, а ги нарушуваме заповедите Божји и сами се одрекуваме од благодатта Божја – преку која и нашата душа и нашето тело вистински живеат. Прво остануваме без благодатта во умот и во душата, а потоа и во телото. Прво ги разболуваме умот и душата, па потоа и телото. Но  болката ќе се појави најчесто прво во телото. Самите се казнуваме со болка – не Бог.

Опасноста, како што можете и сами да заклучите, е поголема при задоволувањето на суптилните страсти отколку кај грубите. Кај грубите страсти, бидејќи веднаш можеме да ја почувствуваме болката телесно, може побрзо да се освестиме и побрзо да го исправиме нашиот живот; додека пак, кај суптилните страсти, појавувањето на душевната болка најчесто ќе го доживееме како веќе посложен проблем; и најчесто како доцна исправлив. Тоа е така затоа што сме духовно неосвестени, а ако немаме и правилно духовно раководство, не ќе можеме сами да го забележиме отсуството на благодатта од нашиот ум и душа, и да се покаеме.

Битно е да се запамeти дека по задоволувањето на секоја страст, согласно погоренапишаното, следува болка. Секако, не треба да заборавиме и тоа дека Бог е Личност, а не духовен закон, и никаква причинско-последична врска не е над Него; како и тоа дека Он есхатолошки дејствува, секогаш согласно нашето спасение. Едноставно, Бог ја одложува болката, пред сѐ, психичката, и ни дава многу можности да ја избегнеме преку покајание.

Постојат гревови, да речеме, со лични последици и гревови со соборни последици. Ако срдечно не се покаеме, нашите лични (лично-соборни) гревови, сигурно ќе ни се вратат како наши лични душевни страдања и телесни болести, но гревовите кон Црквата (соборно-личните), односно гревовите против нејзиното единство и православно учење, ќе ни се вратат таму каде што најмногу нѐ боли. Таму каде што ќе може да предизвика најмногу покајание.

naumГосподи Исусе Христе, Богородицеју, помилуј нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. „Бог е Личност, а не духовен закон, и никаква причинско-последична врска не е над Него“

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *