Почетна Коментар Словото убива, а Духот оживотворува
Словото убива, а Духот оживотворува

Словото убива, а Духот оживотворува

686
0

Постојат две интересни врсти на верници. Едните наводно се држат до словото на  Светото Писмо или на Светите Канони, но Го промашуваат Духот, а другите наводно се држат до Духот, но го промашуваат словото.

За првите е напишано: „словото убива, а Духот оживотворува“ (2. Кор. 3, 6). А за другите е напишано: „Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите: дали се од Бог, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот“ (1. Јован 4, 1), како и: „секој дух, што не признава дека Исус Христос дошол во плот, не е од Бог; тоа е духот на антихристот“ (1. Јован 4, 3). И едните и другите боледуваат од дуализам, од непросветленост на разумот.

Има неколку нешта што се забораваат при толкувањето на Светото Писмо и Светите Канони.

Прво, не секој може автентично да го толкува словото на Писмото и на Каноните, туку само оние што го надминале дуализмот во себе. Умот има една енергија и две функции – примарна и секундарна. Примарната функција на умот се остварува кога тој својата енергија ја насочува во лична и директна комуникација со Бог, додека, пак, секундарната функција се остварува кога умот преку својата енергија комуницира со овој свет. Секундарната функција на умот се нарекува разум.

Просветлувањето на разумот, односно просветлувањето на секундарната функција на умот, а со тоа и надминувањето на дуализмот меѓу двете функции на умот, се случува кога преку примарната функција на нашиот ум ја преобразуваме неговата единствена енергија, соединувајќи ја со Божествената несоздадена енергија, внатре во срцето. Просветлениот човек, ослободен од дуализмот, може да ги гледа нештата подобно на Божјото гледиште и да ја види поцеловитата слика за Бог, за Црквата, за човекот и за сѐ создадено, а не како што нашиот непросветлен и острастен разум ни го прикажува истото – парцијално, распарчено, спротивставено и површно.

Второ, при толкувањето на словото, треба да се има предвид големата слика – севкупното и неразделно Свето Предание; и пишано и благодатно. Светото Писмо и Светите Канони на Црквата, како и Богослужбените книги, се само дел од пишаното Предание на Црквата. Исто така, и списите на Светите Отци на Црквата воопшто не се помалку битен дел од пишаното Предание на Црквата. Отците, со својот просветлен и обожен ум, се автентични толкувачи на Писмото и Каноните; и ние од нив учиме денес што точно Писмото и Каноните сакаат да ни кажат. Благодатно-светотаинското Предание ни се предава преку Апостолското преемство во Црквата, а ние лично го усвојуваме преку аскетско-исихастички подвиг внатре во Неа. На крај, полнотата на Светото Предание, всушност, е Самиот Богочовек Христос како Глава на Црквата и самата Црква како Тело Христово, од Отецот во Светиот Дух.

Трето, Црквата не произлегува од Светото Писмо и од Светите Канони, туку Светото Писмо и Светите Канони од Неа. Затоа, како што рековме, нивното автентично разбирање и  толкување постои само во Црквата, од Светите Отци на Црквата – кои ја живеат полнотата на Нејзиното Свето Предание.

naum 1И четврто, Црквата треба да го проповеда, односно пренесува севкупното Свето Предание – Богочовекот Христос. Секако, Таа тоа може да го прави само во сила на Духот – на својата Света Литургија, преку своите светители и преку оние што се во Нејзино послушание. Не е во природата на Црквата притоа да се наметнува – Таа проповеда и пренесува пред оние што сакаат да слушнат и да примат. Но, како што вели еден Старец: „Што да ви кажам, деца, денес само слушате и учите, но ништо од тоа не се обидувате да спроведете во живот“.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *