Почетна Коментар Ако Соборот не биде свет, нема да биде ни велик
Ако Соборот не биде свет, нема да биде ни велик

Ако Соборот не биде свет, нема да биде ни велик

334
0

Возљубени отци и браќа, Христос Воскресна!

Почнувајќи од недела на Педесетница, па во текот на следните 10 дена, на Крит ќе се одржи светиот и велик Собор, како што се нарекува. Тој Собор е сеправославен, со други зборови, учествуваат сите православни афтокефални Цркви со своите претставници од архиереите, предводени од своите претстојатели – патријарси и архиепископи. Некои го сметаат за Вселенски собор, иако од некои причини, особено во последниов период, избегнуваат да го наречат така.

Овој Собор е единствениот од таков обем во второто илјадолетие, односно единствениот после одделувањето на Рим од единството на останатите Цркви, или од телото на Едната Света и Апостолска Црква, како што исповедаме во Символот на верата. Односно јасна е големата тежина, надежта, и очекувањата коишто неговото свикување ги предизвикува. Затоа сметам за своја најголема пастирска одговорност да се обратам кон вас, за да ве запознаам со неговиот карактер и значење, зашто според нашето црковно предание народот не е само набљудувач на она што се случува, туку учествува со молитва со збор и преку својата правилна реакција во животот на Црквата.

Еден таков Собор се свикува во името на Троичниот Бог, пред сѐ со духовна цел, да го обедини телото на верните, да ги поткрепи, да им го покаже патот кон вистината, да го излекува немирот и истовремено со тоа да сведочи пред современиот свет во рамките на својата апостолска мисија, односно да им ја открие „на сите народи“ единствената Божја вистина, според заповедта на Господ. (Мат. 26, 29) Тој треба да го направи тоа, бидејќи се заснова на светото Евангелие, правилно толкувано, на свештеното Предание на претходните Собори, на учењето на светите Отци и се разбира, во тек е со  современите проблеми.

Разбирливо е дека посланието и словото на еден таков Собор треба да биде јасно, многу силно, пророчко, боговдахновено. Очекуваме од него, секако, да се отвори Божјата уста после илјада години соборно молчење и тоа во време „развратно и криво“ (Втор. 32, 5), полно со немир, компромиси, безизлез, заблуди, ереси, манија на безбожност, промена на долговековните  морални темели, војна на многу фронтови против човечката онтологија, во една епоха на световна несигурност, владеење на технологиите, самозатворање во виртуелен свет, на координирано богохулство,  масовно уривање на древните култури, насилно поместување на народите од нивните историски корени, на есхатолошко гонење на христијаните.

Гласот на Црквата треба да биде „глас на многу води“ (Пс. 28, 3), „глас на водопади“, да го потресе светот, да ги воскресне умртвените животи. Ако не сме подготвени за тоа, тогаш подобро да почекаме, подобро е макар и во последен миг Соборот да се одложи за подоцна. Да се сликаат заедно во Крит 400 епископи со вештачки насмевки кои претходно претурале од пусто во празно или потпишувале текстови без крвта на вистината или водата на животот, без острината на духовното слово, со неразбирливи богословски тврдења на схоластичка основа, со желба да ја прикријат вистината и разјаснат реалноста – сето тоа не само што ја убива суштината на Соборот, туку и неповратно ќе го сруши авторитетот на православното сведоштво денес и засекогаш.

Соборот треба да се одржи само ако има да каже и покаже нешто толку силно, кое ќе ја воскресне надежта на сите нас, кое ќе го просвети нашиот мрак, кое ќе ги отфрли сомнежите за политичките и егоистични користољубиви цели на нашето време, вклучително и црковни. Жедни сме – целата вселена – за вистина, надеж, светлина, сила, живот, за автентичност. Тие нешта недостасуваат во наши дни. Уморни сме од лаги, компромиси, посредувања, сомнителни користољубиви цели, мртви религии, ладна вера, религиозни преувеличувања без содржина, ситничаво и глупаво позерство, лицемерни прегратки.

Не го поднесуваме повеќе светскиот дух во Црквата, синкретизмот, нејаснотијата, двојазичноста, пиар – богословието, претворањето на Црквата од таинство на откривањето на вистинскиот Бог и откривање на Неговата волја во религиозно образование од светски тип.

Се надеваме и се молиме Соборот да биде и сведоштво за единство, што секако не е малку, но исто така да има и пророчко слово. Навистина, тоа што ќе се сретнат сите Православни Цркви и ќе објавиме дека и покрај различните јазици и ставови, и покрај недостатоците и човечките слабости, и покрај недоразбирањата и противречностите меѓу нас, покрај конфликтите, ние делиме една и иста вера во Троичниот Бог и во Богочовекот, нашиот Господ Исус Христос, во таинствата на Црквата и во човекот, и таа заедничка вера ја проповедаме и исповедаме – тоа е нешто многу големо и свето и само по себе го прави Соборот Велик и Свет.

Потребно е сепак и словото на Соборот да биде боговдахновено. Треба да остави, како и претходните Собори, трага во историјата, да му додаде чест и вредност на нашиот век како ништо друго (што би можело), да стави неизбришлив печат врз животот во Црквата. Да биде гласот Божји денес. Во спротивен случај нема потреба од него. Доволно ни е неговото молчење. Не сакаме да го слушаме човечкото слово на современите епископи, ниту да дознаеме како мислат најумните и најобразованите меѓу нив. Сакаме да го чуеме гласот Божји од устата на нашите епископи и многу повеќе од повик на нашиот Собор. Ако денешните христијани не бидат утешени, поткрепени и просветени, ако идните времиња не се навраќаат на тој Собор како кон извор на неоспорна вистина, тогаш која е причината за неговото свикување? Словото на Црквата не може да биде ни делумно, ни половично, ни недоволно.

И секако, не се малку нештата што ќе ги каже и треба да ги каже Соборот. Едно илјадалетие, вдахновено од богословска мудрост како таа на св. Григориј Палама, еден опит на непрестајно, постојано богослужение, толкувано од богослови и светии како Николај Кавасила и Симеон Солунски, еден живот, исполнет со исповедништвото и крвта на новомачениците, напоено со подвизите на големите аскетски личности како св. Серафим Саровски и нашиот современик св. Пајсиј, одбележано со знаменијата и чудесата на светии, вклучително и во денешно време, како св. Нектариј и св. Лука архиепископ Кримски, светиите на Руската Црква, на Балканските Цркви и на Грција, но и на целата екумена (вселена), еден пат во морето на Божјата благодат во црковно единство – сето тоа е невозможно да не се отпечати како „ново слово“во посланието на Великиот Собор.

Денес, кога човекот се претвори во биолошка машина или социјална единица, или со ефемерна идентичност и контролирана мисла, како е можно православното сведоштво за општењето на Бога, изразено и опитно доживувано во нашите храмови и манастири, во нашите таинства и живот, да не одекне како громогласен сеправославен крик во ова време?

Не можам да си замислам дека во век на подмолно и жестоко гонење на Црквата, на нечуена духовна глад, смут и „тага кај народите од неизвесноста и од шумот на морето и брановите“ (Лука 21, 25), во време на голема загриженост за последните времиња, Великиот и единствен таков Собор на православните христијани ќе се задоволи со прес – конференции, декларации и слики, сите испразнети од содржина и смисла.

Тој Собор е единствен после расколот до наши дни. Отпаѓањето на Западот од црковното дрво не можеше да не предизвика заблуди, инославни учења и ереси, погрешни мислења, за коишто одговорноста на современите западни христијани можеби не е така голема како што често се говори.

Но Соборот носи огромна одговорност да нѐ заштити од секоја слична опасност, не затоа што строго и безмилосно ги разобличува оние кои поради незнаење ги наследиле заблудите, туку затоа што ги разјаснува со болка, љубов и богословска прецизност.

Исто така бескрајно е голема неговата одговорност пред сѐ, истовремено да ги повика и православните христијани кон покајание, за да живееме следејќи ја вистината, која по Божја милост сме ја наследиле или сретнале на својот пат. За да се вратат другите, треба прво ние да се покаеме. Ако не го живееме тоа, тогаш страда Православието, што го исповедаме. И ако Соборот не ни го каже ова, тогаш тој може да е Велик, но нема да биде Православен.

Дали екуменизмот е ерес? Би можел ли при определени услови да биде благословен потфат? Секогаш ли антиекуменизмот е богоугодно исповедание? Може ли Црквата да биде една, односно да се стреми кон единство на христијаните, но не и кон соодветното мисионерско сведоштво? Може ли Црквата да биде католичка (вселенска) без да биде една, односно да стреми кон единство на христијаните, жртвувајќи ја својата единственост, или со други зборови, своето самосознание дека е Една, Света, Вселенска и Апостолска Црква?

Очекуваме од Соборот да ни прозбори убедувачки за единственоста, светоста, соборноста и апостолскиот карактер на Црквата со зборови на вистинско слово, на покајание и дејствителна светост, уважување и љубов кон инославните, а не со суетни, високопарни зборови или со компромисни тврдења кои звучат слатко и празно.

Имаме потреба да сфатиме какво е „благогвението кон преданието на Отците“, за кое нашите предци во Константинопол беа подготвени да умрат („нема да се откажеме од тебе, возљубено Православие, нема да те предадеме благоговение пред светоотечкото предание, … во тебе се родивме, во тебе живееме, во тебе и ќе починеме, а ако го  побара тоа од нас времето, за тебе и ќе умреме.“ (Јосиф Вриениј)

Ако нашиот екуменизам не е мисионерски и пророчки, не може да биде православен и црковен.

nikolaj mitrВозљубени мои браќа, ве повикувам сите вас кон смирено трезвеноумие, кон огнена молитва, кон борба и покајание, така што Бог да даде на тој Собор да се изрази Неговиот глас; соборниот глас да биде навистина боговдахновен и така да ни се роди во срцето увереност дека „жив е Господ“ и денес. Сите ние, целиот свет, има толку голема потреба од тоа! Само тогаш Соборот ќе биде свет по акривија, а не по икономија.

Ако Соборот не е Свет, нема да биде и Велик, а ако не е Велик, тогаш останува прашањето зошто треба да биде свикан.

Пишува: Митрополит Николај – Месогејски (ГПЦ)

Превод: Бигорски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *