Почетна Коментар Идолопоклонство на идиотизмот
Идолопоклонство на идиотизмот

Идолопоклонство на идиотизмот

630
1

И годинава се е исто.

Централна вест од денешниот Бадник ќе биде примопредавањето на бадниковиот ќуп, настан кој се случува во дворот на Соборниот Храм, Св. Климент Охридски и со благослов на Поглаварот на МПЦ, Архиепископот Стефан. Тој настан ќе го одбележи денот што во православната религија воопшто и не е дефиниран како празник. Туку како ден во очекување на радосната вест за раѓањето на Спасителот.

Ако два дена подоцна прашате со што и како го прославивте Божик, 99 проценти ќе ви одговорат со бадниково гранче, посна трпеза, паричка со лебче, греана ракија, песна и ора. Никој ништо нема да ви кажа за седми јануари. Оние кои денеска ќе дојдат да ја слушнат бадниковата химна, тие новокомпонирани ноти, оние кои ќе дојдат денеска да стојат мирно на кревањето на бадниковото знаме, на исто ниво со држаното и со знамето на МПЦ, оние кои ќе аплаудираат , а притоа в уста ќе држат чашка греана ракија и комад мезе, кога кумот ќе го крене ќупот високо, толку високо, да и на сам Бог му се огади, задутре ќе ги нема во Соборниот Храм. Некои презафатени по пазари да купат печење, други заспани од бадниковиот мамурлук, трети едноставно мислат дека Христовото раѓање го прославиле денеска.

Звучи идиотски, но можеби е најдобра дефиниција за она што се случува под предзнакот традиција, е она што вчера го прочитав како статус на социјалните мрежи. “Исус да знаеше дека со печени колбаси, греана ракија и вино ќе го дочекаат, никогаш немаше да се роди”.

Да напишете нешто против нешто, што во јавноста е изградено како перцепција на некаква традиција, по дифолт значи да го соберете гневот на себе. Но, за некои работи, кои веќе одамна излегоа од контрола, мора многу отворено да се зборува. Особено ако тоа се случува под закрила на Црквата. Прво како традиција се претставува нешто што според ниту еден критериум не може така да се дефинира. Но бидејќи традиција во Македонија е и ако три дена по ред се опиете во кафана. По таа логика ракијадата за бадник е традиција со педигре. Нели?

Не знам дали Архиепископот, Владиците, свештениците, теолозите, се свесни што им се случува на Бадник во Скопје.? Им се случува најопасниот вид на сквернавење на верата, најстрашно кршење на една од десетте божји заповеди и сето тоа тие го благословуваат. Учествуваат во него. Таа традиција, што една група скопјани упорно ја форсира, прерасна во идолопоклонство од најлош вид. Нешто што во христијанството се нарекува ерес. Да! Ваше Блаженство. И Вие тоа многу добро го знаете, но не знам зошто го толерирате!. Веќе две децении во Собарниот Храм, се гради култ, мит, се создава идеологија на почит, идолопоклонство кон еден земјен ќуп. (Им се извинувам на бадникарите, што не употребувам голема буква за нивниот свет предмет). Замислете, тоа е она што е најсвето, најзначајно… Тој ќуп се предава од еден на друг кум, секоја година. Тој трофеј се носи дома, со верување дека ќе им носи среќа на кумовите во текот на годината. Замислете ако не дај боже, скраја да е, пу пу… се скрши ќупот. И? Паника!!! Што сега??? Веројатно ќе мора целиот Синод да отслужи посебна, божествена ќуповска литургија за да го разбиеме малерот, кој може да не снајде и како држава. Го чекам денот, кога онаа група организатори ќе почне да ја носи таа моделирана земја меѓу верниците за да го бакнуваат и му се поклонуваат со стравопочит, исто како што го бакнуваат крстот на распнатиот Христос. Затоа што Благословот на Архиепископот, молкот на МПЦ значи соучесништво во замената на Христос со земјен ќуп.

Филозофијата на вистинската вера е за Божик со себе да го понесете Христос во своите домови, кај своите најблиски. Но, бидејќи тој не предмет, дома ќе ја понесете неговата љубов, почит, вера, неговите страдања, неговата надеж, што треба да ја добиете како слово од божиќната литургија.
За греаната ракија, колбасите, сармите… За гозбата де, не сакам ниту да пишувам. Затоа што ако идејата на групацијата која себе си се нарекува бадникари е да им се помогне на луѓето, сето тоа можат да го направат со донации и пригоден божикен ручек во двете народни кујни на МПЦ.

Не сум слушнал по идиотска теза од онаа што упорно 20 години се прераскажува од таа организирана група, а сите ја лапаат како аксиома. Идејата за таа гротеска што се случива пред Соборниот Храм на МПЦ, им дошла на ум на бадикарите, кога виделе на зелено пазарче како една стара баба немала пари да си купи бадниково гранче за вечерата и тие решиле од следната година да му влезат на Водно со секирите и после масакрот за дабовата шума, да ги делат бадниковоте гранчиња без пари.

slika marjanБадниковото гранче, според нивната теолошга едукација, го симболизирало Исус Христос и треба да се има дома. А бидејќи Христос се продава на зелено пазарче за пари, и не може секој да се го приушти, еве ние ќе го обезбедиме без пари и ќе го делиме пред Соборниот Храм. Немам коментар! Но, бидејќи јас го немам тоа ниво на теолошка наобразба, сакам само да прашам, може и некој од Владиците да ми одговри. Ако бадниковото гранче е Христос, тогаш која е логиката да го изгориме Спасителот во бадниковите огнови?

Марјан Николовски-Новинар

Коментар(1)

  1. Tocno e se sto kazavte, jas se nadevam deka ovaa godina ke ima dostoen pravoslaven kum koj ke go zeme kupot i ke go podigne visoko, visoko i ke go tresne na plockite pred Soboren hram vo Skopje i ke stavi kraj na ovaa nevidena glupost.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *