Почетна Коментар Тишината е најгласниот звук
Тишината е најгласниот звук

Тишината е најгласниот звук

187
0

“ Сигурно е дека Бог не греши никогаш кон човекот, но човекот греши кон себе“, се вели во Севишниот Куран.

 

“ Да молчиш пред случувањата околу тебе и да се стуткаш во некое ќоше во времињата кога се одлучува за иднината, без сомнение значи страшливост. Но, да зрачиш смиреност во тешки ситуации секако дека е нешто сосема друго. Смиреноста е нај добриот начин да докажеш дека умееш да размислуваш трезвено, да советуваш, да делуваш рационално на процесите…“ . Така некако говореше многу одамна мојот професор со побелена брада додека се трудеше да ни ја објасни и долови сржта на Исламот, мирот, правдината и стабилноста што извираат од него.

Нека биде награден од Бога мојот професор. Сигурен сум , да беше жив во овие времиња кога Исламот се соочува со низа обвинувања и ниски удари, тој ќе зрачеше со смиреност, убеден  дека смиреноста и мирот се нај гласниот звук.

Зошто мислам така, зошто мислам слично како мојот професор?

Пред се затоа што, како што верувам дека Алах е еден и друг Бог освен Него не постои, верувам и во недолжноста на Исламот во целава оваа нестабилност што го тресе светот. Со сето мое битие верувам дека светлината на мојата и на верата на уште една милиарда луѓе не можат да ја затемнат тие што го злоупотребуваат Исламот и што со своето делување чинат зборот  Божји  да асоцира на насилство.

“ Сигурно е дека Бог не греши никогаш кон човекот, но човекот греши кон себе“, се вели во Севишниот Куран. Во тој склоп, сигурно е дека одредени луѓе и одредени групи на луѓе на кои што им се допаѓа на своите организации да им прикачуваат префикси врзани со Исламот(нај често со џихадот), се огрешуваат тешко кон себе и кон муслиманите воопшто. Тие луѓе, можеби и несвесно, го помагааат формирањето на вициозниот круг кој што никако не се прекинува. Во меѓувреме, идејата која што доминира кај не муслиманите дека “Исламот во својата основа е поврзан со насилството“, се шири.

Погледнете што се случува наоколу. Сега, скоро секој насилен акт се прејудицира и без никакви аргументи му се припишува на Исламот, без оглед што во многу случаи испливуваат на површина факти од сосема друга природа. Но, ајде собери ги во вреќа перјата што еднаш ги разнесол ветерот.

Со години ги следам страничните ефекти на “исламскиот тероризам“ и нивното влијание на муслиманите кои што не живеат во земјите со мнозинско муслиманско население. Навредите и дискриминацијата на кои што се подложени муслиманите стануваат нивно секојдневие. Денес, секој човек што носи брада, секоја покриена жена, секој што оди во џамија е подложен на сомнежи. Денес се предлагаат  закони за забрана на носење шамија, се забранува градење на минариња, се попречува езанот, се пали јавно Куранот. Денес, еден човек што се спомнува како кандидат за претседател на Америка, јавно повикува да им се забрани на муслиманите влезот во Америка.

Во таква ситуација, на исто стојалиште сум со мнозинството муслимански интелектуалци што инсистираат дека сите ние што веруваме во Алах треба да одговориме мирно и сталожено. Да одговориш со насилство кон дискриминациите  чиј што еден дел самиот си ги иницирал, да поставуваш бомби од кои што ќе гинат недолжни луѓе и да сечеш  глави на заробеници, дефинитивно не е нешто што му чини чест на Исламот. Таквите акти сигурно немаат врска со исламските принципи според кои “ Должност е да се бориш за воспоставување на рамнотежа во друштвото, да си ја браниш верата, честа,татковината, да не дозволиш да бидеш поробен…“

Мирно и сталожено, научно и со аргументи, треба да му се објасни на светот дека Исламот ниту историјски, ниту актуелно, не е по насилна вера од другите, дека рајскиот мир што владее во нашите џамии на секаде низ светот, не е случаен. Тој извира од мирот Божји што го преферира Исламот, од рамнотежата што тој ја поставува.

Болно ми е кога слушам секакви “познавачи“ на Исламот што изникнаа како печурки после дождот и, ни по малку ни повеќе, го “анализираат“ Куранот. И тоа, не било кој негов дел туку деловите што говорат за употреба на сила.  Демек, “докажуваат“  дека сите лошотии што се случуваат низ светот, извирале од Алаховиот збор.Каква бласфемиа !

За жал, до тука се стасани работите. Мал е бројот на тие што се обидуваат да го слушнат звукот на мирот исламски и на неговата смиреност, сите го слушаат одекот на бомбите поставени од кој знае кој. Затоа, не можам а да не ја искажам мојата почит кон Претседателот на Америка, Обама, кој што деновиве посети една џамија во Америка и им рече на муслиманите дека тие се рамноправен и многу важен дел на Америка и на американското живеење. Но, не се однесуваат сите како Обама.

Свесен дека еден грст дискутабилни муслимани не можат да ја одредат судбината на исламот бидејќи тој е заштитен од Семоќниот Творец, но дека можат и им нанесуваат озбилна штета на  муслиманите, сакам да повторам по кој знае кој пат, и ќе повторувам постојано со гласот на мирот и смиреноста:

“  Исламот е против грубата и не одмерена употреба на силата, до толку тој забранува таква употреба на сила.  Исламот е против секој вид на претерување, посебно кога се работи за употреба на сила.  И кога треба да се употреби силата , исламските закони наредуваат одмереност. Исламот ја забранува злоупотребата на Куранското учење и на кажувањата на Пејгамберот Мухамед а.с. Вистинскиот Ислам наредува да се бранат верата, честа и татковината, но е изричито против неконтролираниот бес и потикнувањето на животинското кај човекот. Секој човек што живее во мир со Алах, живее во мир со самиот себе и со светот“.

Sulejman Redzepi 1Професоре, и по натаму верувам дека мирот и смиреноста се нај гласниот звук. Верувам дека нај кратките зборови, “Да“ и “Не“, всушност се зборовите кои што бараат нај подробна анализа и објаснување, бараат да се продлабочиме во последиците што можат да ги предизвикаат. Ако сме кажале “Да“ за Исламот, секако дека сме му кажале “Не“ на насилството и на тероризмот. Но, кога некои луѓе му велат “Да“ на тероризмот, тие јасно и гласно му кажале “Не“ на Исламот

Алах нека биде задоволен со вас, професоре.

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

 

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *