Почетна Коментар Напразно потрошено време
Напразно потрошено време

Напразно потрошено време

447
1

Едно од најчестите самооправдувања за стагнирањето во духовниот развој, кое го користат христијаните што живеат во светот е: многуте световни обврски поради кои немаат време да се посветат на духовниот живот; дополнето со објаснувањето дека, сепак, тие не се монаси, туку луѓе со семејства и разни одговорности. Колку е сето ова точно?

Да се потсетиме прво дека нашиот ум има една енергија, а две функции. Кога ние ја насочуваме молитвено неговата енергија кон Бог, тоа дејство го нарекуваме примарна функција на умот; а кога неговата енергија работно ја насочуваме кон овој свет, тоа дејство го нарекуваме секундарна функција на умот, односно разум. Што е наша задача?

Наша задача е: преку молитвата да ја активираме примарната функција на умот, да оствариме лична заедница со Бог и Неговата несоздадена енергија, и во тоа општење што повеќе да се преобрази  нашата создадена енергија. Со други зборови, на тој начин, да ги чистиме постепено енергијата и суштината на нашиот ум – да го чистиме срцето од влијанието на страстите, да се стремиме кон откривање на местото на срцето и кон премин на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот. Истата задача можеме да ја оствариме и преку секундарната функција на умот, доколку во целосрдечно послушание ги извршуваме заповедите Божји и своите работни обврски – со вера и со свест дека тоа го правиме во слава Божја и за добро на нашите ближни.

Значи, доколку се потрудиме нашите дневни обврски да ги извршуваме во Духот на заповедите Божји и во слава Божја – односно како свештена богослужба, тогаш целото време, како и умната и телесната енергија потрошени на нив ќе вродат со наше духовно растење. Следствено, ќе ја задржиме духовната свежина и копнежот слободното време што во текот на денот ни останува посебно да го посветиме во остварување на примарната функција на умот, т.е. молитвата. Ова е содржината и на подвигот на општожителните монаси.

Што правиме ние? Најчесто, не се трудиме доволно да ги извршуваме нашите дневни обврски во послушание, свесно и согласно Божјите заповеди – во слава Негова и за добро на ближните, и затоа само се трошиме и заморуваме, а преостанатото време од денот, од очај и зависност, го поминуваме, на пример, пред разните екрани, како и во други начини на бегство од реалноста. Затоа, не е точно дека немаме доволно време. Заклучокот е дека имаме премногу напразно потрошено време; како и дека не знаеме како правилно да го поминеме времето.

Треба да сфатиме дека Бог од нас, на почетокот, очекува да Му го посветиме во молитва, колку што можеме повеќе, само слободното време, и дека само за ова време ќе ни бара одговор. Ако сме доволно искрени со себеси, ќе видиме дека нашето слободно време може да се мери со неколку часа – само во текот на вечерта. Во слободното време можеме и да прочитаме нешто од Новиот Завет, од Житијата на светиите или друга духовна книга и да се поучиме во православната вера. Доколку, пак, се потрудиме, во послушание, сето дадено време од Бог, колку што можеме повеќе, да го искористиме во исполнување на Неговата волја и во молитва, во тој случај, јас веќе не би гледал никаква разлика меѓу монасите и христијаните во брак.

Посакуваната цел на овој наш подвиг, во Црквата, е да ја надминеме внатрешната поделба меѓу примарната и секундарната функција на умот, така што тие да функционираат како една. Потврда за надминувањето е Божјиот дар на умно-срдечната молитва. Со надминувањето на поделбата на спомнатите две функции на нашиот ум почнува и процесот на неговото суштинско просветлување. Тогаш сѐ што правиме станува молитва. И дури тогаш на човекот му се отвораат духовните очи сето создание Божјо да го види не поделено и спротивставено како што изгледа, туку како едно цело, а во секој негов посебен дел да го види и целото – во заемно проникнување, остварено од Божествената несоздадена енергија (благодат) на Светиот Дух. И дури тогаш човек добива Благодат – природно да ги љуби сите и сѐ.

naum 1Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Едноставно кажано: имаш ли 30 мин. слободно време, ќе одговараш за тоа како си ги потрошил 30те минути; имаш ли 3 часа слободно време, ќе одговараш за 3те часа.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *